Божо и Сташа од „Шизик на ризик" - индивидуи кои ја следат страста, се борат против стереотипите, и ја истакнуваат вредноста на следењето на своето „скроз јас”!

Добивај вести на Viber

Живееме во свет кој постојано ни наметнува стандарди за успех и совршенство. Кој дури и нѐ поттикнува да се вклопиме во туѓите очекувања, насочувајќи нè кон сигурноста, наместо кон предизвиците кои можат да донесат вистинска среќа! 

Па така според  многумина, посебно родителите, но и пријателите, одредени професии – како доктор, работа во администрација, професор или други „сигурни“ занимања – се патот што нè води кон стабилност. Но, дали сигурноста навистина е најдобриот избор? 

Додека некои ја гледаат сигурноста како клуч за среќа и успех, други се охрабруваат да се ослободат од стереотипите и да ги следат своите страсти. А токму тој избор, да се тргне по патот на предизвиците, често ги отвора вратите кон нови можности. 

А работите се толку едноставни, бидејќи нема ништо поубаво од тоа да се работи она што се сака, и да се следи „вистинското јас”! 

Таква е и приказната за Божо и Сташа од македонскиот моден бренд  „Шизик на ризик" и нивното следење на соништата. И двајцата како љубители на уметноста, урбаната култура и слободниот дух се решаваат да го следат својот пат, без страв од неуспех или отфрлање. Нивната заедничка приказна е инспирација за сите оние кои веруваат во своите соништа и се подготвени да ги следат, без разлика на препреките и тешкотиите што може да се појават на патот. 

Божо Павковиќ е дипломиран стоматолог, со завршена стоматологија со највисоки оцени, кој по 6,7 месеци стажирање во стоматолошка ординација се решава да го напушти тој пат, и да се одлучи за нешто сосем различно, дизајн и кретивна индустрија, следејќи ја внатрешната интуиција. Притисоците, инсистирањето од средината да продолжи во стоматолошките води, воопшто не го предомислија, ниту обесхрабрија да продолжи по сопствениот пат. Сташа пак напушта реномирана маркетинг агенција, за да почне нешто свое. 

По повеќе години во креативната индустрија се решаваат да го креираат македонскиот бренд  „Шизик на ризик". 

Божо и Сташа, од „Шизик на ризик", не се само креативци, туку и пример за храброст и упорност. Индивидуи кои ги искористуваат своите таленти, ја следат страста, се борат против стереотипите, покажувајќи ја вистинската вредност на следењето на соништата, и на патувањето исполнето со авантури, искушенија, но и со големи предизвици. 

„Шизик на Ризик“ ја спојува локалната традиција со модерната култура. Вистинско освежување за младите и храбрите, бренд кој го одразува шармот на скопските улици, полн со топли бои и урбана носталгија, додека ја нагласува индивидуалноста преку уникатни дизајни. „Шизик на Ризик“ веќе ја освои младата генерација. Секое парче раскажува приказна за слобода, за еден „шизик“ кој го следи својот сон. 

“Интуиција ни кажува кој пат е вистинскиот. Кога се следи срцето, кога се прават избори базирани на личните желби и амбиции, можат да се надминат различни препреки. Предизвиците не се нешто од што треба да се бега, туку нешто што може да донесе вистинско исполнување. Задоволството и успехот не доаѓаат само од „сигурните“ патишта, туку од храброста да се прифати ризикот на нешто ново, истакнува Божо. 

#СкрозЈас иницијатива на dm ги повикува сите да ги истражуваат сопствените амбиции и да не се откажуваат од своите соништа. Без разлика дали станува збор за уметност, кариера или личен развој, истото она што ги движи Божо и Сташа може да ја води секоја личност кон успех. #СкрозЈас не е само кампања, тоа е повик за сите да бидат искрени со себе, да ја следат својата страст и да се ослободат од сите стравови и сомнежи.