ТАА Е...АНИТА ОГЊАНОВСКА! „САМИОТ ЧИН НА СЛИКАЊЕ Е МОЈОТ МИР, МОЕТО ПРИБЕЖИШТЕ И МЕСТОТО КАДЕ ШТО СЕ ЧУВСТВУВАМ ДЕКА ВИСТИНСКИ ПРИПАЃАМ И СУМ ВО СПОКОЈ”

Мислам дека денешната ТАА Е... не знае колку сум горда на секој нејзин успех, на секоја слика која лично мене ми носи спокој и слобода да ја доживеам токму онака како што се чувствувам во мигот кога ја гледам. Анита ја знам одамна, скоро 40-тина години, уште од средно економско училиште (кој би рекол дека и двете ќе запловиме во уметнички води). Она што го гледате кај неа, тоа и го добивате, без глума, желба да се претстави поинаква од тоа каква е. Топлината во погледот, искреноста во очите како кај децата, широката насмевка и ѕвонливата смеа од која ви доаѓа да се кикотите заедно со неа, ете тоа е мојата Анита. Секогаш со збор-иљач кон секого, секогаш со позитивна енергија иако животот не ја разгалил премногу, секогаш со една кроткост и смиреност во целата нејзина појава, секогаш со љубов. Можам за Анита да ви зборувам цела вечност, можам да го сторам ова интервју да се чита со часови, но сепак ќе оставам ТАА да ви каже која е каква е. ТАА Е мојата поддршка, сила, храброст да бидам своја и силна.
Дами и господа…АНИТА ОГЊАНОВСКА!
Од средно економско и економски факултет, па сѐ до сликањето како конечна определба. Колкав пат изоде за да си дојдеш до себе?
Од денешна перспектива слободно можам да кажам дека сликањето отсекогаш ми било определба и крајна дестинација, а средното економско, економскиот факултет и понатаму магистерските студии по менаџмент се само мое формално образование. Да, навистина тој пат беше долг, исполнет со самооткривање, но, на некој начин и ме оформи во личноста која сум денес. Креативноста била секогаш присутна и дел од мојот начин на живеење. Работа на анимиран филм, глумење во хумористична серија К-15, обучувач за развој на лични и професионални вештини, сето тоа ја развиваше и негуваше мојата креативност. Сликам веќе 15 години и таа љубов кон сликањето ја издвојува победата, односно прерасна во моја вистинска страст и професија.
Среќата ги следи храбрите, токму оние кои знаат на крстопатот на животот да застанат и да кажат “доста беше по овој пат, сега одам по друг”. Се исплатеше ли храброста?
Нема ништо поубаво кога тоа што го работиш не ти претставува работа, туку ти е љубов и спокојство. За мене, тоа е сликањето. Работам некогаш и по 15 часа на ден и наместо да се чувствувам уморно, јас се чувствувам препородено, ослободено и задоволно. Сѐ што ми се собрало во душата, сите емоции и моменталната енергија ги ослободувам на белите платна. Нема поубав избор на професија од тоа едвај да чекаш да одиш на „работа“. Дефинитивно се исплатеше, не се покајав во ниту еден момент што ја напуштив „сигурната“ работа, еве веќе четврта година сликањето ми е професија.
Првата изложба ти беше во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во 2015 година, по повод 8-ми март. Ти остана ли истото чувство пред спремање изложба кое знае да варира од возбуда до трема?
Чувството пред изложба е секогаш исполнето со возбуда и трема. И покрај тоа што во март ќе ја имам својата деветта самостојна изложба и сум учествувала на преку 40 групни изложби локално и меѓународно, трема, онаа позитивна и што ме мотивира, ја имам секогаш. Ја имав и на првата и на секоја изложба понатаму. Дури мислам дека со секоја следна изложба тремата е сѐ поголема. Соголувањето на сопствените емоции на платната и нивно претставување пред публиката е секогаш емотивен чин за мене. Мојата одговорноста расте, како што растам и јас во светот на уметноста и се развивам како уметник.
За 10 години искуси и веќе интернационално препознавање во светот на сликарството. Како оди соработката со странските галерии, кои чинам дека се обожувачи на твоите дела?
Патот на уметникот е патување кое опфаќа и лично исполнување и признание од другите. За мене, успехот како уметник е тесно поврзан со признавањето на мојата работа од страна на другите. Тоа е кога публиката може да се поврзе со енергијата што ја внесувам во моите дела, кога тие сакаат да имаат дел од моето творештво во нивните домови, канцеларии и секојдневниот живот. Повратните информации што ги добивам од овие луѓе не само што го потврдуваат моето уметничко патување, туку ми даваат и огромно чувство на инспирација и цел. Тој пат не е секогаш едноставен. Тоа е процес кој вклучува бројни фази, предизвици и клучни моменти. Тој вклучува страст и посветеност, доследност, вмрежување, воспоставување онлајн присуство, добивање признание и остварување продажби и што е најважно, прифаќање на повратните информации за континуиран раст. Посебно признание е секако и соработката со странските галерии која ми отвора нови можности. Имам остварено соработки со галерии во Шпанија, Данска, Грција и Австралија, што ми овозможува да допрам до пошироката публика. Учеството на значајни настани како Salon d'Automne и Salon de Beauxarts во Париз и изложбите KUNST FOR ALLE во Копенхаген и Архус, Данска, дополнително го потврдуваат тоа. Благодарна сум за поддршката што ја добивам. Продолжувам да учам и да се развивам како уметник, бидејќи сфаќам дека ова е постојано патување, а не дестинација.
Меѓу стотина слики, веднаш можам да те издвојам по препознатливиот стил, боите, суптилните пораки кои ги оставаш со четката. Што раскажуваш и кому?
Уметноста за мене е повеќе од само сликарство. Тоа е начин на живот, перспектива што ја облагородува мојата егзистенција со слобода, израз и креативност. Оваа креативна патека ме води кон размислување за теми како љубов, страст, слобода, лични стравови и нивно надминување, храброст, повикувајќи ме да го истражувам необичното во обичното и да го пренесам на платното. Преку моите слики, се стремам да пренесам емоции, секојдневни случувања, убави моменти, цитати од книги и филмови, и сè што има длабоко лично значење и ја буди мојата страст. Покрај моите лични емоции и доживувања, посебно влијание имаат и боите и текстурите што ги нудат околината и природата. Процесот на сликање кај мене е интуитивен, спонтан и исполнет со емоции. Немам прецизен план кога сликам, туку се водам од радоста на чинот на сликање, од чувството на слобода и интуитивност. Процесот обично започнува со слободно расфрлање на бои, кои создаваат хаотични обоени површини. Оваа фаза е динамична, несвесна и полна со енергија. Со секој следен слој, боите се натрупуваат, создавајќи дебела маса со богата текстура и фактура. Од тој хаос започнува процесот на прочистување – трансформација на енергијата во спокој. Овој чекор подразбира големи површини обоени со една боја, кои внесуваат хармонија и баланс. Претходните слоеви, сепак, не исчезнуваат целосно. Боите од првичниот хаос се насетуваат како текстура, различни нијанси и форми што продираат на платното. На овој начин, секој слој раскажува сопствена приказна, а конечниот резултат претставува синергија меѓу динамиката и смиреноста. Оваа интимна и длабоко лична димензија извира од моите чувства, дозволувајќи им на расположението и моментот да влијаат врз делото. Понекогаш, сликањето за мене претставува терапија, одразувајќи го она како сакам да се чувствувам. Самиот чин на сликање е мојот мир, моето прибежиште и местото каде што се чувствувам дека вистински припаѓам и сум во спокој. Техниката што ја користам е разновидна, од четки, лисја, гранки, пластики, ножеви, жици, сунѓери, па сè до голи раце. Истражувам паралелно на повеќе платна, користејќи масло и ладен восок за стабилност и текстура, со кои ги пренесувам најскриените емоции, додека акрилот го користам за експлозивно пренесување на моменталните чувства. Секогаш се водам од срцето и душата, без претходно поставен план.
Како една уметница балансира меѓу својот внатрешен свет, реалноста и семејството? Колку имаат разбирање најблиските кога едноставно забораваш на времето и си во сосем друга димензија?
Балансирањето меѓу уметноста и семејниот живот навистина бара разбирање и поддршка од најблиските. Среќна сум што имам такво разбирање во моето семејство и мислам дека таа поддршка ми дава дополнителна сила, енергија и инспирација која ја пренесувам на платната. Кога сликам, навистина се внесувам целосно во процесот и понекогаш губам чувство за време. Тоа е момент кога сум во "друга димензија", како што се вели. Меѓутоа, се трудам да бидам свесна за потребата од баланс и да бидам присутна и целосно посветена и во домот и во сликањето. Поддршката од семејството ми овозможува да се препуштам на креативниот процес без чувство на вина или притисок. Истовремено, тоа ме мотивира да го ценам времето поминато со најблиските и да го направам квалитетно и исполнето.
Публиката овде и публиката во светските метрополи. Кои се сличностите и разликите, дали е вистина тоа дека странската публика е повоздржана, но и повеќе спремна да експериментира со стилови кога е во прашање украсувањето на домот со слики?
Врз основа на моето искуство, не мислам дека странската публика е повоздржана. Напротив, можам да кажам дека луѓето во светот се многу поотворени да споделат мислење, да дадат признание за тоа што им се допаѓа, па дури и да побараат совет и мислење за процесот на создавање на делото. Луѓето што имаат моја слика или слики во своите домови често ми праќаат фотографии и се интересираат да споделам повеќе за инспирацијата, што стои зад сликата. Во светските метрополи, можностите за изложување и продажба на уметност се поголеми, што може да придонесе за поголема отвореност кон различни стилови и експериментирање. Сепак, важно е да се напомене дека и домашната и странската публика покажуваат искрен интерес и почит кон уметноста. Разликите можеби лежат повеќе во можностите, отколку во самиот однос кон уметноста. Моите дела се наоѓаат во домови ширум светот, вклучувајќи ги САД, Канада, Азија, Австралија, како и многу европски земји. Оваа разновидност на локации покажува дека постои глобален интерес за современа уметност, без оглед на географските граници.
Во март спремаш уште една изложба која носи наслов ВО СПОКОЈ. што е спокој за тебе?
Спокој за мене претставува многу нешта. Тоа е чувството што го добивам кога сликам, тоа е моментот кога сум целосно присутна во процесот на создавање и се чувствувам најмирно. Спокој наоѓам и во љубовта и поддршката на моето семејство, во моментите поминати со пријателите при испиено кафе, во прошетките низ природата. Спокој е и радоста што ја покажува нашето куче Чарли кога ќе се вратам дома. Тоа е и оној тивок момент на крајот од денот кога останувам сама со своите мисли и планови за утрешниот ден. Спокој за мене значи да се сакам себеси и да се чувствувам мирно во сопствената кожа. Накратко, спокојот за мене е асоцијација на мирен, спокоен сон - состојба на внатрешен мир и хармонија која се обидувам да ја доловам и пренесам преку моите дела во оваа нова изложба.
Кажи ни нешто повеќе за изложбата која ќе ја видиме наскоро, од аспект на концептот, пораката која ја носи со и во себе.
Навистина ми претставува огромно задоволство што после три години повторно ќе се претставам пред македонската публика, во двата изложбени салони, Империјал 1 и Империјал 2 во Културно информативниот центар - КИЦ во Скопје. Во спокој, ќе биде моја деветта самостојна изложба. Имам реализирано самостојни изложби во Македонија, Хрватска и Данска. Моите дела биле дел од групни изложби во повеќе земји, вклучувајќи Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија.. Отворањето на изложбата "Во спокој" ќе се одржи на 5 март оваа година. Ќе бидат изложени околу 40-тина слики, поголемиот дел од нив во голем формат, работени во масло, акрил и комбинирана техника на платно. Огромна благодарност до професорот Костадин Танчев – Динка, графичар, графички дизајнер и сликар за изборот на моите дела кои ќе бидат претставени на оваа изложба. Осврт на моето творештво ќе направи уште една исклучителна личност, професорот Владимир Мартиновски, поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач, антологичар и голем љубител на уметноста. Концептот на изложбата произлегува одразлични аспекти на мојот живот – лични емоции, секојдневни моменти, па дури и навидум безначајни детали кои носат длабока симболика. На пример, текстурата настар ѕид ме инспирира да размислувам за слоевитоста на времето и искуството. Хоризонтите ги гледам како симбол на надеж и бесконечни можности. Љубовта истраста, како движечки сили на мојата креативност. Истовремено, истражувам и теми како надминување на личните стравови и пронаоѓање внатрешна храброст. Секое дело содржи елемент на охрабрување – како потсетник дека под привидниот хаос постои ред, а под немирот – спокој. Моите дела се апстрактни бидејќи верувам во индивидуалната интерпретација на уметноста. Големите обоени површини можеби изгледаат едноставно на прв поглед, но содржат многу слоеви – суптилни детали, цртежи и текстури кои зборуваат за скриеното под површината. Тие се метафора за животот – навидум едноставен, но полн со комплексни емоции и искуства, каде спокојот се наоѓа во прифаќањето на сите нијанси на постоењето. Како што во моите слики се преплетуваат различни бои и текстури создавајќи хармонична целина, така и во животот радоста, љубовта, предизвиците и тивките моменти на размислување се спојуваат во прекрасен мозаик на човечкото искуство. Во таа разновидност лежи убавината на спокојот - способноста да најдеме мир и задоволство во секој аспект на нашето патување.
Дали има нешто што би сакала да споделиш со нашите читатели, а да не си го кажала во ниту едно интервју досега?
За крај, би сакала да ги поканам сите љубители на уметноста на мојата изложба "Воспокој" која ќе се одржи на 5 март во 20 часот во КИЦ, Скопје. Вратите се широко отворени за сите кои сакаат да го доживеат моето творештво. Иако подобро ги изразувам моите мисли и емоции преку сликањето отколку преку пишаниот збор, чувствувам потреба да споделам нешто лично. Сакам јавно да ти се заблагодарам тебе, моја Ана, со која заедно ги поминавме средношколските денови. Секогаш ми даваш поддршка, преку тоа што само ти знаеш најдобро да го направиш. Преку твојата поезија, повторно ме разнежни и расплака со твојот пишан збор, песната ВО СПОКОЈ, посветена и ако можам да кажам инспирирана од моите слики кои ќе бидат дел од истоимената изложба. Тоа го направи и во 2019, за мојата изложба Длабочина, со твојата ДЛАБОЧИНА. Ти благодарам од срце.
Најдрага моја Анита, ми беше чест и огромна радост да те имаме во ТАА Е... иако знам дека ретко даваш интервјуа и дека оставаш твоето творештво да зборува за тебе. Ти сакам уште безброј изложби, дома и во странство, спокој во душата и вечна инспирација. За денес ја одбрав песната ДЛАБОЧИНА која беше инспирирана од истоимената изложба, а ВО СПОКОЈ ќе им ја подариме на нашите на 5-ти март.
Ме подготвуваш за ПЛОВИДБА НИЗ ВРЕМЕТО
со сигурна рака мојата ја држиш
со вперен ПОГЛЕД ВО ДАЛЕЧИНА
во која започнала нашата приказна
низ која болскоти РАЗБУДЕНА СТРАСТ.
Ти го ловам погледот плашливо како дете
а ти само ми шепна ЗАЉУБЕН
и ме носиш некаде во височини
да ги гледаме БУЛКИТЕ НА ВУЛКАНОТ
и ми раскажуваш тивка приказна
за ПТИЦАТА СО ЗЛАТНО ЈАЈЦЕ
за нејзината БЕСКОНЕЧНОСТ
во која нашата БЕСКОНЕЧНОСТ ја гледам.
И потем секој од нас во својот свет нурнува
во МОЛКОТ НА БЛИСКОСТА
кој е погласен од сите мои мечти
за да ја зачувам твојата ПЕРЦЕПЦИЈА НА МИГОТ
со онаа блискост во која
моето ЧУВСТВО НА ПРИПАДНОСТ
е запечатено со твоите усни
со БАКНЕЖ кој живот ми нуди
кој свесна за себе ме прави
во вител од БУДЕЊЕ НА СЕТИЛАТА.
И во нашиот молк како ехо
тлее ГЛАСОТ НА ВОЗДИШКАТА
и знам дека добро е, дека добро с` ќе биде
во оваа ЕКСПЛОЗИЈА НА ЕМОЦИИ низ која лебдам
и во која тебе те гледам
низ ЗРАЦИ на она што љубов е.
И чекориме полека
ЧЕКОР ПО ЧЕКОР како деца на несигурни ноџиња
кревајќи ги рацете угоре
во ДОПИР СО РАЈОТ смислата да ја најдеме.
И тука си
како камен столб, како ПОТПОРА
ти и јас во одот едно сме
како ЧУВАРИ НА СПОМЕНИТЕ
откривајќи ја онаа полна спокој
МИСТЕРИЈА НА ДЛАБОЧИНАТА.
И често низ патот кој го одбравме
застануваме на КРСТОПАТ
за да ги преиспитаме нашите мисли
низ кои пловат овие ЖИВОТНИ ПАТЕКИ
и со кренати чаши полни животна радост
наздравуваме за СЛАВЕЊЕ НА ЖИВОТОТ
без да мислиме на иднината.
Даваме слобода на нашето ЗАРОБЕНО ВРЕМЕ
и лесни сме како пердуви од птици
во оној ТАНЦ НА МИСЛИТЕ
таму некаде светот го откриваме
во ИМАГИНАЦИЈА НА НЕВОЗМОЖНОТО дом создаваме
а ти уште ми раскажуваш
за таа ОГНЕНА ПТИЦА која крилјата ги шири
и која ги топли со својот глас
нашите ЗАМИСЛЕНИ СВЕТОВИ
во кои живот живееме
во љубов, во ДЛАБОЧИНА.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Никола Грнчаров и Чедо Поповски