Ана Бунтеска: На душава залепена љубовта кон тебе ми пее

Добивај вести на Viber

Сите твои зборови на кожава ми лепат,

со невидливо мастило исцртани,

ме жигосуваш за твоја да сум,

небаре моќна сум за да си заминам.

Сите твои воздишки на градиве ми лепат,

во телово се впиваат и мои стануваат,

ме вдишуваш и задржуваш како последен здив,

небаре знам да дишам без тебе.

Сите твои допири на срцето ми лепат,

буричкаш низ него, ми го составуваш,

како никогаш скршено да не било,

небаре првпат почнува да чука деновиве.

Сите твои погледи во очите ми ги врежуваш,

низ нив во мене продираш, во утробава ми виеш,

а зелениве стакла светат како полна месечина,

небаре сега, на овие години прогледуваат.

Сите твои насмевки на усниве ми лепат,

како бакнежи нурнати во мед и цимет,

слатко-лепливи, лековити и сласни,

небаре љубовта на образите ми ја размачкуваш.

Сите твои зборови што на кожава лепат

и воздишките што на градиве ги носам,

сите допири и погледи што на себе ги сетив,

сите насмевки, сиот ТИ, во мене те оставам да спиеш.

За возврат кожава како платно ти ја подарувам,

градите и срцето за сон ти ги чувам,

очите и усниве, за преку нив приказни да ти раскажувам,

дур на душава залепена, љубовта кон тебе ми пее.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска