Полесно е да мразиш, отколку да сакаш

Добивај вести на Viber

Слободата на говор е наше загарантирано и уставно право. Што би се рекло, треба да може секој од нас да си го каже мислењето без да биде цензуриран, под закана или да има последици. Во превод, ако сте незадоволни на работа треба да можете да си го кажете вашето незадоволство од висината на платата, односот од колегите или шефот и сето тоа да биде убаво спакувано како информација, после која нема да се чувствувате како да сте сториле некаков криминал. Или, да трпите мобинг отпосле заради тоа што сте биле јасни во изразувањето дека не сте задоволни или дека нешто не е како што треба. Земете ги за пример интимните врски. Нели кога се двајца заедно треба да можат да комуницираат без проблем, да си кажат што ги мачи, измачува, фрустрира, остава со прашалници во главата. Нели во тоа е целата поента на љубовта меѓу двајца кои се заедно по свој избор, да можат да си ги соопштат и неубавите работи без притоа да се доведе во прашање целата врска. Па мајку му, ако на партнерот не можам да му кажам дека нешто ме вади од колосек а е во насока на тоа дека ни е и на двајцата нарушена удобноста во врската, кому да кажам?! Сега, земете ги односите родители и деца и запрашајте се колку реално имаме 100% искреност. Еве, јас знам на ќерка ми да и’ кажам дека сакам веднаш да знам ако нешто сторам што нејзе ќе и’ засмета или ќе примети дека правам некаква си психолошка игра (нека вежба на мене, оти ќе студира психологија), ама во моментот кога ќе ми плесне нешто в лице, знае да ме погоди и првата нагонска реакција ми е да негирам.

Слободата на говор е нешто највозвишено и највредно што може да го има еден човек во демократско општество. Мислата да не ви е контролирана, да не сте под пресија и закана дека мора да зборувате нешто што не е ваше, што не го чувствувате, што не е одраз на тоа што сте вие. Слободата на говор е одраз на најголемата слобода што еден човек може да ја има.

Но, како и за сé, така и за слободата на говорот имаме извитоперување. Нема што не може да смисли еден човечки ум за да си најде оправдание за себе и сите свои пропусти. Умот е како мало дете кое знае дека има направено голема беља оти ја скршило играчката која била скапа и нова, ама ќе измисли дури и дека дошло некое чудовиште и ја сторило бељата, наместо да ја прифати одговорноста. И секако, не може да барате потполна одговорност од мало дете (иако за следната играчка можете да одбиете да му ја купите, со објаснување како завршила старата и на тој начин да го поттикнете чувството на имање осет кон работите), но секој возрасен човек мора и треба да има одговорност од која не треба и не смее да бега.

Или, во превод...слобода на говор не смее да се меша со говорот на омраза.

Секогаш е полесно да се мрази, отколку да се сака. Сите ние имаме одредени предрасуди, па не се сложуваме со туѓото мислење, па имаме напади на гнев, па нé фрустрираат некои работи кои не можеме да ги свариме или кои се далеку од нашиот начин на размислување или живеење. И сето ова е валидно, не може сите да сме исти и не може да имаме сите исти критериуми за тоа што е исправно, а што не е. Но, она што можеме сите да го сториме (апсолутно без никаков исклучок) е да внимаваме на начинот на кој ќе го изразиме мислењето, несогласувањето, па и критиката. Омразата е наједноставна за живеење затоа што нема никаква вреност. Не е нешто за што треба да се бориш, да созреваш, да растеш. Тоа е баш онакво анимално чувство, ниски побуди и отсуство на здрав разум. Она што е тешко, е да се научи човек во сé да може да види некаква убост, да најде начин како да ги разбере другите, да даде љубов и онаму каде што е навреден или повреден. Се сложувам дека не е секогаш применливо она “заврти го и другиот образ”, особено ако ти се потврдило по 100–ти пат дека тие што те плеснале по едниот образ, ама ич нема да бидат срамежливи да те удрат и по другиот, дури и посилно. И не велам дека вртењето на образот е решение за да се избегне конфликт или да се средат работите. Некогаш да се сврти другиот образ знае кај некои луѓе да биде шамар, поголем отколку оној со кој ве почестиле. Едноставно, се случува некој клик во нив, ги фаќа срам и сами се коригираат. За жал, кај повеќето вртењето на другиот образ значи само “ураааааааа, сега ќе видиш ти”. За жал, сé повеќе имаме не само говор на омраза и не само сирова омраза, туку (што е најстрашно) одраснуваме генерации кои растат со всадено чувство за мразење, наместо за љубов.

Децата знаат да бидат сурови како и возрасните. Впрочем, децата се одраз на возрасните и на општеството. Сите велиме дека денешниве генерации се невоспитани, насилни, бездушни, дека се аздисани и дека немаат срам од и пред никого. И додека го кажуваме тоа како ултимативна вистина, никој не подзастанува барем малку за да се запраша какви услови за растење и за воспитување им овозможуваме, на какви вредности ги учиме....оти да се разбереме, децата го прават тоа што го слушаат и гледаат дома. Колкумина од вас пцујат кога има некаква политичка дебата на ТВ? Колкумина од вас пцуеле без да поведат сметка, без да ви падне на ум дека детето може да ве чуе? За да не биде дека јас сум совршената и за пример, ќе ви кажам дека ќерка ми научи да пцуе од мене. Срамота, брука! А научи да пцуе, оти кога ќе седнам во автомобил има трансформација од Доктор Џекил во Мистер Хајд и немам грам нерви за сообраќајот, за насилните возачи, за свирењето, за пешаци кои минуваат на необележано, за велосипеди и електрични тротинети кои како со магија само ќе се створат пред вас и сте под стрес и со ногата на кочница. Ете така, токму така и само по моја вина Нина научи да пцуе. Нема тука да пробувам да го ублажам ова, да измислувам дека чула некаде. Не, го чула од мене. После објаснував дека тоа што мама го прави не е ок, дека ќе внимавам...но, штетата беше сторена. Не дека немаше да научи да пцуе, ама факт е дека дадов неубав пример.

Колку знаеме да љубиме? Како знаеме да љубиме?

Љубовта е уметност, љубовта е умешност. Љубовта не е зона во која можете да се испружите со сите 4 угоре и да очекувате дека ќе функционира. Љубовта бара посветеност, бара труд, бара негување. Приказните за љубов се едно, а она што го носи таа со себе е сосем друго. Во еден идеален свет, идеален универзум љубовта кога се случува трае засекогаш и не треба многу мака за да се задржи. Да се сака, не значи само љубов кон партнер, деца, родители, пријатели. Зборувам за една генерална кроткост во нашето битисување, за една нежност која нас нема да нé чини многу, ама многу ќе значи на сите околу нас. Љубов е кога внимавате на кој начин кажувате нешто, на каков начин ги правите работите. Љубов е кога наместо да го истресеме по социјалните мрежи или некому в лице сиот наш бес дека не ни е денот погоден, да се сопреме и да ни текне оти можеме да молчиме ако немаме нешто убаво да кажеме, нели? Тоа е онаа човечка, внатрешна љубов кон секое битие, имајќи на ум дека секој наш збор може да е иљач или сабја. Тоа е моментот кога ќе се сепнете пред некому да напишете дека е “глупача”, ”свиња дебела”, ”те мразам”, ”оди ма убиј се”, ”неспособен” и кога ќе се завртите кон оние кои ви се најмили и чија среќа е ваша среќа и ќе ви текне дека живи ќе се поболите ако некој им напише или каже такво нешто. Тоа е моментот кога пред да ги изговорите сите погани зборови за некого пред вашите деца, ќе си речете “зошто да го трујам детево со омраза?”. Тоа е моментот кога треба да сте свесни дека секое насилно однесување дома, секоја пцост, секоја негативна мисла ќе ја видите како во огледало на вашите деца.

Полесно е да мразиш, отколку да сакаш...ама знаете што? Колку и да бара работа и труд, сакањето е лек за да го сочуваме светот и себеси.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Нема полесно од тоа

Душа со злоба да испоганиш

Јазик со клетви да запустиш

Срце со црна мисла да изгнасиш

Да ти се замасти утробата

Од сите зборој-отров во тебе

И угоре да пливаат, до грлото

Како зејтин во вода

Да не може ништо убаво и свето

Врз нив да засвети

Врз нив да обели

Нема ништо полесно од тоа

Да плукнеш некого

Да му се потсмеваш зад грб

Омраза в лице да му истуриш

Од инает сопка да ставиш

Синкир така ти ќе процветаш

Ама пуст живот ваков никаков

Пусти ние вакви никакви

На лошото полесно се учиме

И лошото полесно друшка станува

Та со души в кал шетаме

И едни со други со кал се бербатиме

Чиниш тоа ни е спасот од сами себе

Чиниш тоа ни е лекот за да преживееме

Нема ништо потешко од тоа

Сето црнило со бело да го замениш

И да ти блесни добрината

Та кој сака и што сака нека ти речи

Ти со насмев на усни да бидеш

И со кроткост во погледот

Со љубов во очите

И во тебе себе да се види

Не каков е

Ами каков можи да биди

Та глата в земја да ја сведни

Од пусти срам нешто во него да штракни

И сиот во добрина да се стори

Нема

Нема ништо полесно од тоа

Омразата второ име да ти биди

И нема ништо потешко од тоа

Љубовта прво име да ти стани

Ама секој пат

Кога ќе ти дојди раце од себе да крениш

Нека ти текни каков спокој љубовта е

И како е кога ќе ја вдишеш со полни гради

И дека ништо на светот нема поубаво

Од љубов да дишеш

Дека ништо на овој свет не е повредно од тоа

Во љубов да се родиш

Љубов да бидеш