Рецепт на денот: Посни ќофтиња од наут во сос од домати

Добивај вести на Viber

Овој вторник, Женски магазин во рамки на 40-дневниот Велигденски пост со вас споделува нов посен рецепт .

Ви предлагаме да направите посни ќофтиња од леблебија или наут во сос од домати.

Состојки

За ќофтиња:

-400 гр варен наут (или конзервиран, исцеден),

-1 мал кромид (ситно сецкан),

-2 чешниња лук (ситно сецкани),

-2 лажици маслиново масло,

-1 лажичка мелен ким,

-1 лажичка мелена пиперка,

-2 лажици брашно (пчениично, интегрално или без глутенско),

-2 лажици сечкан магдонос,

-сол и бибер по вкус.

За сосот:

-500 ml сос од домати (пасата или ситно сечкани домати),

-1 лажица маслиново масло,

-1 црвен кромид (ситно сецкан),

-2 чешниња лук (ситно сецкани),

-1 лажичка шеќер или сируп од агава (по избор),

-сол, бибер и босилек по вкус.

Посните ќофтиња од наут во сос од домати се подготвуваат на следниов начин:

Загрејте го маслиновото масло во тава и пропржете ги кромидот и лукот додека не омекнат, околу 5 минути. Во блендер или процесор за храна, измешајте ги наутот, пржениот кромид и лукот, кимот, мелената пиперка, брашното, магдоносот, солта и биберот. Мешајте додека смесата не се изедначи и соедини.

Од смесата обликувајте ќофтиња и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Намачкајте ги со маслиново масло и печете ги во загреана рерна на 200°C околу 20 минути, додека не станат румени и крцкави.

Додека се печат ќофтињата, подгответе го доматниот сос. Во тенџере загрејте го маслиновото масло, додадете го кромидот и лукот и пропржете додека не омекне. Додадете сос од домати, шеќер, сол, бибер и босилек. Гответе на средна топлина 10-15 минути.

Кога ќе бидат готови ќофтињата, прелијте ги со топлиот доматен сос и послужете веднаш, со тестенини, ориз или леб.


Прочитајте го и овој рецепт:Посна салата од тиквички и компир + главен ручек за старт на постите