„Имаше толку многу сонови, ама ние ќе му ја исполниме најголемата желба“: Другарите раскажуваат и тагуваат за Ице

Тага и болка чукнаа и на вратата на семејството Андонови, кои го изгубија Ице Андонов.
Тој е еден од 59-те невини жртви на пожарот кој изби ноќта на 16 март во „дискотека“ во Кочани. Како што утврди истрагата познатата дискотека работела без лиценца, а утврдени се бројни пропусти. Семејството на ова момче со часови трагаше по Ице, одеа од болница до болница, за на крај да ги слушнат вестите дека тој е меѓу настраданите.
„Загина спасувајќи животи, прв излезе ама се врати да спаси колку може повеќе лица. Многупати влегувал и излегувал внатре кобната ноќ, се обидувал да ја скрши задната врата која беше блокирана со блокови и гипсови и се загушил“ - раскажуваат другарките на Ице Андонов за Женски магазин , горди што го познавале.
„Имаше 21 година, работеше во дискотеката, имаше толку многу сонови, спаси многу деца и го даде својот живот за нив. Тој е наш херој. Ни беше како брат. Сега на небото е заедно со татко му, ќе не чуваат од горе сите нас“, велат другарките кои со нас споделија дека Ице имал и голема желба неговата кола да ја однесе на собир за автомобили.
„Ќе му ја исполниме таа желба како аманет што ни го остави и ќе направиме собир во негово име“ , велат другарите со голема тага во срцата за загубата на нивниот Ице.
Нека му е вечна слава.
Ирена С.