Ана Бунтеска: љубовта како шеќерна волна

Добивај вести на Viber

Љубовта

Како нож до коска

Како свила на кожа

Како мрежест чорап на мазна нога

Како неколку капки парфем зад увото

Како коса замазнета и собрана угоре

Како прстен на домалиот прст

Како заглавена школка во песочен часовник

Како престегната вратоврска наголо

Како твојата дланка во која мојата се поти

Љубовта

Од која ти доаѓа нож и виљушка да земеш

И на совршено наместена трпеза

Во порцеланска чинија со салфета отстрана

Срцето да си го извадиш со маникираните нокти

Мирно да ги замиеш рацете

Во длабок леѓен полн со лимонова вода

И без збор да го исечеш на идентични парчиња

Со скромниот прилог од грашок и малку брокула

И на секој касај со салфетата (во боја на чаршафот на

масата)

Уредно да ги забришуваш аглите на усните

Преклопувајќи ја вучетири

Љубовта (ти вреска во умот)

За која си решен да умреш наместо да живееш

Да убиеш наместо да зачнеш живот

Рацете во црвено да ги бојосаш наместо да ти обелат

Оти срцето си го убиваш и за вечера го готвиш

А куќата ти е полна гости

Ама ако (си велиш)

Ќе има доволно сите да се заситат

А никој околу тебе не забележува

Дека зборуваш и се смееш со дупка во градите

Та дури и низ неа се гледаат и дрдорат

Дрдорат дур’ не ти се приблуе

Дур’ во твојот ум не почнеш еден по еден

да ги сервираш

И тоа ете насмевка ти измамува

И одмавнуваш со раката кога некој ќе те потпраша

Само велиш оти нешто си се замислил

И седнуваш повторно на своето место

Продолжуваш со истата сласт да си го џвакаш срцето

Потсетувајќи се да го запомниш рецептот

Без да го запишуваш во нотесот

Љубовта (ти се згрчува желудникот)

Љубовта од која виното на киселина ти мириса

А во стомакот ти скиселува како да ти се распаѓа

утробата

И си велиш едно време, доста е

Стануваш елегантно

Го подместуваш столот напред кон масата

Со љубезна насмевка им посакуваш добра ноќ

на гостите

И си заминуваш од сопствениот дом

Без ниту еднаш да се завртиш

Во потполна и лековита тишина

Со дупка во градите

Низ која толпата од која бегаш

Гледа дека го повикуваш лифтот

Ги затвораш вратите зад себе

Притискаш за најдолу

Иако во себе знаеш дека угоре одиш

Љубовта

Тивко во себе си шепотиш

Љубовта

Купуваш шеќерна волна

Љубовта

Ја сместуваш онаму, срцето кај што ти беше

Љубовта

Исчезнуваш во метежот со розово во градите

Љубовта

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска