Ана Бунтеска: Душата на ченгел си ја обесив

Добивај вести на Viber

Душата на ченгел си ја обесив,

како старо палто полно лаванда по џебовите,

да изветрее, да ми одмириса болката,

да прими свежина и здив од летен дожд,

да избледи трагата од твоите прсти на неа

и по некој отпечаток од загриз.

Душата на ченгел си ја обесив,

како мрша од животно ја закачив,

сеедно, кога е мртва ништо не чувствува,

ниту радост, ниту бол, ниту трепет,

само виси како обично парче месо,

со остатоци од она што беше некогаш живот.

Душата на ченгел си ја обесив,

за да здивнам и да одморам од себе,

да можам правта од срцево да ја истресам,

небаре со крпа и средство ќе ми одмине тагата,

небаре така наталожена лесно ќе се исчисти,

та ќе светне токму како нова да е.

Душата на ченгел си ја обесив

и колку повеќе ја гледам, не знам што со неа,

оти ваква не ја сакам, не ми треба,

впила многу јад во себе и тежи како олово,

тешка ми е за телово да ја крепи,

оти и тоа повеќе товар не додржува.

Душава, душава на ченгел ќе ја оставам,

можеби времето навистина лечи и закрепнува,

векови нека минат, ќе се исчисти, ќе се излекува,

та некому може да му се најде, да му притреба

и од ченгел ќе ја откачи, на себе ќе ја залепи,

оти јас, оваа душа ваква повеќе не ја љубам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска