Ана Бунтеска: За некој ден

Добивај вести на Viber

Остави ја, не ја барај,


не вечерва, не утре,


остави ја да те одболедува,


да те откорне од себе,


да те исфрли како несакан плод од грешна љубов.


И не ја прашувај дали е добро, оти не е,


ја познавам, одамна ја чувам од сама себе,


избегнува да се гледа во огледало деновиве,


ја плашат темните кругови околу очите,


ги шминка механички, по сеќавање.


Насмевката ја има монтирано на усните,


замрзната е и не ја вади ниту во сон,


ниту дур спие свиткана како фетус,


небаре душата ќе и’ излета ако се исправи.


Пишува со згрчени прсти,


во тишина, толку густа што срцето си го слуша,


а ноќва на прозорец ја минува,


низ чадот од цигари ја гледа месечината,


се потсмева и вели “двете крвариме денес” .


Косата и’ е цврсто врзана во пунџа, дење-ноќе,


со тешка шнола, чии запци и’ го гребат темето,


само така не ги чувствува твоите прсти во неа,


само така не допира до неа твојот здив кој се впил


во црвената грива нејзина.


Остави ја,


не ја барај...не ја мисли,


нека ја закопа секоја љубовна мисла за тебе-во себе,


нека те исплачи и оджали,


остави самотијата утеха да и’ биде.


Остави ја,


за некој ден, сама ќе ти дојде,


тивка и мирна,


кротка и спокојна,


со насмев на усните.


Ќе ти дојде без бол, без страв,


со сјај во очите во кој нема да се видиш себе,


ќе седне до тебе оддалечена со телото само неколку сантиметри,


а со срцето илјадници километри подалеку од се’ што посака со тебе,


без грижа дека сенките можеби ќе ви се допираат на асфалтот.


За некој ден, сама ќе ти дојде,


како човек, како пријател,


така и ќе те љуби,


ќе биде нежна и мила,


мека и полна разбирање.


За некој ден, се’ ќе е поинаку,


таа ќе е некоја друга,


но, не сега...


не вечерва, не утре,


остави ја...сама ќе ти дојде, за некој ден.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска