„Ние сме како прст и нокт“: Фолк дуото Билјана и Борис Димови од Струмица за почетоците, заедничкиот живот и новите проекти

Најчестата и најпознатата изрека на Балканот гласи: „Низ Србија немој да играш зашто ќе те надиграат, низ Босна немој да пееш бидејќи ќе те надпеат, низ Македонија немој ни да играш ни да пееш бидеќи и ќе те надиграат и ќе те надпеат“. Тоа навистина е така, земјава наша е мала но е голема ризница на грла кои пеат како славеи. Пеат народно, забавно, поп, рок... буквално сѐ. А Струмица како град е еден од најпознатите по многуте пејачи кои родум од Градот на карневалот освоиле многу награди, отпеале премногу хитови и оставиле белег во историјата на македонската песна.
Струмичани ги бидува и за народно и за забавно, еден таков пример кој опстојува повеќе од 20 години на македонската фолк сцена се дуетот Билјана и Борис Димови.
Нивниот прв заеднички настап како дует се случил пред 21 година, во 2004 година на познатиот фестивал „Фолк фест Валандово“, откри нашата соговорничка Билјана Димова и додаде дека како соло пејачка на истиот фестивал неколку години порано добила и награда за најдобар дебитант. Билјана пред да стане дел од групата на Борис пеела во групата „Болеро“.
„Јас почнав од многу мала да пеам, а Борис беше бас гитарист во групата „Тоналитет“ од Струмица, ме повикаа да пеам со нив еден месец во истиот локал кој беше на мојот покоен чичко, и оттогаш тој не тргна поглед од мене(се смее). Бев премлада за да се справам со таква ситуација па решив да не пеам таму со нив, ама судбина било, после две години пак заедно работевме и така почна сѐ“, ни раскажа накратко за нивните заеднички почетоци, запознавањето и почетокот на нивниот заеднички живот. Целото интервју на фолк дуото Билјана и Борис Димови од Струмица прочитајте го во редовите подолу:
* Има ли период во годината кога Билјана и Борис одмараат, односно кога се без договорени снимања или свирки?
- Таков слободен период немаме, а и не сакаме затоа што пеењето е филтер и прочистување на душата, пеењето е лек за сите болести. Освен кога треба да се оди на годишен одмор па си дозволуваме 10 дена без обврски.
* Билјана колку е важно за една пејачка, покрај убавиот глас да има и убаво тело, па и да е средена?
- Покрај убавиот глас би било совршенство да се има убаво тело и нормално не сум видела пејачка, а да не е средена. Но не секогаш тие што имаат убав глас можат да бидат сите витки и згодни, но барем да бидат секогаш стокмени и во тренд. Според мене, сепак најважна е харизмата што ја поседува еден пеjaч.
* Летото најчесто за пејачите е преполно со договорени свирки, па ви остануваат ли денови за одмор?
- Уште од почетокот на годината се прави план кој месец ќе се оди на одмор, па така тие 10 дена не договараме никакви настани.
* Следен проект од вас, кога да го очекува публиката?
- Еве сега се подготвува нов проект се надевам дека за брзо време ќе биде готов, па и со видеозапис.
* Вие сте брачен пар кој работи заедно, малтене заедно сте 24/7. Колку тоа е благослов, а колку голем предизвик за сопружниците?
- Така е, буквално сме 24/7 заедно таква ни е работата. А сѐ е навика и не ми смета тоа. Како што велат кај нас во Струмица, Билјана без Борис не е исто, и Борис без Билјана пак не е исто, кога едниот го нема не е комплетно, а за да функционираме беспрекорно добро има една изрека: „Билјана збори, Борис слуша, потоа Борис слуша Билјана зборува“ и се така ептен ни е супер(се смее). Инаку навистина сме како прст и нокт.
* Кој е одговорен повеќе за обврските во домот, а кој за соработки со клиенти и договарање на настапи?
- Во домот се разбира Билјана е одговорна, а Борис за договор со клиентите.
* Вие сте горди родители на ќерката Сања, која тргна по вашите постапки и е млада талентирана пејачка. Дали некогаш сте ѝ посочиле дека професијата на пејачка не е лесна, дека бара многу откажувања и жртви? Или никогаш не сте и се мешале во одлуките?
- Така е, ние сме навистина горди родители на Сања. Никогаш ниту Борис ниту јас не сме ја насочувале да биде пејачка, таа самата си одбра дури кога беше мала. Се случуваше често додека се спремав да одам на пеење таа стоеше до мене, и кога ќе се вратев од пеење гледав траги од неа (се смее) се шминкала, носела штикли по дома, облекувала фустани од мене се правела пејачка.
И секогаш фустаните од плакарот ми беа разместени, а и многу и одеше и учењето па мислевме нема да сака да биде пејачка туку оставивме таа сама да одбере. Сања заврши средно музичко, отсек соло пејачка и беше премногу успешна со многу награди.
Факултет прво запиша во Италија, и таму постигна успех за кратко време, но за несреќа короната се појави и моравме да ја повлечеме во Македонија, еве веќе е на крај со факултет се надеваме до пролет да дипломира.
А покрај факултетот таа сака да пее како нас народни и забавни песни да не е само на класика, ама не и се мешаме воопшто како и каде сака таа таму нека биде.
* Дали како семејство тројцата заедно сте настапиле на некоја семејна веселба, свадба, или друг вид на забава?
- Тројцата заедно се‘ уште не се случило да настапиме, само на емисија сме биле заедно.
* Родителите сте и на 19-годишниот Стојан. Дали и тој тргна по стапките на мама и тато?
- Да. Тој има свое студио и компонира свои песни, но се преодреди за рап и трап.
* Каде се гледате за 10 години од сега?
- За 10 години се гледаме за 10 пати поуспешни пејачи од сега.
Наталија Миланова