Молитва кон Свети Капитон – заштитник од оган и закрилник на преживеаните од пожари

Добивај вести на Viber

Македонската православна црква денес ги празнува Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон.

Сите овие светсци биле намачени и пострадале за својот Господ.

Последниот Капитон бил ставен во тешко искушение од страна на дивите Скити му предложиле да влезе во огнена печка, и доколку не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа.

Токму поради ова Капитон го нарекуваат и светцот кој преживеал во пламен.

Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ.

Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата.

Ефрем го убија со меч.

Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења, сè дури не Му ги предадоа своите души на Бога.

Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно.

Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиjерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. 

Тогаш сите повикаа: „Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината. За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на свети Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.

Светите седум свештеномаченици Херсонски се заштитници на:

Луѓе во опасност – особено оние кои се соочуваат со физички и духовни искушенија.

На пожарникарите и луѓето кои работат со оган или се изложени (биле изложени) на оган – поради чудото на Свети Капитон, кој преживеал во разгорена печка.

Патници и мисионери – бидејќи самите биле испратени во далечни земји за да ја шират верата.

Молитва кон Свети Капитон – заштитник од оган и закрилник на преживеаните од пожари

О, свети и славен Христов мачениче,

Свети Капитоне, кој со вера чекореше во пламенот

и со силата на Бога остана неповреден,

моли се за нас, грешните, заштити ги домовите наши

и спаси ги душите наши од огнени искушенија!

Ти, кој ги запечати срцата на неверниците со чудото свое,

стори и ние да го чуваме пламенот на верата во себе.

Закрили ги, Господи, сите што страдаа во пожар,

дај им утеха и сила да продолжат по Твојот пат.

Чувај ги домовите наши, заштити ги нашите најблиски

и не дозволувај огнот да ни ја изгори душата!

Ти, кој го победи пламенот,

биди наша заштита од видливи и невидливи пожари,

и упати ги молитвите наши пред престолот на Семоќниот.

Амин!

Фото: Денови.мк
Извор: Денови.мк