„Фракталното цртање од една страна е уметност, а од друга анализа на сопствената личност“: Интервју со Катерина Трајанова Димев – тренер по фрактално цртање

Дали сте
слушнале за фрактално цртање?
Тоа е креативен начин преку кој може да се изразуваат емоциите, а при тоа се ослободува стрес. Уште се нарекува и уметност што лекува. Може да помогне да се надминат психолошки состојби кои се честа појава во денешницата.
Станува збор за техника што може да го промени животот во позитивна насока и да открие еден нов дел од себе, преку едноставни линии и форми.
Катерина Трајанова Димев (49), инаку тренер по фрактално цртање, по професија е дипломиран правник, но креативна по природа. Токму таа креативноста решила да ја сподели преку социјалните мрежи кога го отворила профилот „Miss Kejti“ на Фејсбук, каде прикажувала дизајни изработени од хартија, а во меѓувреме во 2021 година завршила Академија за дигитален маркетинг.
Првиот контакт со фракталното цртање Катерина го имала во февруари 2024 година со посета на онлајн работилница по фрактално цртање. Нејзиното искуство вели дека токму ваквото цртање и помогнало како личност да надмине стрес, страв, анксиозност и депресија, а да придобие ликовен и креативен потенцијал. Оттаму и идејата, ваквото искуство да го пренесе и на другите, со формирање на „Ведра едукација“ за креативен развој за одржување на креативни и ликовни работилници за фрактално цртање. Катерина е сертифицирано лице – Тренер по фрактално цртање од „Видија Академија Загреб“ под менторство на ликовниот педагог Мартина Косец Реба.
Што значи фракталното цртање и кои се промени може да ги направи на вашето тело и ум прочитајте во продолжение од интервјуто со Катерина Трајанова Димев – Тренер по фрактално цртање:
ЖМ: Што всушност претставува фракталното цртање, која е целта и како тоа влијае на изразување на емоциите?
- Фракталното цртање е ликовна и креативна техника. Цртаме една минута со затворени очи на бел лист хартија фрактална мрежа која ни ја искажува нашата моментална емотивна состојба. Целта на техниката е преку анализа на фракталниот цртеж да се види нашата моментална емотивна состојба.
ЖМ: Како се создава еден фрактален цртеж и што ни е потребно за тоа?
- Фрактален цртеж се создава така што цртаме една минута со затворени очи на бел лист хартија А4 формат фрактална мрежа. Потоа ги отвораме очите и од кутијата за дрвени боички (по можност во поголем број) со затворени очи бираме одредена боичка и боиме едно поле од цртежот. Со тоа што правилото во фрактално цртање е: со светли и средно светли бои ги боиме големите и средни полиња од цртежот, додека со темни бои ги боиме малите полиња од фракталниот цртеж. Ваквиот цртеж ја покажува нашата моментална емоционална состојба.
ЖМ: Каква техника се користи при создавање на фракталниот цртеж?
- При создавање на фрактален цртеж се користиме со ликовна техника, а од прибор ни е потребно: молив за цртање на цртежот, хартија А4 формат, дрвени боички во разни бои (може и фломастери).
ЖМ: Дали може преку еден ваков цртеж да ја процените емотивната состојба на едно дете или возрасен човек?
- Да, од фракталниот цртеж (мрежа) нацртан и избоен може да се процени емотивната состојба на едно дете или возрасен човек, но бидејќи јас не сум педагог или психолог по професија, целта на „Ведра едукација“ е изразување на ликовниот потенцијал на личноста преку фракталниот цртеж.
ЖМ: Како може ваквото цртање, кое од една страна е уметност, а од друга страна себеспознание, може да ни помогне?
- Цртањето и боењето на фрактали кое од една страна е уметност, а од друга анализа на сопствената личност преку цртежот има свои позитивни страни. Фракталите го подобруваат здравјето, ја подобруваат виталноста, ги смалуваат внатрешните конфликти, ги балансираат емоциите, ги јакнат психофизичките активности, постигнуваат внатрешна рамнотежа, го смалуваат стресот, анксиозноста и депресијата и го развиваат креативниот и ликовен потенцијал кај секој човек.
ЖМ: Дали фракталното цртање е наменето само за децата или и за возрасни?
- Фракталното цртање е наменето за деца од 6 и пол години, па нагоре но е наменето и за ученици, возрасни, пензионери односно за секој којшто може да држи молив во рака.
ЖМ: Важен дел во фракталното цртање како техника за изразување емоции се боите, кои всушност секоја боја е своја емоција. Кое е значењето на боите?
- Секоја боја на нашиот фрактален цртеж искажува една наша емоција. Жолтата е боја на љубопитноста, зелената на здравјето, сината на мирот, портокаловата на креативноста, црвената го намалува стравот, виолетовата на духовноста, кафената на стабилноста, црната и сивата на промената, златната ни помага во решавање на проблемите.
ЖМ: Што покажува вашето досегашно искуство, каков е интересот за една ваква уметност преку која може да ослободиме стрес?
- Од досегашното искуство на работилниците можам да кажам дека интересот е голем кај разните категории на лица.
„Ведра Едукација“ веќе одржа четири работилници за фрактално цртање, две во детски градинки и две во основни училишта. Од одржаните работилници со децата и учениците ги видовме следните придобивки: креативно самоизразување преку цртежот, подобрување на фокусот, концентрацијата и вниманието, развој на имагинацијата со цртањето и боењето, поставување интересни прашања за фракталното цртање, запишување на емоцијата доживеана за време на цртањето, разговор за значењето на боите и асоцијација со нив, задоволство и среќа од цртањето и боењето на фракталните цртежи и прашање кога ќе дојдеме пак кај нив да цртаме фрактали.
Овие работилници беа промотивни, но се стремиме кон организација на креативни работилници за фрактално цртање. Веќе имаме добро подготвен маркетинг за организација на платени пакети на работилници по фрактално цртање за деца со родители, ученици, возрасни лица но и за фирми-team building и за невладини организации.
Ведра едукација веќе успешно се претстави на Саемот за креативни индустрии 2024 организиран во Laboratorium Скопје како и на новогодишниот Базар во Струмица организиран од невладината организација НВО Новус Струмица.
ЖМ: Дали може да се каже дека фракталното цртање е уметност што лекува, еден вид терапија?
- Фракталното цртање е уметност која лекува и има терапевтско дејство за секоја личност која ја практикува која може да држи молив во рака и да бои, и затоа оваа ликовна техника ја користат и психолози, педагози, логопеди во својата работа, а ние ја претставуваме на креативен и ликовен начин во склоп на своите работилници.
Габриела Додевска Глигоровска