Куклената приказна на Ивет Царо: „Нема поголема радост од сјајот во очите на девојчето кога прв пат ќе ја погледне куклата“

Добивај вести на Viber

Куклата – парталка направена од најразлични парчиња текстил во минатото беше најголемата радост за малите девојчиња. Со текот на годините верзиите на овие омилени играчки се променија, од порцелански, пластични, па се до гумени.

Куклената приказна која ви ја носиме во Женски магазин е уникатна и со потпис на Ивет Царо. Дизајнер со академско образовани по професија, а психолог со бујна фантазија на машината за шиење.

Ивет веќе 5 години изработува автентични кукли од памучни материјали. Додека била на породилно отсуство добила идеја за оваа рачна изработка, па така го создала брендот „Caroline“.

Исполнета е бидејќи работи креативна работа, ги создава омилените играчки кои носат радост и среќа во светот на девојчињата.

Прочитајте ја приказната на оваа креативна девојка:

ЖМ: Како започна идејата за приказната да започнете со рачна изработка на кукли?

- Јас сум голем љубител на кукли. Според мене, куклите имаат една посебна магија, секоја од нив има свој карактер, своја приказна, своја заднина. Секоја кукла е посебен свет што останува да биде откриен, а спроти неа стои најубавото нешто на светот – љубопитно девојче со бујна фантазија. Од ова нема поубава комбинација.

Но, јас бев љубопитно девојче со многу порцелански кукли кои не ми беше дозволено да ги играм (статистиката покажува дека имав скршено неколку). Затоа пак, кога пораснав решив да си направам меки куклички со кои девојчињата ќе можат да си играат.

Останав дома на породилно и по само неколку месеци откако си влеговме во рутина со син ми, ми беше потребен креативен издувен вентил. Го вклучив светлото на машината, ги загреав ножиците и ги ископав најубавите материјали кои ги најдов. Оттогаш, веќе скоро 5 години ја кројам мојата куклена приказна.

ЖМ: Зошто името „Caroline“, има ли некоја посебна симболика?

- Моето име е Ивет Царо (Caro). Името „Caroline“ отсекогаш ми имало убав призвук, а го содржи моето презиме. Сметав дека е едноставна и убава идеја која ми дојде доста спонтано.

ЖМ: Дали сè уште ја чувате вашата прва рачна изработка и како изгледаше?

- Моите први (пробни) модели на кукли се некаде во собата на мојата најмала сестра која веќе е голема за да игра со кукли, но сè уште љубоморно ги чува. Првата вистинска кукла која ја изработив е прекрасна кремава убавица со бела коса и здолниште од мек тул. Таа е подарок за многу драга и блиска пријателка, за нејзината ќеркичка. Се вика Дуња и денес ја краси нејзината детска соба.

ЖМ: Какви материјали и техники користите за финален производ?

- Основата на куклите ја работам од памучен материјал, за косите користам волница, а фустанчињата се најчесто до тул, тантела и бисери.

ЖМ: Од каде се снабдувате со материјалите?

- Материјали ги набавувам претежно од интернет и од некои локални продавници со кои соработувам. Сето она што не можам да го најдам тука или онлајн, а сум си го замислила во мојата глава и е дел од финалната верзија, наоѓам начин да го направам. Па така, неретко ги везам или цртам дезените на обичен материјал или тул. Креативната идеја не смее да трпи.

ЖМ: Дали има заинтересираност за купување и за какви обично пригоди ги купуваат?

- Изненадена сум колку луѓето знаат да ја ценат рачната изработка и фактот дека некој вложил идеја, труд, внимание и многу љубов за да изработи нешто од нула. Имам клиенти кои по неколку пати имаат нарачувано различни куклички и најчесто ги подаруваат како роденденски или новогодишен подарок.

ЖМ: Колку е важна уникатноста во еден ваков мал бизнис како вашиот и препознатливоста по некои специфики кои ги има само вашиот бренд?

- Со секој еден модел се трудам да ја задржам автентичноста на брендот кој го градам. Уникатноста е особено важна. Нормално е дека знаења и идеи треба да се собираат и надградуваат, дека е убаво да се воодушевуваме на туѓата работа, но јас се стремам кукличките, вакви какви што се да станат препознатливи. Дури и кога создавам некој нов производ, како на пример новогодишните лампиони или приврзоци, сакам да го имаат стилот на „Caroline“. Сакам кога ќе го погледнете производот веднаш да знаете дека произлегол од моите раце.

ЖМ: Во годината има различните период, како Божиќ, Нова година, па потоа Денот на вљубените, Велигден … колку се приспособувате на овие трендови со вашите производи за да бидете актуелни?

- Сметам дека не треба ништо да се форсира, но убаво е за еден бренд да е постојано присутен на пазарот со новитети. Затоа, за новогодишните празници ги создадов мини кукличките за на елка и лампионите со кукла, за 8 Март секогаш се актуелни приврзоците, а за велигденските празници имав фантастични велигденски корпи со кукла. Јас добро си ја познавам мојата целна група и создавам за нив. Мали и големи девојчиња кои кога ќе ја погледнат куклата ќе речат „WOW“ со ширум отворени очи. Затоа им подготвувам фантастично изненадување на Денот на шегата.

ЖМ: Изработувате ли производи по нарачка или пак само она што го пласирате како готов производ?

- Најчесто ги бараат некои од моделите на кукли кои веќе ги имам изработено. Честопати знаат да ми пратат фотографија од девојчето за кое е наменета куклата, па јас правам идентична кукла како девојчето. Тие ми се најдраги предизвици. А најубаво на душата ми е кога некој стар клиент ќе ми рече: „Ми треба кукла. Ти знаеш каква, ти верувам“. Бесценето!

ЖМ: Следите ли некои трендови, вебинари, семинари каде што би можеле да се надградите или сепак најдобро е да се слуша срцето и потребите на купувачите, па така најдобро е да ги креирате вашите производи?

- Секој ден е учење. Јас не сум дизајнер со академско образование во струката. Јас сум психолог со машина за шиење и бујна фантазија. Затоа морам многу да учам, читам и истражувам, па дури и да пуштам по некоја солза кога по шести пат не успевам да скројам нешто онака како што сум наумила.

Знам да минам часови истражувајќи како да направам нешто што сум замислила, а навечер дури и ги сонувам инструкциите, чекор по чекор. Но, не се откажувам и се подобрувам секој ден во мојата работа.

ЖМ: Колку обрнувате внимание на тоа вашиот производ да е добро спакуван?

- Првиот впечаток за брендот е важен, па се трудам куклите да се убаво спакувани и да го предизвикаат оној сјај во очите на девојчето во моментот кога прв пат ќе ја погледне куклата.

Габриела Додевска Глигоровска