За кого? - За Македонија

Добивај вести на Viber

Не сакав да го започнам ова писание вака, ама морам.

Среќа што овој пат, за разлика од европското првенство во ракомет, немаше реклами, во моментите на тајмаут на тренерите, кога ќе моравме истиот тој наш тренер Кирил Лазаров да го гледаме по разни казина, коцкарници и кладилници.

Дали си ја сфатил грешката, па платил отштета да се прекинат тие реклами со него, или пак казината во моментиве паузираат со тие реклами, можеби им завршиле договорите и нему и на Пандев и на Иџе, или пак Македонската телевизија, решила да не емитува такви реклами за време на ова Светско првенство.

Не знам која е причината, а знам дека најмногу би сакала да е првата. Сите тројца да си ја сфатиле грешката, па се откажале. Ова би бил најлогичен потег, откако цела нација ги стави на столбот на срамот.

Сите грешиме понекогаш, јас прва и тоа многу пати во животот. Ќе седнам еден ден и ќе си ги напишам сите мои грешки.

Но тоа се лични, приватни, грешки со кои изобилува мојот живот.

Ама мислам дека кога би ми дале пара, која не се одбива, односно пара како во „Непристоен предлог“, со Деми Мур, да рекламирам на телевизија јавна куќа на пример, се надевам дека разумот би ми бил над „мирисот на парите“ и дека би одбила.

Сакам да верувам дека така би одреагила.

Глупаво е човек да тврди чесност, без да биде во ситуација да биде ставен на искушение.

Сите сме паметни преку другите. А нам кога ќе ни се случи, тогаш си наоѓаме оправдание.

Веројатно исто така и Кире и Панде и Иџе си нашле оправдание, истиот момент, кога се согласиле и потпишале дека нивниот идентитет ќе биде ставен на „коцкарски тапет“, поради „мирисот на парите“.

Точно е дека во еден момент еден дел од светски познатите спортски имиња почнаа да рекламираат коцкарници.

Ама и тука имаше селекција.

Никогаш на таа листа не го видов Ѓоковиќ на пример, или Зидан, или Дончиќ, М’бапе, или Карабатиќ Никола на пример …

Има тука разлика нели.

Е за тоа зборам.

Мислам дека не секој би прифатил, без оглед на износот на понудата и без оглед на популарноста, со која би се стекнал, појавувајќи се на телевизија.

Исто така мислам, дека кај овие нашиве тројца, не се работи за „пара која не се одбива“.

Не сум сигурна, ама мислам дека хонорарот за која ја потпишале оваа глупоштија, не може да е повеќе од 1 до 5% од нивното конто во банка, кое го имаат заработено во нивните блескави кариери. Сите тројца.

Дали вреди за 3%, да бидеш 100% осуден од целата јавност, во земјата во која си се родил.

Секако дека не!

Дали може човек во животот да направи грешка во која ќе верува само 3%?

Може. Се случува. Секој од нас има по нешто вакво во својот живот. Прва јас, ама друг пат ќе пишувам за тоа.

Потрошив скоро пола од писаниево, за да најдам причина да му простам на Кире, за да можам да му честитам за мајсторијата, за блескавата мајсторија со која ги спреми нашите ракометни херои.

Тешко ми е да му простам, бидејќи тоа ми беше гнев и горчина, која ми го преврте срцето во однос на него.

Го обожавав. Му се восхитував, го доживував како ракометен крал. Не само ја, цел свет. Беше еден од најдобрите ракометари на светот. И затоа, ќе ми остане дамка, која веројатно, со тек на време само ќе бледее, но не верувам дека некогаш целосно ќе исчезне.

Исто како што никогаш ниту нашите животни грешки, не избледуваат, туку само научуваме да живееме со сознанието дека сме ги направиле, но никогаш не ги забораваме.

Има нешто драгоцено сепак и во грешките.

Тоа се такви „неопевани“ лекции, кој можат да не доведат и до блескави животни победи.

Можеме да сфатиме што сме направиле и како пандан на тоа да станеме еден вид „сопствен закон“.

Токму таа грешка, може да има моќ да го извлече најдоброто од нас.

Да сакаме да си докажеме прво себе, а потоа и на светот, дека сме свој сопствен Божји закон, дека сме си ја сфатиле грешката и дека сега сè ќе направиме за да се искупиме.

Можеби ми е малку „Петарпановски“ целава оваа приказна, ама јас сакам да верувам во овие зададени чесни Божји закономерност.

Божји ли се, космички ли се, сеедно. Олицетворение на праведноста се.

Кире на ова Светско првенство беше маестрален, на ниво на светски калибар на тренер.

Тоа се заблежуваше на секој чекор и во секој еден момент.

Прво преку почитта што ја добиваше од речиси сите големи светски ракометни ѕвезди. Сите доаѓаа да го поздрават. Почитта и респектот што го имаше од сите наши ракометни бисери. Го слушаа како икона. Мислам дека секоја негова идеја и акција ја извршуваа како по ноти. Кире беше маестралниот-маестро-диригент, кому оркестарот на ова Светско првенство му отсвире совршена хармонија.

И конечно респектот од секоја една репрезентација, па дури и французите кога излегоа на терен да играат против нас. Се гледаше тоа.

Овде исклучок правам само во однос на данските судии, кои во име на којзнае што, свесно направија неколку судиски грешки.

Но и за тоа си има судиски рејтинзи, правила и закони, кои веројатно, ќе мора да ги сносат овие двајца судии во иднина.

Во секој случај Кире и неговиот оркестар ни ја отсвиреа повторно најубавата Македонска химна на ова Светско ракометно првенство.

За кого? - За Македонија.

Ти благодариме Кире тебе и на твојот маестрален тим.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: