Македонска гордост: Успешна адвокатка во срцето на Њујорк-Ивана Димитровска Рајчевска

Добивај вести на Viber

Патот до успехот не е лесен, особено ако кариерата ја почнете во Америка. Но, ако сте подготвени да правите отстапки за постигнување на вашите цели и соништа, ако верувате во себе и во своите способности, како и ако имате поддршка од вашите најблиски, може да се постигне сѐ. Ова е мотото на Ивана Димитровска Рајчевска (32) која живее во Менхетен, Њујорк речиси седум години. Од 2-ри јануари, 2025 вработена е како Immigration Specialist во OC Law-New York, адвокатска канцеларија посветена на имиграционо право. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, правни студии. Магистрирала на истиот Универзитет, отсек Финансово право и финансии, со просек 10- на тема: „Заштита на потрошувачите при склучување на договор за кредит“. По завршувањето на магистерските студии, го положила и Правосудниот испит во Македонија.


-Имав прекрасни студентски денови, исполнети со многу дружба, но и многу стрес. Среќна сум што стекнав многу пријателства за време на студиите, кои сум сигурна дека ќе останат цврсти без оглед на изминатото време. Никогаш не сум учела за оценка. Секогаш сум учела за да стекнам што е можно повеќе знаење, бидејќи уште како мала, мојот прекрасен татко ме има научено дека знаењето е нешто коешто никој не може да ти го одземе. Добиената оценка за мене отсекогаш била само лична сатисфакција – вели Ивана која во правото се вљубила кога нејзината сестра се запишала на правниот факултет “Јустинијан Први” при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје.


-Ми беше многу интересно да ги прелистувам сите тие книги и да ја слушам како учи правни термини. Уште тогаш решив да се запишам во СЕПУГС “Васил Антевски-Дрен” – Скопје на одделот правен техничар. Се преселив во САД во 2018-та година бидејќи сопругот имаше проект за кој требаше да биде тука. Долго ме убедуваа дека нема начин како тука да го работам она кое сум го учела, но јас знаев дека ако постои волја и желба, може да се постигне сѐ. Сосема случајно стапив во контакт со човек кој исто така студираше правни науки во Скопје, кој ме упати дека постои начин како да се стане правник, односно адвокат во САД со образованието стекнато во Македонија. Името на тој човек е Дарко Дејановски, кој сега е адвокат тука во САД, на кој сум му бескрајно благодарна што ми ја отвори вратата кон успехот тука. По дадените насоки и препораки од негова страна, се запишав на School of American Law, при Chicago-Kent College of Law, што ми овозможи да се стекнам со основно знаење за Американскиот правен систем – открива Димитровска Рајчевска.


По завршувањето на школата и добиената стипендија, се запишала на магистратура на Chicago-Kent College of Law, Illinois Institute of Technology, на смерот Trial Advocacy for International Students.


-Додека студирав на Chicago-Kent College of Law, го имав задоволството да сретнам неверојатни професори, секој експерт во својата област. По завршувањето на магистратурата, бев избрана да држам говор во име на сите интернационални студенти за учебната 2022/2023 година. Според мене, многу е битно да се имаат добри ментори кои сакаат да го пренесат своето знаење. Јас сум среќна бидејќи досега сум имала и се уште имам прекрасни ментори. Почнувајќи од д-р Јован Зафироски на правниот факултет “Јустинијан Први” при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Потоа, на Chicago-Kent College of Law каде ментор ми беше помошник деканот за програми за интернационални студенти, професорот Адам Вебер, кој воедно е поранешен меѓународен обвинител за воени злосторства во Канцеларијата на обвинителот  на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.


-Сега, на моето работно место, имам среќа што учам за имиграциониот систем во САД од искусен адвокат, адвокатот Филип Чичевалиев. По завршувањето на магистратурата, следен чекор беше полагањето на Правосудниот испит во New York. Тоа досега е најголемиот предизвик со кој што сум се соочила кога станува збор за мојата кариера. Го положив Правосудниот испит, и сега ги преземам останатите потребни чекори за да станам лиценциран адвокат во New York. Мислењето дека образованието стекнато во Македонија не се признава во САД е апсолутно погрешно. Патот е далеку од лесен, но ако сте спремни да правите отстапки за постигнување на вашите цели и соништа, ако верувате во себе и во своите способности, како и ако имате поддршка од вашите најблиски, може да се постигне сѐ. Неизмерно сум благодарна што имам огромна поддршка од мојот неверојатен сопруг, како и од целото мое семејство.


Ивана е помалата ќерка на покојниот новинар Предраг Димитровски кој остави големи траги во македонското новинарство.

-Растејќи, го гледав примерот на мојот татко, кој беше еден од најискусните и најпознатите новинари во Македонија. По запишувањето на студиите, ми се појави желбата и јас да станам новинар. Меѓутоа, со оглед на тоа дека одблизу гледав со колку предизвици еден новинар може да се соочи, решив сепак да продолжам по овој пат. Мојот татко беше неверојатен човек и родител. Човек со огромно знаење за македонската историја и македонското новинарство. Луѓето кои го познаваа го викаа жива енциклопедија. Беше огромна среќа и задоволство да се има родител каков што беше мојот татко. Горда сум што сум ќерка на Предраг Димитровски-Пепи – посочува Ивана, која загубата на својот татко ја доживеала како најтешката работа со која се соочила во животот.


-Тоа е огромна загуба за мене, за моето семејство, па и за Македонија. Отсекогаш сум се стремела да го следам примерот на моите родители. Секој ден сум благодарна што животот нѐ благословил мене и мојата сестра со прекрасни родители кои отсекогаш биле наша најголема потпора, како и за тоа дека нашите родители ни ги пренесоа вистинските вредности во животот. Со сопругот се запознавме во Грција во 2012-та година. Двајцата сме родени и израснати во Скопје, сме живееле прилично блиску, но не сме имале прилика да се запознаеме до тогаш. Мојот сопруг, Никола, е Senior Business Analyst во технолошка компанија во Њујорк. Никола пред сѐ е моја љубов, но и најдобар другар, животен сопатник, како и моја најголема поддршка – заклучува Димитровска Рајчевска .

Соња Алексоска Неделковска