„Современата жена би требало да биде ослободена од канџите на слугинка и да биде со партнер кој не е помагач, туку и тој креира партнерството“: Интервју со пејачката Билјана Ѓошева

Добивај вести на Viber

Некои ја паметат по нејзиното учество по музичкото шоу за таленти „Македонски Идол“, други пак како женскиот вокал во бендот на Петар Ренџов, а нешто последно беше соработката со Дац и Александар за песната „Воли ме, сакај ме“.

Билјана Ѓошева која има одличен вокал, можеме со право да кажеме дека и одговараат сите жанрови на музика, бидејќи сме ја слушале во латино, соул, па дури и боса-нова изведби. Без разлика дали е како соло изведувач или во група, она што ја води низ животот е музиката.

Ги сака патувањата, театарските претстави, возењето велосипед, а кога не би била пејачка сигурно би била негувател на животни, иако по професија е педагог.

Вљубеничка е на животот, а предизвиците кои и ги сервира ги гледа како значајни елементи за нејзин напредок како личност.

„Кога ќе паднам знам упорно и вешто да се подигнам и да се потрудам да го одржам ведриот дух со позитивна промена која најпрво почнува од мене, а во најголем дел се должи и на оние без кои секоја радост, тага или поделено залче не би имале смисла кога би ги чувала само за себе“, вели Билјана за Женски магазин.

Нашиот разговор го започнавме со прашањето „Како си?“, па потоа ја прашавме е колку често го добива како прашање од најблиските, но не од љубопитност туку колку некој вистински се интересира.

„Јас сум благодарна за се што имам во животот, а самото прашање во овие времиња стана еден шаблон во секојдневната комуникација и луѓето кои вистински се загрижени за тоа се сепак во мал број“.


Музичкото искуство на „Идол“ го гледа како директна влезница во музичкиот свет со тоа што веќе нејзиното име беше познато на јавноста поради појавувањето како учесник во ова музичко натпреварување. Кариерата ја продолжи со бендот на Петар Ренџов – „Тумбао Салса Бенд“, потоа и како уличен музичар на плоштадот, гостинка во песната со Дац и Александар, а неодамна и на српското шоу „Никогаш не е доцна“ како придружба на Зоран Рудан – Цеки.

„Вечерните свирки веќе одамна ми го диктираат животот и би рекла дека моето патешествие како вокален изведувач е навистина шарено. Она на што сум насочена секојдневно е да бидам добра со себе за да бидам добра и за другите. Тоа е нешто што ми дава волја да продолжам, а музиката само го надополнува тоа што вистински ме храни – кохезијата меѓу нас луѓето“.


Билјана има вокал кој може да се адаптира на кој било жанр, тоа е голема предност за еден музичар, па затоа и ја гледаме во различни музички проекти.

„Можам да кажам дека моите колеги и оние што ја следат мојата работа се веќе навикнати на тоа дека добро се снаоѓам со разни стилови и тоа е веројатно некоја вештина кој се должи на музикалноста како главна нишка на уметноста која нема граници. Среќна сум кога пеам латино – американски стилови, соул музика и bossa nova како еден исклучителен предизвик за мене затоа што таа музика навистина ја живеам. Ова задоволство исто така се преточува и во друго задоволство кога од публиката најбарани се македонските и екс-Ју хитовите, па и таму го давам најдоброто од себе и на некој начин си давам слобода да пронајдам убавина во секоја песна и приказна и да ја пренесам на посакуваниот начин за исто така публиката да биде среќна и задоволна“.

Почетоците на Билјана беа како тимски играч и вели дека низ годините ја следи истата вибрација и сè уште не е излезена од таа рамка за да се истакне како индивидуалец.

„Како и за се во животот сметам дека чувството за промена доаѓа природно без форсирање и тогаш можеби се случува најдоброто од себе во перфектни услови. Можеби мојот пат е токму таа зрелост која веќе излегува на површина и ќе реши да го даде потребното парче душа која доживеала доволно емоции од сите размери за да почне да зборува преку музика“.

Приватно е сосема обична девојка која сака да вози велосипед, патува, оди во театар, гледа филм, сето ова го прави кога нема музички ангажман.

„Јас сум некој што сака да прави добри дела дури и да не бидат со иста мера возвратени, секогаш се трудам да бидам некој што го разбира другиот, покажувам емпатија и не се срамам од своите чувства и емоции. Сакам да гледам добри филмови, да се надоградувам со општествени, културно-уметнички содржини во кој било формат, пишана форма, дигитален, медиум или следење во живо, театар, претстава, концерт, сакам да возам велосипед понекогаш, да пливам и да се сончам, уживам кога патувам тоа ме прави навистина многу среќна и како што велат колку повеќе патуваш и колку јазици знаеш си побогат, уживам во тоа богатство. Не сум кариеристка, навистина ги ценам тие основни работи кои го чинат човек возвишен и за мене не постои материјално добро кое може да го замени тоа чувство на баланс меѓу љубовта, заедништвото, поддршката, довербата, пријателството и слободата како една благородна форма кога се ова споменатото е во една нормална и здрава граница. Здравјето пред сè, иако со љубов и верба здравјето добива друга димензија и ти ја менува хемијата во телото и умот. Љубовта е лекот за сите внатрешни борби, сигурна сум во тоа.

