„За 20 дена имам свадба и треба да симнам 16 килограми“ – Тања Турунџиева, открива како до совршена линија
Поминаа празниците и секоја година овој период актуелно е кога на диета? Од утре, од среда како среќен ден или од 1-ви?!?
Според една од најдобрите и најискусните нутриционисти Тања Турунџиева, желбата за повитално тело, подобрено здравје и целокупна благосостојба на организмот не се прави со импровизации.
-Често знаат да ми кажат: „За 20 дена имам свадба и треба да симнам 16 килограми.“Па, ниту пластичен хирург не би можел да го искрои телото, за да Ве воведе во ред, а камо ли јас. Треба време, трпение, дисциплина и позната здравствена состојба, за приготвување на персонализиран режим на исхрана.
За жал, кај нас треба да се наруши здравјето, за некој да направи промена во исхраната или пак да зголеми килограми и дури тогаш да се одлучи да направи промена во исхраната – открива Турунџиева.
Нејзината парола е „Здравјето се чува секој ден, а не само кога ќе се наруши“
-Хранете се здраво и правилно, оти храната може да биде лек или уништувач на нашиот организам и метаболизам. Покрај здравата храна, мора да има физичка активност, чиста мисла и позитивен дух. Имајте здравје секој ден. Тоа е нашето најголемо богатство и најголема инвестиција. Се губи за миг, ако не се чува како треба – вели таа.
Во продолжение следуваат нејзините совети како да се постигне тоа.
На организмот му се потребни сите основни елементи
-Противник сум на елиминирањето на некои нутритиви или, пак, на нивно форсирање, особено кај оние што прават експерименти за што побрзо да ги симнат килограмите, преку ноќ. Но, на организмот му се потребни сите основни елементи – му требаат корисни протеини, јаглехидрати, масти, му требаат и корисни житарки, свежо овошје и свеж зеленчук и најважно од сѐ – течности. Познати сме како нација која многу малку пие течности и ако се чудиме зошто на ова поднебје има толку многу целулит, дури и кај оние што редовно вежбаат, тоа е поради тоа што во исхраната имаме апстинација на течности и голем внес на заситени масти кои се на црната листа на производи - белиот леб, белото брашно, белиот шеќер, многу сол, присуство на индустриски преработки од месо и млечни производи.
Не е важно само здраво, туку и правилно да се храниме
-На пример, во сусамот има најмногу калциум од сите нутритиви што постојат, но едно е кога го јадеме во сирова форма, а друго е кога го јадеме во термички обработена. Еден од групата најагресивни алергени е токму печениот сусам. Исто е и со свежата брокула, која сега е актуелна, или карфиолот. Конкретно брокулата изобилува со фолна киселина, калиум, калциум, магнезиум, со големи количества железо и меѓу другото и со Ц-витамин. При термичка обработка, па макар и две-три минути, дури и на пареа или во врела вода, автоматски се губи Ц-витаминот. Штом ќе се изостави од органската структура на нутритивот барем еден од минералите или витамините, тој веќе ја нема вистинската органска структура.
Преферирам сета храна да биде тазе приготвена, базирана на производи од моменталната сезона и во никој случај да не е пржена, па макар и некој што парадоксално користи маслиново масло за пржење – пржената храна е канцерогена независно во какво масло е подготвена. Добрата организација ќе ни овозможи лесно спроведување на здравите навики, при што важно е да се знае дека сета подготвена храна трае 24 часа, што дозволува оброците да се подготвуваат и еден ден порано.
Индивидуален пристап кон храната
-Пристапот кон храната треба да биде индивидуален, согласно потребите на организмот, заболувањата и индикациите што ни ги дава организмот, но можеби потајно ги игнорираме. А таа индикација точно ни кажува што се случува со нашиот метаболизам, со имунолошкиот систем, со организмот, со ендокриниот систем, со виталните органи итн. Значи, ако навреме ги забележиме индикациите, ако побараме лекарска помош, брзо ќе го решиме проблемот. За жал, кај нас ништо примарно не функционира, туку секогаш е терцијарно - прво, секој на своја рака пробува нешто, па се консултира со интернетот... лутањето ни одзема време што во одредени ситуации може да биде и пресудно, дури и фатално, да заврши онака како што никој не сака да заврши.
