Ана Бунтеска: Секогаш ќе најдеш причина

Добивај вести на Viber

Секогаш ќе најдеш причина

За некому грб да завртиш

И со веѓи споени да си заминиш

Та лутина во себе да држиш

Силно и цврство небаре дете е

И душата да си ја заробиш

Во кафез од кој бегање нема

Секогаш ќе најдеш причина

За збор од уста да ти се истркала

А со кој знаеш, ете баш знаеш

Дека засек длабок ќе направиш

Кој никојпат не ќе се залечи

Кој никојпат коричка нема да фати

Ами за навек ќе крвари

Секогаш ќе најдеш причина

Вистината да ја премолчиш

И во лага како во јамболија да се стуткаш

Мамејќи си го умот оти топло ти е

А молци ја изгризале волната

Чиниш си прекриен со едно големо НИШТО

Во кое лажна утеха ќе те успие

Секогаш ќе најдеш причина

За да избегаш од оние

Кои со молба во очите те гледаат

И со тага која на срце им стапнала

Та ќе се преправаш оти кратковид си

За да не слушаш туѓа мака

Наместо во нивните чевли да поодиш

Секогаш...

Секогаш ќе најдеш добра причина

За од себе да избегаш

За човек да не си

За белото да го зацрниш

За денот да го стемниш

За сино небо со молскавици да го сториш

За солза наместо насмевка

За пцост наместо благослов

Ама ајде...

Еве ајде да те видам

Секогаш да најдеш добра причина

Да се насмееш некому

Да пружиш рака

Да исцрташ сонце

Да погалиш

Да дадеш бакнеж во чело

Да имаш разбирање

Еве ајде...побарај во себе

Побарај и најди секогаш

Само една причина ЧОВЕК да бидеш


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска