Натписот „Добредојдовте во Израел, вашиот живот веќе никогаш нема да биде ист“ не знаев дали да го протолкувам како благослов или предупредување: Татјана Христовска Качоровска изминативе шест месeци живееше во светата земја

Кога пред некоја година сефте стапнав на тлото на Светата Земја, првиот натпис што ме дочека беше токму „Добредојдовте во Израел, вашиот живот веќе никогаш нема да биде ист“, вака Татјана Христовска Качоровска, професорка помакедонски начин ја почнува својата приказна испреплетена со многу емоции за убавината на Израел и за тамошниот живот.
-Нормално, ми поминува морници низ телото бидејќи не знаев како да го протолкувам напишаното. Како благослов или како предупредување? Неважно. Важното е дека после толку месеци живот во Светите Земји, ја почувствував точноста на кажаното. Да, мојот живот веќе никогаш нема да биде ист. – појаснува Татјана.
Во светата земја го придружувала сопругот кој бил дипломат во Македонската амбасада во Израел. Лично тој ги евакуираше сите Македонци од Израел кога почна војната. А, мандатот го помина во најстрашниот период на војна.
Следуваат интегрално нејзините впечатоци кои ги запишала во личниот дневник со наратив својствен само за „мајсторите на перото“.
Првиот впечаток - бојата. Израел е песоклива боја, белузлаво-жолтеникав е сиот. Песокливи се фасадите на зградите, песокливи се улиците, песоклива е бојата на плажите, песоклива е Јудејската Пустина, песоклива е пустината Негев и Галилеја и Цезареја е земјено-песоклива, и теренот околу реката Јордан. А и чудните луѓе ми беа впечатливи од старт. Незаинтересирани за тебе, не те регистрираат, небитен си им. Никој не се труди да те импресионира, ако ти чини, арно, ако не, пак арно.
Мало појаснување, да стане почисто во главите на читателите. Израел е држава во која живеат Евреи и секако, Арапи. Евреите се делат на три поголеми групации: секуларни, верски ционисти и ортодоксни хајредин Евреи. Првите се граѓанскиот слој, не нужно големи верници, слободоумни, модерни (не џабе од секој трет прозор на Тел Авив се веат знамиња со виножитото), луѓе лојални на Државата, служат војска и во секое време се подготвени да ја бранат. Вторите се религиозните ционисти. Оние со малите капчиња (кипи) на глава. Тие се религиозни, но истовремено лојални на државата, одат на работа, плаќаат данок, служат војска. А оние третите се најчудното нешто што моите очи го виделе. Тоа се ортодоксните хајредин Евреи, оние што ги гледаме по филмовите со бели кошули, црни пантолони, црно палто и црн шешир. И со плетенки. Е, тие се посебна приказна. Ништо не почитуваат. Само нивната Света книга, Тората. Мажите не работат, нивна должност е да се молат и да одат во Синагога. Жените им подработуваат некое скратено работно време, а ги издржува државата. Властите имаат корист од нив бидејќи им го зголемуваат наталитетот, но останатите граѓани не ги сакаат, да не употребам погруб израз, зашто се мрзеливи и немаат никаков придонес за општото добро. Евреите се од различни сорти, од секаде низ светот. Ашкенази, Сефарди, Мизрахи... огромен процент се дојдени од Русија и си го тераат рускиот начин на живот. Од друга страна, во самата држава Израел (не на палестинските територии, тоа е друго) живее палестински народ, Арапи кои ги уживаат правата на Израел. На училиште учат на арапски јазик и тие се инкорпорирани како рамноправни граѓани. Палестина пак е нешто сосема десетто. На Палестинците од териториите им е забранет влезот во државата. Ако сакаат да патуваат, мораат да одат во Јордан и од Аман да фатат авион. Знаете, многумина надвор од Светиве Земји си дозволуваат да раскажуваат истории, да се мешаат во туѓи манџи... јас лично, не си го дозволувам тоа. Можеби знам доста, но фактички, не знам ништо и поради тоа не се осмелувам да коментирам туѓи битки. Ја имавме привилегијата да влеземе во секакви куќи, да бидеме пречекани и угостени како најнивни во домовите на сите наши пријатели. И кај секуларни Евреи во Тел Авив, и кај верски ционисти, и кај Палестинци муслимани во Рамалах, и кај Палестинци православни христијани во Витлеем... Кој од кој полуѓе! Сите си имаат нивна вистина, а мене ме интересира само нивното срце и муабетите што ги имаме. Поради пријателството со сите нив, побогат човек сум. И поради Шломо и Мирјам, и поради Шели и Дов, и поради Зубејда и Лејла, и поради Докторот Амџат, Ола и нивните деца.
Ова се дел од забелешките што сум ги фаќала додека бев таму.
- Септември, 2024.
Секој ден будењето е стрес-тест, сирени рано-рано, па имаш 90 секунди да натнеш на себе нешто и долу во скривница. Сега пак, вторпат денес. Лепота. Комшиите од зграда не викаат ни "Добро утро, ни "Добар ден", нема врска, јас упорно ги поздравувам и им се смешкам. После третиот ден заеднички престој по скривници, на моето „Шалом“ ми враќаат со „Шалом“. Нė зближи заедничката мака. После месец дена, комшијата дојде и ми донесе крофна. Значи, време им требало, да стекнат доверба требало, заклучувам.
- Јануари, 2023
Модерно кафуле во центарот на Тел Авив. "Беше ли добра услугата?" "Да, супер, фала." "Where are you from?" "From Macedonia." Oh, really? I know Macedonia only from Eurovision. I'm glad I met someone from there."
И после викајте дека не чинело да учествуваме на Евровизија.
- Октомври, 2024
Бнеи Брак (בְּנֵי בְּרַק) е нешто како предградие на Тел Авив, како посебно гратче се води. Во комшии ни е, па врвиме често низ него. Таму живеат најортодоксните Евреи, оние кои дома немаат ТВ, интернет не знаат што е, не служат војска (знаете дека во Израел сите одат во војска после средно, машките 3, а женските 2 години), не работат, туку животот го врват во проучување на Тората (државата им дава некои пари, а и жените подработуваат), имаат по 7 деца и сите кои ги видов беа како замаени, си зборуваа сами со себе, односно, си цитираат нешто од нивната Света книга. Многу нечисто, депонии по улиците, немаат време да чистат, читаат Тора. Излегуваат на улица за да видат информации на плакати како огласни табли, како "Чујте и почујте" со барабаните на времето. Им се смешкав на дечињата и ми возвраќаа со чудење и потоа и тие се насмевнуваа, рефлексна и ланчана реакција е тоа, душички . Сакам да речам, ова е најчудната земја во свет, од најотворени и најмодерни, до чудаци како овие денес. Фасцинантно!
- Декември, 2024
Во Варшава сум за Божиќ. На секој звук од сирените за Брза помош се стресувам и срцето ми застанува, мислам, ете ги сирените за во скривница. Трауми од Тел Авив иако додека си на лице место не ти се чинат толку страшни.
- Април, 2022
Преинтересен податок.
Според знаковниот јазик, името на градот Ерусалим Палестинците го покажуваат на еден, а Евреите на друг начин. Имено, во палестинскиот знаковен јазик, Ерусалим се покажува со прстите на десната рака кои прават форма на купола врз левата рака (прикажувајќи ја златната купола од џамијата и комплексот Ал-Акса, трето по светост место за муслиманскиот и најсвето за еврејскиот свет), додека во еврејското и останатите општества, Ерусалим на знаковен јазик е покажуван со бакнување на прстите и симболочно допирање на дланката до Западниот ѕид (Ѕидот на плачот).
- Божиќ, 2023
Кога си на самото место, на изворот, зборовите добиваат инакво значење. Ги сфаќаш суштински. И "Христос се роди", и "Христос воскресна", и голготата, и распнувањето, и гробовите на Христос и Богородица, и кога газиш по патиштата што се опишани во приказните од Библијата, просто, сė е многу чудно и големо и моќно и не може, а да не почувствуваш "нешто". Не џабе се вели дека ничиј живот не останува ист после стапнувањето на ова пресвето тло. Мислам на оние кои носат духовен потенцијал во себе, не оние кои на териториите гледаат од политички, туристички или не знам каков аспект. Преинтересно!
- Октомври, 2024
Ерусалим е најлудото нешто што може да замислите. Значи, хаос! Пред сè затоа што е спој на трите религии, ама тоа не се само трите религии како такви, туку сите најоткачени групи и подгрупи на истите. Ај што среќаваш луѓе што паѓаат кога ќе влезат во црквата на Светиот гроб, тоа не е чудно и тоа на сите им се случува, едноставно паѓаш на колена сам од себе и солзи ти течат, не е спорно, енергија е и јасно ми е. Нејсе, друго сакав да речам... постои т.н. "ерусалимски синдром". Тоа е некое "откачување жичка" кај одредени луѓе и после посетата почнуваат да веруваат дека се Месии, ликови од Библија, па дури и сам Исус Христос. И се облекуваат така во бели одежди до земја, пуштаат коса, брада, одат боси и со стап низ улиците и држат некои библиски скрипти во рака и си зборат. Има еден таков, кога и да влеземе, таму е, баш кога пребарував по нетов, ми излезе негова слика. Е, како што читав, не се само низ Ерусалим, туку и кога ќе се вратат дома после патувањето, почнуваат да проповедаат. И после ќе речат, немало места со силни енергетски точки од кои дури страв да те фати. Како бре, нема!
За мене лично, место со таква, најсилна земјена енергија е Охрид.
- Ноември, 2024
Ерусалим.
Центарот на Светот. По иксти пат го бацив гробот на Христос. Искрено се помолив за сите нас, за сите Вас и за луѓето од целата Планета .
- Октомври, 2024
Денес имавме една, уф, јака прилика да бидеме пречекани со благослов во Руската православна црква на Маслинова Гора, значи, еј, на самата Маслинова Гора! и да им помагаме на сестрите во берење маслинки! Не знам дали ви е во моментов јасно колку јако е тоа, ама ете, и тоа го доживеав во животов. Привилегија голема и фала му на Господ и на Универзумов и не знам што да кажам. Сè овде е толку нереално и откачено и лудо.
- Декември, 2024
Пред некоја недела бевме во Витлеем на гости кај наши пријатели, Палестинци христијани, човекот доктор кој има дипломирано Медицински факултет во Скопје, а започнато уште Југославија време. Златни луѓе, ако речам со ангелски чиста душа, нема да згрешам. Пријателов македонски зборење како наш, па од што ја сака Македонија ("Македонија е РАЈ, ама вие не сте свесни" - цитирам) и жена му знае по некој збор чат-пат. Нејсе, бевме таму блиску во Јудејската Пустина, во Кедронската Долина во еден православен машки манастир од затворен тип, за жени забрането. Манастир на Свети Сава (светецот што го слават Србите го носи неговото име). И влегоа маживе внатре, па излезе руски калуѓер, довикна по мене: "Македонијаааа", јас се сепнав малку, не очекував и ми ги донесе моштите да ги видам, па ми подари икона од Свети Сава и масло. Супер лик, прељубезен. После некое време излегуваат маживе, докторов пребледен, шокиран... а внатре ги пречекал грчки монах кој слушајќи ги дека зборуваат македонски, буквално ги нападнал. Со најпогрдни зборови, со изобличен лик, со најгрозни навреди. Страшно.
- Април, 2022
Витлеем. Натпис на ѕидот што го дели Израел од палестинската територија.
- Декември, 2024
Седиме во еден прејак алтернативен кафиќ во срцето на стариот град во Назарет. Девојчиња, Арапки христијанки си чилаат. Кукли! Надвор седи еден постар господин, ми делува како некој универзитерски професор, до него седат две девојки со отворени книги и тој нешто им објаснува. Ова е чудесен, чудесен свет .
- Јануари, 2021
Давид Бен Гурион (1886-1973), лидериште од кое треба да се учи, таткото и творецот на модерниот Израел, владее со методи земени од најдоброто од левичарството и најздравото од патриотизмот. Последните години, животот го поминува во кибуц во пустината Негев, а кибуците оригинал нашите бараки во Тафталиџе! Дури и мирисот внатре ист. Хипик, ќе си дозволам да го наречам. Според некои извори, Бен Гурион имал огромна почит кон нашиот Димитар Влахов кој уште пред Првата светска војна, во тогашниот Османлиски парламент ја поддржувал нивната кауза. Го поканил да ја посети независната Држава Израел, но таа посета, за жал, не била остварена.
- Април, 2022
Запознајте го монахот Блажо. Од Кочани е, нашинец, Македонец. Во Јудејската пустина живее повеќе од 30 години. Пустиник, аскет, пештерски човек. Ако некој од локалните жители му донесе храна, добро, ако не, тоа е. Блажо е Божји човек, нив Господ ги чува.
- Април, 2022
Витлеем. Местото на раѓањето на Христос. Насред Палестина, кој хаос е ова, човече! Бодликави жици како граница. Шарени железни порти, ѕидини и насмеани очи на деца со ранци и униформи (се враќаат од школо) што нè поздравуваат со "Бонжур". Во црквата кај јаслите кајшто е роден Исус начекавме православна служба од браќата Копти. Магии и чудесии, мириси и најтешки егзотики.
Ќе ви пишам пак.— in Bethlehem.
С.А.Н

