Не секој лек во форма на храна е компатибилен
-На пример, оние што имаат проблем со бубрези не смеат да земаат цитруси, потоа, при антикоагулантски терапии се исклучуваат црвеното зрнесто овошје, грејпфрутот, зелениот листен зеленчук поради витаминот К, но, не смееме комплетно да го исклучиме неговото примање бидејќи тој е во нашиот метаболитички синџир. Секој витамин и секој минерал треба да бидат дозирани онолку колку што му требаат на организмот за да не направиме хипервитаминоза или хиперминерализација бидејќи потешко е да се дијагностицира такво нарушување отколку самата дијагноза на заболувањето. Не секојпат грчевите во мускулите се недостиг на магнезиум или калциум, може да биде и хипервитаминоза кој дава таква индикација. Паѓањето на косата не може да биде само недостиг на железо или на цинк – да не го заборавиме и биотинот, односно витаминот Х кој е од суштинско значење за убава коса и убави нокти. Само во ситуации кога станува збор за некоја екстремна фаза или кога организмот не може да се надополни на природна основа, дозволувам суплементарно да се дополни исхраната. Мора да се надоместува недостигот на Д-витаминот, особено кај оние што имаат проблем со имунитетот и кај кои има постоење на автоимуни заболувања. Или во случај на акутни анемии кога железото е во енормно ниска граница, потребно е присуство на суплемент железо, Ц-витамин, но и на бакарот како еден од суштинските минерали што потпомагаат во ваква ситуација.
Треба ли да внесуваме шеќери?
-Не смееме да ги занемариме и природно цедените сокови кои треба да се пијат преку цел ден за да го одржуваме нивото на гликемија во константа. Се разликуваат три типа шеќери - моносахариди, дисахариди и полисахариди, а од нас зависи како ќе ги внесуваме и со кој тип шеќери ќе се хранат нашите клетки. Од друга страна, во одредени ситуации при постоење габични инфекции, иако овошјето е многу здраво, во никој случај не треба да се внесува бидејќи познато е дека габата се храни со шеќер. Токму затоа мора да знаеме што индивидуално се случува со нашиот организам за правилно да го внесеме она што му е потребно.
Поделба и временско ограничување на оброците
-Секој има сопствен дневен биоритам и затоа е илузорно да постојат временски ограничувања на оброците. Не може да си зададеме забрана за внес на храна по 20 часот попладне ако знаеме дека имаме умствена работа до 1 часот по полноќ. Нашиот ум ќе биде фрустриран, 100 пати ќе го отвориме фрижидерот и на крај, кога ќе се истрошиме и ќе ни падне нивото на шеќер, ќе бидеме во состојба да изедеме сѐ. Секогаш може да изедеме свежа салата што во себе има корисни витамини и минерали доволни за нашиот дигестивен систем, нашиот организам, а најмногу за нашиот ум од кој почнува и завршува сѐ, да биде снабден со корисна храна и т.н. „празни“ калории.
Едукација од најмали нозе
-Децата уште од најмала возраст треба да се воспитуваат на здрав и правилен режим на исхрана. Мајките најмногу се грижат до првата година на детето, кога се трудат најздраво да го хранат, но потоа смоките не треба да бидат замена за ваквата храна. На тој начин се ослабува имунолошкиот систем, а да не зборуваме што сѐ внесува детето - од емулгатор, конзерванс, вештачка боја, па сѐ до аромат што му прави агресија на имунолошкиот систем. Не треба ниту да се откажуваат кога детето не сака одреден тип храна, напротив, преку игра и едукација, упорноста секогаш се исплати, само треба да се има цел. Ако вие не му понудите друга алтернатива на детето, ќе огладнe, па мора да го изеде оброкот, како во некое друго време, додека ние растевме, кога важеше правилото - ако не ја изедеш боранијата за ручек, за вечера нема да добиеш ништо друго.
Поинаква помош од нутриционистите
-Речиси и да не паметам кога, во скоро време, некој дошол во „Тагама“ за да симнува килограми, туку најчесто ги води некој здравствен проблем. Многу ми е драго што во последно време самоиницијативно конзилијарно се организираме тимски за да решаваме одредени здравствени проблеми. Гинеколози, имунолози, нутриционисти, затоа што знаеме дека во интерес на таа индивидуа многу ќе помогне кога тимски се работи. Сме имале навистина многу добри резултати особено кај оние жени што не можеле да реализираат бременост, но кога ќе се вклучат неколку стручњаци, кога заеднички секој во својата област го решава својот проблем онака како што треба – стручно, тогаш и тоа како има успех на крајот.
С.А.Н