Потсетник за љубав

Сите мислиме дека знаеме што е љубов. И кога велам сите, ич не се исклучувам и себе, напротив. Секој од нас има своја идеја за тоа како треба да изгледа љубовта, како да се покажува, докажува, искажува. И токму тоа ни прави да ги сториме најголемите грешки кога е љубовта во прашање. Знам дека нема универзална дефиниција за можеби највозвишеното нешто што постои, но она што горе-долу сите го сакаме и посакуваме е исто: почит, чувство дека сме разбрани, поддршка, припаѓање на нешто што се нарекува НИЕ. Но, како што тоа бива за секоја една работа, така и во љубовта има повеќе или помалку капацитет за да се истрае во неа. И кога веќе го спомнувам капацитетот, тоа не е колку ви собира љубов во срцето, ами како и на кој начин ја живееме. Не секоја љубов е здрава, или барем не секое чувство за кое мислиме декапретставува љубов е токму тоа.
Каде грешиме во љубовта? Со оглед на тоа дека долго време сум сама, или (кога ќе ставам на кантар) поголем дел од животот сум го минала сама отколку во врска или заедница, сфаќам дека изборот што сум го сторила е резултат на тоа дека не сум нашла компатибилност во љубовта. Уште од старт да се разбереме за една многу важна работа, а тоа е следново. Често мешаме вљубеност со љубов, а за жал или за среќа, тие две работи се различни ко “бог и шеширџија”. Потресувањето дали ќе се јави, па пеперутките (а животниот век на наjиздржливите е 9месецидо 1 година-проверено на интернет), па тоа неспиење, нејадење (за климаксов и пореметена исхрана ми фали една добро вљубување за да симнам неколку килограми-ова е шега на моја сметка), немир во утробата и останати ич нездрави пропратни елементи не се показатели за љубов. Кога само ќе ми текне колку имам на 2-3 пати сериозно пропатено баш заради тоа што сум ги смешала лончињата и капачињата на љубењето, ми иде да си врзам една и да си кажам “кај ти беше умот бре Ано?!”.
Ете, ќе сретнете некој што ви се допаѓа. Ќе ве привлечат сите работи кои во “нормална” состојба не би ги толерирале, ама тоа хемијата знае да биде таков манипулатор што е просто фасцинантно. И наеднаш, се наоѓате во позиција во која нечие доцнење на состаноци не ви пречи, па не ви пречи што е малку аљкав (срцка, колку е збунет/а), па не работи (несфатен/а е) и неосетно се вплеткувате во мрежа од која после тешко се излегува. И сé е супер додека хемијата е присутна (мамицата нејзина), оти таа ви ја прави илузијата дека е ок да имате толеранција онаму кај што не треба да ја имате. И како што пеперутките умираат, така почнува реалноста. А реалноста е вистинскиот тест за љубов. Сите филмови (барем романтичните комедии), па и бајките завршуваат идилично. Тие се конечно заедно, среќно си живееја до крајот на животот и така некако остануваме поднасмеани, иако едно гласче внатре (кое секогаш го замолчуваме) вели: а што после?
Е тоа ПОСЛЕ е всушност љубовта. Откако ќе минат сите идеализирања, мистифицирања, залажувања и самозалажувања, еден ден се будите и си велите “ок е, добро е, тоа е тоа” или си велите “ух, мајку му...како сега да излезам од ова во што се вплеткав”. Кога ќе почне вистинската приказна во која ќе ви паѓа мрак на очи од расфрлани чорапи, нему од влакна на четката со која се чешлате, кутивчиња од кармин, кренат капак од шољата, расправии дека не може некој да шета а другиот да чисти, па суетите кој е во право а кој греши (а вообичаено вистината е некаде на средина), оди па зборувај ми за трпение и љубов.
Супер е додека си живеете секој по дома, додека се гледате на неколку часа, па некој романтичен викенд, па вечери, настани и слично. Супер е додека треба секој сам по дома да си среди, зачисти, да се спреми на раат и да се покаже во најдобро светло. Митот дека сето тоа ќе трае до бесконечност е тотално некорисен и колку поскоро го надминеме, толку поарно и ќе бидеме со помалку разочарувања или кнедла во грло. И сите овие технички работи се решливи со договор, освен една. Кога имате двајца кои се секогаш контраши и кои секогаш имаат покритие за да реагираат суетно и по секоја цена да сакаат да си го истераат своето, нема спас. И не само што нема, туку ваквите врски, па и бракови се осудени да завршат, кога-тогаш. Е, тогаш и капакот од шољата и влакната се толку неважни и дури и смешни, што си помислувате дека е баш глупаво да се расправате за тоа. Ама ако имате наспроти вас човек со кој водите секојдневна “војна” за тоа кој е во право, кој е попаметен и поупорен да си ја заврти водата на својата воденица, тогаш скоро и да нема иднина.
Велат дека само под влијание на голема трагедија или голема љубов, луѓето се менуваат. За жал, од моето искуство можам да кажам дека ретко сум налетувала некој да успее да ја заузда својата суета заради љубов. Па уште и ако ви се случи љубов на повозрасни години, уште потешко е да се смените. И тоа менувањето не е дека треба да се разбудиме како нови луѓе, ами само да научиме да правиме баланс. И сега тука е она: е да бе, а мојот комодитет? Е да бе, а мојот интегритет? Е да бе, а моите ставови? Никој не вели дека не треба да имате комодитет, ставови, интегритет или принципи. Но, за да има човек здрава врска, мора да прави баланс. Е, да...има работи за кои не се прави баланс по ниту една цена. Најдрастична од нив е ако имате насилен партнер, па ако се служи со уцени од типот “ако ме сакаш, тогаш....”. Од овие работи ми се крева коса на глава, особено од емотивните уцени во кои уствари ви се кажува дека треба да трпите сé ако сакате другиот да се чувствува сакано. Ма немој! Манипулација со емоции е неприфатливо, оти со тоа партнерот јасно ви покажува дека тој нема љубов кон вас.
Сите сме табиетлии, сите до еден. Сите си имаме жолти минути, инаети, суети, сите мислиме оти знаеме најдобро за било што, ама сите имаме и потреба да сме сакани. Сакањето подразбира и прифаќање на другиот, но пак ќе речам, не по секоја цена. Оти цената е некогаш превисока, а станувате свесни за тоа дури откако ќе дојде време да ја платите. Грешките ги правиме од старт, со глума дека сме до толку либерални што можеме да истрпиме сé што ќе ни се сервира. Попребирливи сме за храна (не важи за климактерични), отколку за тоа со што ќе треба да се справуваме цел живот. И како ми тера мислата, повторно завршувам на она што постојано го зборувам. За да сакате некого, мора....не, не со мали букви туку, МОРА да се сакате себеси. А ако се сакате себеси и имате почит кон сопствените желби и потреби, ќе имате слух и за туѓите.
На крајот на краиштата (што убав израз е ова), да се биде сам оти не сакате да правите компромиси кои ќе бидат на ваша штета е почесно отколку да се измачувате себе, да имате конфликти и со своето ЈАС и со партнерот. Влегување во врска и внесување себе во љубовта не е нималку наивно и бајковито и нема прирачник за тоа, иако сите сакаме една убава бајка во која ќе ни оди врската како подмачкана. За себе знам дека не е оти сум пребирлива (барем не многу), ами дека точно знам колку можам и сакам да се внесам и да градам едно убаво НИЕ. Исто како што знам дека ако ми се случи љубов (сега помладиве сигурно си велат “аха, почекај уште малку и ќе го најдеш на геријатрија”), ќе бидам брутално искрена со себе и партнерот. Нема веќе идеали, нема веќе глуматање дека душава може да ми искрепи големи потреси.
Љубовта е најубавото чувство од кое човек може да се препороди. Љубовта е процес во кој има макотрпна работа и нежност. Љубовта е она што ни дава сила и верба дека сепак...сепак сме живи, колку и да сме на дното. Љубов кон себе пред сé, храброст да се споделува и да се даде човек во еден однос, да се надминат различностите и да се зацврсти тоа што е заедничко. И како што велам во една песна “човек треба да го бива за сé, а најмногу за љубов”.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Некојпат си мислам
Ете
Сама со себе кога муабет си правам
Како не знаев тоа што сега знам
Како го немав овој ум
Кога многу помлада бев
Што сега во главава ми е
Та можеби и ќе се поштедев од ноќи неспани
Или полошо, од такви полни кошмари
Скршено срце кое не се лепи
Чиниш кристална чаша полна вино
Која случајно од раце ти паднала
И една срча секогаш скриена останува
Во она мало и скоро невидливо место
Кое е помеѓу две ленти од паркетот
Некојпат си мислам
Така некогаш ми доаѓа
Кога ме фаќа слатко-горка болка
За она што минало
За она што не ќе се врати
И на ум ми доаѓа
Дека да знаев тогаш тоа што сега знам
Можеби и јас некому не ќе бев отров
Ами иљач и љубов голема
Можеби и јас сум била некому засек
Кој се памети со децении
Оти не треба човек да е суетен
За да мисли оти само нему
Знаат срцето и душата да му крварат
Туку да си признае сам на себе
(Не мора на глас да го каже)
Ами во себе и со себе на чисто да е
Оти колку што тој бил удрен во срцето
Толку удари задал назад
Колку што нему му треперело срцето
Толку некому и тој трепет бил
Ете
Некојпат навистина си мислам
И некако порано многу ме мачеше
Оти не знаев тогаш тоа што сега знам
Оти не умеев тогаш тоа што сега умеам
Оти не се штитев тогаш
Како што сега знам бедем да кренам
Дури еден ден наеднаш не се сепнав
И како ден осамнат ми светна
Како магла која наеднаш ќе се крени
За да видиш пред себе поле
Или ливада широка со крв црвени булки
Дека сé што знам и сé што сега знаеш
Е токму дека не сме знаеле тогаш
Кога млада сум била и кога млад си бил
Кога секоја грешка ни била вистина
А вистината нé чекала во иднината
И не жалам повеќе
Ниту за тоа што можев, а не сторив
Ниту за тоа што не знаев
Но ќе знам...знам дека ќе знам
За ТИ кога ќе дојдеш ќе знам
Како со тебе, како со себе