Иако Билјана по професија е педагог каде студиите ги завршила на отсек педагогија на Филозофскиот факултет, тргнала по патот на музиката. Но не заборава колку оваа професија е важна и колку може да влијае во растот и развојот на едно дете.

„Тоа е навистина една одговорна професија и на овие простори дури и неблагодарно се наградува. Не знам,можеби во иднина би отворила некоја своја приватна градинка, иако од времето кога студирав и до сега мојата еволуција претрпи измени и се насочи премногу на љубов кон животните, па кога не би била пејачка сигурна сум дека ќе бидам негувател на животни и би имала своја фарма со животни“.

Со Билјана разговорот го продолжуваме на тема нега и убавина со куси прашања и одговори. Еве што таа ни одговори:

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

Јас не сум тип на девојка која следи трендови и слепо верува на се што се нуди на пазарот. Така што своевремено немам некоја посебна рутина со куп производи како што тоа го прават денешните девојки. Ритуалот е миење лице, одржување хигиена. Хидратно млеко за тело, по некоја пилинг маска за стапала.

* Со какви препарати го негувате лицето?

Користам L’Oreal крем за лице, Hada Labo серум за лице кој сè уште не можам да го потрошам (значи не го користам редовно) и еден крем на Еmbryolisse кој го користев неодамна за прв пат и бев навистина задоволна од квалитетот.

*Посетувате ли козметички салони?

Козметички салон конкретно за третман на лице имам посетено само два пати за чистење и освежување на лице, а што се однесува за останатите услуги како маникир, педикир и слично и тоа е нешто кое не го правам пречесто на некоја одредена временска дистанца, најголемиот дел од тоа го правам во домашни услови.

*Кои производи ги употребувате за нега на коса?

За нега на коса освен шампон кој понекогаш е некој ексклузивен, а некогаш најобичен и поприроден (бреза или коприва на пример) често знам да користам и по некои масла за коса. Најново ми е маслото од кактус кое го купив од Тунис.

*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

Во овој случај би кажала дека ги прикривам подочниците кои се резултат на непроспиени ноќи и легнување доцна навечер. А истакнувам во зависност од тоа што бара комплетниот изглед, понекогаш очите, некогаш усните.

*Кои се Вашите омилени козметички производи?

Омилени козметички производи ми се мирисни лосиони за тело, интересни сенки за очи и парфеми.

*Што носите секогаш во Вашиот несесер?

Во мојот несесер најчесто се наоѓаат моливчиња за усни, моливчиња за очи, кармини, камена пудра, римел, огледалце …

* Омилен парфем?

Ова е мојата омилена тема, кога се работи за парфеми можам да кажам дека сум голем фан, имам многу омилени, би ги издвоила како број еден Bvlgari Mon Jasmine Noir, Nisane Hacivat, Infiniti No. 2, White Tulip-Masssimo Dutti, Cloud – Ariana Grande, L’Imperatrice и така натаму, имам користено навистина премногу парфеми, но не жалам за таа инвестиција бидејќи е нешто во што уживам и се чувствувам добро.

*Како ја одржувате линијата?

Нема посебен трик за одржување на линијата кај мене, кога ќе почувствувам дека ми треба промена во однос на тежината лесно се справувам со истото, јадам по умерено. Не сум некој вежбач, но знам често да пешачам и да бидам активна без да почувствувам дека всушност сум потрошила доволно калории во текот на денот. Инаку обожувам храна и сметам дека сум баш гурман кога се работи за јадење храбра сум да испробувам нови вкусови како и во животот, не се плашам од нови работи и сакам различни доживувања тоа ми го полни срцето.

* Како би се опишале себе си? Што е она што Ве движи напред?

Јас сум абсорбер на надворешни енергии, мојата професија честопати знае да ме „исцеди“ бидејќи публиката ужива и се воодушевува, а не секогаш се рефлектира со позитивен исход кај нас изведувачите. Ме движи искреноста кај луѓето, радоста за туѓиот успех и среќа. Ме движи безусловната поддршка од надворешниот свет и блиските, љубовта и конекцијата со моето милениче Кики кое е член на семејството и секогаш ми е тешко да изговорам дека е куче.

* Дали надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток?

Надворешната убавина можеби е пресудна за да бидеш побрзо забележана, но не е главна одлика на една убава жена одвнатре и однадвор. За жал иако бурно и будно денешниот свет е против промискуитетни профили сепак таа селекција е секогаш во игра, колку и да е во мода да бидеш добра и достоинствена личност (бидејќи очигледно има дефицит) неморалните личности сепак владеат во ова време.

* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

Се восхитувам на домаќинките, на семејните дами, родители кои вешто се справуваат со своите одговорности, кои работат на себе и на своето семејство да изградат пат за идните генерации да бидат добар пример низ животот.

* Каква треба да е современата жена?

Современата жена би требало да биде ослободена од канџите на слугинка. Современата жена иако е индивидуалец и се може сама сепак сметам дека подобро и стои партнерската улога бидејќи тоа носи поголеми бенефити на долг рок и добива на тежина кога е во таков сооднос со работите. Современата жена би требало да биде со партнер кој не е помагач туку и тој е дел од својата сопствена приказна која ја креира во партнерството. Сите да имаме свој придонес во нашата приказна помалку или повеќе. Во минатите времиња сме сведоци на еден однос каде жената е мајка на своите деца но и на својот сопруг. Современите луѓе би се сложиле дека клучот е во заедничката одговорност и свест.

Габриела Додевска Глигоровска