Жена си, Универзум си

Добивај вести на Viber

Види ја како е облечена, абе си го бара со боринче

Штооооо? Нема маж и деца на 40? Нешто гарант не е ок со неа

Глупача бе, неќе кариера...дом ќе гледала, абе ај

Па да чинеше барем малку, немаше да ја остави

Не сакала деца и брак, кариерата и била важна...ненормална една

Остај ја, феминистка...уште пенис и фали

Пушти ја бе, домаќинка...исто како слугинка, фуј

Да бидам искрена, многу се мислев за денешнава тема. Не за друго ами само затоа што 8-ми (празникот на жената) помина, ама ми остана нешто што некако ми беше недокажано. Ова што ќе го читате денес е монолог, а сепак мислам дека говорам во името на сите жени. Да се биде женско чељаде на овие простори е вистински предизвик. Да се биде жена во услови кога сé уште се соочуваме со тоа дека некоја “сама си го барала” ако има провокативни слики или носи облека која по некакви си стандарди е како да се изложува себеси во излог и го чека најдобриот “купец” е поразително. Да се биде жена во општество во кое вицовите за “плавушите” се тема на непресушни хехенца или оние за секретарките кои секогаш се во функција на заведување на директорот-мажјак, е навредувачки.

Чинам дека основната поделба која ни е направена е дека има феминистки и оние “нормалните”. Не само што е таа поделба надвор од сите фер муабети, туку е и удар врз и онака тешкиот товар што го носи секоја од нас. Феминизмот е наша, заедничка борба да се има право на избор и тука ставам точка. Сите останати дефиниции или етикети се само начин да се омаловажи жената. Пред некое време прочитав статус од една прекрасна млада уметница која има одбрано да се посвети на семејството. Нејзиниот статус беше токму во насока на тоа дека тоа што гледа дете, слика кога ќе сака и се посветила на домот, не ја прави помалку феминистка, ниту повеќе домаќинка. И кога сум веќе кај домаќинките, стојам зад тоа дека и тој назив се кажува со некакви потценување. Демек, таа била домаќинка или во превод “е што е де толку е уморна, кога не прави ништо”. Ништо?! Како тоа не прави ништо? Еве, секоја од нас нека земе една недела одмор од работа и нека биде целосно посветена на домот и семејството. Имам пријателки со кои кога сме зборувале додека некоја од нас земала слободни денови, сме заклучиле дека тоа е како да сме оделе на работа. Подеднакво си бара ангажман и подеднакво е тешко. Пак ќе речам, феминизмот не е подучување која како треба и мора да живее, туку  слобода да го избере начинот на живот, без при тоа да дава некому објаснување или аргументи.

Во битието на човекот е да осудува и да негира тоа што е надвор од рамките на неговиот избор како ќе го тера животот. На најсилно е вклучено тоа дека жените кои немаат семејство и деца се нереализирани иако нивниот живот е добар за нив, токму онаков каков што е. Но, исто е на најсилно вклучено тоа дека жените кои сакаат многудетно семејство и по своја воља решиле дека нема да работат, се за секоја осуда. И да сме на чисто за една работа. Може да имаме сé, семејство и кариера, но може и да се одлучиме за едното или за другото. Нема правила, нема “мора”, има само желба да се живее вака или онака.

Сé уште не можам да си дојдам на себе од репликата на министерката со која го исплука избраниот начин на живот на друга жена. И не, не го вртам политички, исто како што не ми беше право кога жени ја коментираа Претседателката дека била “баба”. Мислам, дајте! Па ако жена на жена не и’ го чува грбот, кој? Спиновите кои беа вклучени на најсилно со тоа што приврзаниците на оваа или онаа политичка партија осудуваа или оправдуваа, се смешни. Факт е дека една жена и’ заби нож во грб на друга жена, толку. А во земја во која и онака жените се секогаш на тапет, тоа не смее да се случува.

И кога го зборувам ова, ќе посочам уште една работа. Не е само поразителна реакцијата на министерката, туку е поразително што и кога не е вака експлицитно и пред широка јавност, се случуваат истите работи. Отворете на било кој портал кој има ставено нешто за некоја жена која е од естрадата, инфлуенсерка, или жена која изгледа преубаво. Коментарите оздола се да му е срам на човек да ги чита. Колку и таа жена да оставила нешто зад себе како кариера, колку и да помогнала, колку и да е хуманитарец или да е своја, нема да чини. Секогаш се коментира со потсмев, истресување од ракав блуеници за тоа со кој била, каква е, дали била “спонзоруша”, дали детето и’ е од овој или оној, дали е разведена, дали имала еден, два или три бракови зад себе.

Не сум била никогаш поштедена од коментари и на моја сметка. Научив (после многу нервози, па и солзи) да ми влезат сите тие блуеници во едно уво, да изледат од другото, ама ништо да не остане во мене. Сум читала и слушала дека ако бев арна, немало да сум разведена. Читав и слушав дека сум била нее*ана оти кажувам јасно и гласно што мислам, што сакам и што не сакам. И за сé што читав и слушав, дома разговарав со ќерка ми, затоа што интернетот е опасен и останува во него сé што некој ќе изнакаже за вас. Отпрво ме болеше сета таа неправда, оти секогаш кога ви се случува да прочитате или чуете за себе нешто што нема врска со вас и вашиот живот, си велите дека не е фер. Ама па таму некој што сака да ве озборува, ич не се секира дали мислите дека е фер или нефер тоа што го кажал или напишал. И полека се исчеличив. Сега имам дури и до толку железна воља, што не ни читам или ако почнат да ми кажуваат “еј, абе оној рече....”, веднаш велам “стоп, не ме интересира”. Арно ама, душава ми знае колку ми требаше да стасам до тој стадиум.

Да се честита празник на жената, значи да се искаже почит кон неа, кон секоја нејзина одлука, избор, дело. Денот сам по себе не значи ништо ако не е поткрепен со верување во него. Рамноправноста е во тоа да не сме осудувани за работи за кои е сосем нормално да ги прават мажите. Ако имам помлад љубовник, тоа е моја работа и никој не треба да е засегнат од тоа. Не може маж со партнерка која е 20 години помлада од него да е фраер и да е ок што живее така, а жена која е со помлад маж да биде анатемисана. Не може на мажот кој се посветил на кариера и не сака ништо повеќе од тоа да му се воодушевуваме колку е амбициозен, а за истата работа да ја осудиме жената дека е кариеристка. Не може да е нормално “абе маж е, пцуе”, а за жена која ќе опцуе да велиме дека е простакуша. Не може да сме со критериумите изместени до тој степен што на мажите им е дозволено стареење, а да се поплукуваме со “леле колку е несредена” жената која не се шминка и која одлучила да има бела коса. Не смее да има различен начин на толкување ако маж оди сам во кафуле или кафеана и ако жена го стори истото. Не, не сме таму за да “ловиме”, ами да сме сами со себе.

И не е дека не сум свесна оти овој монолог или муабет (како што милувате) е ветар во магла, оти маглата секогаш ќе најде начин како да си остане. Но, ако нешто можам и си го давам тоа право, е да говорам за ова во секоја прилика и да ви кажам дека имаме уште борби пред себе. Капа долу за сите мажи и жени кои знаат да ја вреднуваат жената, кои пред да си ја испоганат устата со коментари за некоја друга жена им текнува дека имаат мајки, сестри, ќерки и пријателки за кои не сакаат да слушаат осуди или глупави муабети. Капа долу за секој човек кој знае да го почитува изборот на оние кои не го одбрале истото како него.

Знаете, изразот“жена, мајка, кралица”кој секојдневно го користиме би го преименувала во “ЖЕНА”...доволно е.

Денес е понеделник, 10-ти март. Ден во кој ќе ви кажам да бидете горди што сте жени, оти сте еден цел Универзум. Да стоите цврсто зад себе и зад секоја жена, оти си требаме едни на други...многу повеќе отколку што мислиме.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ти си почеток на сите почетоци

Навидум кревка и нежна

Со железен грб

Кој крепи секакви неправди

Со челично срце

Кое крвари на сечија болка

Со душа исткаена од срмен конец

Која ги збира сите удари

И која од отров, иљач токми

Ти си почеток на постоењето

Од тебе сé излегува

И во тебе сé се собира

Како голема вода

Во чие синило спокој има

И како небо полно сончевина

Од кое изгрева љубовта

Чиниш непресушен извор

Од кој извира живот

Ти си почеток на секоја мисла

Во која утеха има

Како топла дланка

Која рани превива со милост

Ти си сила која крај нема

Пред која и смртта молчи

А твојот вресок е доволно силен

За да го замолчи сиот хаос

Во кој некогаш фрлена си

Ти си мојот глас

Јас сум слика твоја

А заедно сме огледало

Во кое себе се љубам

Гледајќи го твојот одраз

Оти ти си сé што сакам да бидам

И јас сум сé што сакаш да станеш

Без осуда и потсмев

За секоја наша одлука и збор

Жена си

Универзум си

Ѕвезда која не згаснува

Ветар кој на грб го чувствувам

Рака која ме крева угоре

Тогаш кога удолу паѓам

Жена си

Универзум си

Ти си јас

И јас сум ти

Секогаш зад тебе за да те чувам

Секогаш зад мене за да ми го пазиш чекорот

Оти жена си

Оти Универзум си

Оти си јас и мојата сенка

Која е секојпат тука

Со секој мој здив

Во кој надежта ми се буди