Три бебиња одеднаш: „Дома сме како јасли, полни раце работа за сите“ - Горан Папаз за татковството на тројките

Музичарот Горан Папаз и неговата сопруга Наташа станаа родители на тројки, две девојчиња и едно машко. Голема реткост е да се добијат тројки по природен пат, а радоста неизмерна.
На прва измешани емоции – среќа и страв за новите членови кои ќе бидат дел од нивното семејство, а сега кога веќе се дома, па Папаз вели по дома се како во јасли – градинка.
Лена, Луна и Лазар, ја имаат најхрабрата мајка Наташа, која живи и здрави ги донесе на овој свет.
Горан и Наташа скоро 3 години се во брак, нивната љубовната приказна започнала „најспонтано“.
- Неколку месеци комунициравме на социјалниве мрежи, пријателски без некои посебни намери. Јас прв почнав да и пишувам бидејќи знаев дека е адвокат, имав потреба од правен совет, и еве не … со три деца после тоа. (се смее)
ЖМ: Најубавиот плод од вашата љубов се Лена, Луна и Лазар кои пристигнаа на овој свет ден пред Новата година. Прво, каква беше реакција кога дознавте дека Наташа носи тројки, а потоа и реакцијата откако прв пат ги држеше во раце?
- Всушност на вториот преглед ни соопштија дека е тројка, на првиот ни кажаа дека се близнаци. Со оглед на ризиците кои ги носи таквиот вид на бременост, емоциите беа измешани, страв и среќа во едно. Многу интересно искуство, јас бев многу поисплашен од Нате, ама храбра мама издржа убав маратон.
ЖМ: Како се мама Наташа и малите бебиња во моментов, како изгледа атмосферата во домот?
- Сите се одлични, а дома сме како градинка, јасли. Ангажирани баби и дедовци, полни раце работа за сите. Морам да признаам дека добро сме организирани и засега немаме некои тешкотии. Добро функционираме. (се смее)
ЖМ: Дамиан е сега голем батко, како реагира и како ги прифати неговите сестри и брат кои ќе бидат негови нови пријатели?
- Дамиан е целосно внесен во улогата поголем брат. Помага многу, обожава да ги храни и на секои 3 до 4 минути поминува и ги бакнува, тој е просекот. Многу мил батко.
ЖМ: Како се снаоѓа мама Наташа со тројките и може ли таа да каже каква бременост имаше?
- Мама Нате на сите идни мајки им посакува да имаат бременост како нејзината. Секој ден без исклучок, вежбање и активна со работа до крај на бременост. Сега е буквално како да не била бремена и се разбира продолжи со истото темпо како и пред пораѓањето.
ЖМ: Кога прв пат објави дека чекате тројка, напиша дека е решен проблемот со бендот, бидејќи веќе имаш доволно членови … сигурен си дека ќе сакаат музика?
- Само нека се живи и здрави, што и да решат во животот да бидат, тато и мама ќе ги поддржат максимално. Би бил пресреќен да се занимаваат со музика и вистина да сме бенд, но да оставиме на времето. (се смее)
ЖМ: Има ли разлика да се биде татко на едно и татко на четири деца?
- Љубовта кон децата дали е едно или повеќе е иста кон сите. Различна е само бројката, друго се е исто. (се смее)
ЖМ: Во што Папаз најдобро сега се снаоѓа, менува пелени, ги бања бебињата…
- Генерално во се, немаме поделени обврски, секој прави тоа што во моментот е потребно да се направи. Најубаво ми е кога ги бањаме. (се смее)
ЖМ: Како дојдовте до идеја тројката да ги носи имињата Лена, Луна и Лазар? Дали можеби имаат некое значење за вас овие имиња?
- Омилено име на Нате и (беше) е Лена, и уште кога не беше ни бремена знаевме дека ако е девојче ќе биде Лена. Луна е моја идеја, Лазар е идеја на Нате, пред сè дека и е убаво името, а коинциденција е тоа што и татко ми се вика Лазе па ете, се наредија некако така убаво.
ЖМ: Како да се биде родител нема ниту книги, ниту лекции едноставно тоа е инстинкт кој те води во животот. Што вели вашиот инстинкт во моментов како ќе се покажете како татко на четири?
- Се согласувам во целост, нема правила. Мислам дека ќе бидам стабилен родител и ќе се потрудам да ги воспитам убаво, да бидат добри деца со убава етика и морал.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива