Ана Бунтеска: Оти само љубовта, смртта ја навјасува
Многумина на рацеве ми умираа,
некои брзо и без мака очи склопуваа,
допрени од смртта со милост и без бол,
а некои со денови низ прстиве душата ја испуштаа,
полека, како песок кога се лизга низ стиснати шаки.
Проклети ми се дланкиве, проклети се,
повеќе смрт отколку живот имаат видено,
повеќе смрт отколку живот имаат погалено,
та сега на нив воздишки се налепени,
од оние последните, во душава душа не ми остана.
Некогаш ги гледам, ги вртам на светлина
и можам да се заколнам дека ликови на нив се втиснати,
познати и драги лица што одамна ги нема,
па ќе си се погалам, небаре мирисот ќе им го сетам,
за да ми се вратат спомените, да ги почувствувам уште еднаш.
Многу души, мили и блиски на дланкиве ми тежат,
колку и да ги тријам, во мене преспиваат,
како ситни прашинки насекаде ги оставам,
со секој допир дел од нив зад мене се рони,
а сепак на рацеве уште ми седат.
Многумина на рацеве ми умираа,
а пак, многумина што во мене умреа, уште живи се,
во срцево ги закопав и тие најмногу ме мачат,
оти од нив да се простам не можам, во душава жигосани се,
оти дланкиве како суви гранки по нив ми свенаа.
“Еден ден” така баба ми велеше,
“eден ден кога свое чедо и своја љубов ќе имаш,
eте тогаш рацете ќе ми ти олеснат, ќе ти залечат,
крила на нив ќе пораснат, леки ќе ми ти бидат,
оти само љубовта, смртта со убост ја победува”.
Ете, затоа те допирам, по лицето те галам,
телото нежно и со милост ти го поминувам,
ете затоа ќерка ми дур спие, со здивот нејзин рацеве ги одмивам,
за да заживеам, за конечно на смртта да заборавам, за да ми цути љубовта,
оти само таа, така баба ми покојна велеше, само таа смртта ја навјасува.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска