Само Господ да не те бележал

Добивај вести на Viber

Не постои поголем страв од помислата, да не му се случи нешто на моето дете. Кошмар од кој се плаши секој еден родител.

Секое ѕвонење на телефон во ниедно време, прво ја носи таа помисла.

Секое негово не-кревање на телефон, исто така прво на тоа се помислува.

Тоа се такви потиснати стравови, со кои секој еден родител спие, јаде, се буди, оди на работа, се враќа… и којзнае дали некој пат, научува да живее со нив.

Татковците малку попристојно се носат со оваа состојба, додека мајките ова го манифестираат на ниво на “падавичарски напади“.

Кај е, што е, со кого е, коа ќе си дојде, со кого се дружи, јаден ли е, облечен ли е…!?

Листава може да наброи уште безбрј што смислени и измислени, што бесмислени прашања на тема “добро ли му е на моето дете“.

Нема тука логика, ниту разум. Не ја ни барам во писаниево. Тоа е така, па така.

Тој трепет на душата, срцето и телото го знае секој еден родител. Секоја една мајка и секој еден татко на свој начин.

Старите имаат многу изведени поговорки на овие теми, кои и ден денес, пренесувајќи се од колено на колено, се‘ уште се употребуваат.

- Две деца од иста мајка и исти татко, едното чурук, другото саглам.

- Животот ќе му го дадеш, за на крај да ти рече “што си направил ти за мене“!?

- Дете се гали, само додека спие.

- Дете може да те направи и царица и магарица.

- Такво е детето-накриво насадено!….

Има безброј вакви мудрости, изведени од што друго, ако не од животот и сите заедно имаат еден заеднички именител, а тоа е дека и на глава да се превртиш и наопаку да зстанеш, некои работи се просто ете така, сами од себе зададени и не им можеш ништо.

Има деца и во дом оставени и напуштени и од мајка и од татко, па од нив ќе излезат прекраси суштества.

Има и такви на кој и од пиле млеко им е принесено, па за ништо не ги бива. Во монструми се претвараат.

И обрато секако.

Оставени и напуштени и претворени во монструми, па ќе речеме, “а што друго може да се очекува од тоа дете, освен да се претвори во монструм“.

Исто како што има и деца и галени и пазени и сакани, та од нив милина ќе излезе. Иста таква, каква што им била дадена.

Се‘ има и сите можни комбинации се вкрстени.

Но, има една опака мудрост, од која морници полазуваат.

Вели - ќерко, или синко, сеедно - нека те покажуваат сите со прст и комшии и роднини и пријатели и другари и другарки, гледај си напред и ич гајле да не ти е. Оти нивниот покажан прст, та бил, та не бил, ама ако Господ те покажал со прст, е тогаш ти нема спас. Бележан си и тука ти е крајот.

Старите порано вака ги објаснува сите случени надејни, или ненадејни несреќи кои отсекогаш се случувале. Од како постои светот и векот.

Порано, можеби имало помалце, оти помалку сме гледале телевизија, немало социјани мрежи, па оттаму и помалку сме знаеле.

Така му било пишано. Судбина. Така му ч’кртнале наречниците на треќа вечер.

Се‘ се ова реплики со кои порано старите, па и до ден денес, оние кои ваквите приказни се‘ уште ги пренесуваат од колено на колено, ќе речат, кога ќе се случат несреки, за кои човек занемен останува.

Не знам што друго да кажам. Душата ми е искривена наопаку и за Фросина, која само 5минути подоцна да тргнеше, веројатно се‘ уште ќе беше жива и за Јован, кој ете накриво е насаден, а се‘ му било дадено, ама ко што може дете да те направи царица, или магарица, никој друг не може. Оти такво е детето и оти дете се гали само додека спие.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: