„Јас без високи потпетици не излегувам од дома, не одам ни ѓубре да фрлам“: Интервју со Оле Поцкова од „Зевзекманија“

Добивај вести на Viber

Шефица е на монтажата во Канал 5 Телевизија, без високи потпетици не излегува ниту да фрли ѓубре, духовитоста е нејзина главна особина и привилегирана е што е единствено женско во екипата на „Зевзекманија“.

Росокосата „џебна венера“, Оле Поцкова  со нејзиниот ведар дух заедно со останатите од екипата на емисијата „Зевзекманија“, преку хумор и сатира го пресликуваат парадоксот на нашето општество цели 18 години.

Дружењето после снимањата кое најчесто завршува во кафеана е еден вид тим билдинг и терапија за сите, но и момент кога се раѓаат идеите за следното снимање.

Хуморот кој го гледаме кај Оле преку телевизиските екрани не е само за на тв, тоа ќе го забележите и во нејзините одговори подолу во разговорот.

Која е Оле Поцкова приватно, која е нејзината примарна професија, како влезе во проектот „Зевзекманија“, што ја смее се дел од прашањата на кои одговори во интервју за Женски магазин.

ЖМ: Македонската јавност ве препознава како тв лице од проектот „Зевзекманија“ кој се емитува на Канал 5 Телевизија. Скоро 18 години сте дел од оваа приказна. Како започна идејата и како вие влеговте во овој проект?

-Кога ќе помислам дека поминаа 18 години ми изгледа како долг период, но од кога сум „внатре“, како годините да поминаа за миг. Претпоставувам дека и за мене важи реченицата „кога нешто работиш со љубов времето брзо поминува“.

На почетокот ја монтирав емисијата „Вера надеж и љубов“ исто на Горан Величковски, како и „Зевзекманија“. Кога тој проект згасна, логичо беше и следниот проект да го монтирам јас. „Зевзекманија“ се состои од граѓански дел и од игран дел. По извесен период се јави потреба од женски лик, немајќи кој - почнав јас, а имајќи го во предвид другарството меѓу мене и Горан тоа се наметна како неминовно, за да се помогне во ситуацијата.

ЖМ: Вашата примарна работа во матичниот медиум е монтажата. Како најдовте заедничка работа во монтажата и хуморот на „Зевзекманија“?

-Јас сум филмски и телевизиски монтажер по професија, имам дипломирано на ФДУ. И покрај „канцелариската работа“ хуморот е дел од мене, претпоставувам дека тоа го носам во својот ген и природно беше  покрај работата со монтажа да се надоградам со хумористичните улоги во „Зевзекманија“. По природа духовитите луѓе се „наоѓаат“ еден со друг и секако во голем дел придонесува за добра тимската работа.

ЖМ: Кога прв пат се појавивте пред камерата и како го доживувате тоа појавување сега од оваа дистанца?

-Леле колку имав трема... Ние на факултет учевме „Игра пред камера“ ама ова беше потполно ново искуство. Научениот текст не можам да го изговорам. Некаква чудна состојба е тремата. Но во секој случај сметам дека тремата е позитивна работа, не ти дава да се опуштиш некако те држи под адреналин. Сега е потполно различно од тогаш, затоа што сепак искуството си го направи своето.

ЖМ: Секојдневието е вашата инспирација, она што го претставувате во телевизиската емисија е парадоксот на денешницата и тоа е она што го смее народот. Што вас ве смее?

-Ме смее и мене парадоксот во општеството, но и итроштината на нашиот народ во секојдневната комуникација. Не може народ кој ќе преживее вакви „епохи“ да нема „нишка“ хумор во својот ген. Ние сме општество кое продуцира повеќе историја отколку „ГДП“, така што материјал „Зевзекманија“ има на претек.

ЖМ: Колку членови во моментов брои семејството на „Зевзекманија“ и кој за што е задолжен?

-„Зевзекманија“ во моментов брои 5 членови. Двајца Горановци, додуша еден е Ѓуро, друг е Величковски,  Игор – Баркли, и тон мајсторот Тони Стефковски. Тоа е постојана постава која секогаш победува и нормално не се менува. Минатата година со нас беше и Нина Величковска, но таа отиде да се бави  со ,,сериозна професија”- графички дизајнер.


ЖМ: Знаете ли вашите професионални дружби да завршат и надвор од работното место/време, пример во кафеана?

-Ми се чини дека и поради тоа и снимаме, за да одиме во кафеана да го потврдиме пријателството, се зезам!!!!

Одењето во кафеана е традиција после напорниот ден. Тука се  муабети од композиција на кадар до љубовни проблеми!! Сите се духовити, многу смеа, но и продуктивни муабети се разговараат тука. Во кафеана се и најискрените муабети кои подоцна ги преточуваме во „сценарио“ за идните емисии. Дружењето после снимање е како тим билдинг или терапија за сите нас.

ЖМ: Која е Оле Поцкова кога не е пред камерите?

-Која е Оле... Весела госпоѓица...лелеле сѐ уште „госпоѓица“, која „едри“ низ животот со полни гради и го живее секој ден да биде подобар од претходниот.

Шеф на мотажери во Канал 5, загрижена тетка на една Благица и толку.

ЖМ: Колку како жена посветувате внимание на негата и колку убавината е важна за вашата професија?

-Негата кај жената е значајна и ако не се бави со јавна професија. Разликата е во тоа што ние сме повеќе или помалку изложени на критики на јавноста. Сакам да се негувам, тоа ми претставува задоволство, но и се надевам дека тоа задоволство и се гледа. Некои актерки сметаат дека самопочитта и гржата за себе е клучна за настап, било на сцена или пред камера, па затоа и секојднената рутина околу негата како и одржување на физичката форма е мноу важна. Но важно е да не се заборави дека вистинската убавина кај актерките лежи во способноста да ја пренесе емоцијата на личноста на ликот кој го игра, а не само надворешниот изглед.

ЖМ: Како го разбирате процесот на стареење, како нешто природно или страшно на кое треба да му се спротивставите со естетски корекции?

-Стареењето е природен процес, и тој доаѓа сакале или не. Спротивставувањето е реакција на мојот погледот во огледалото, затоа што немилосрдно ми ги покажува недостатоците секој ден. Јас ги поддржувам естетские корекции кои се во функција на подобрување на изгледот, а со тоа и градењето на самодовербата кај секој човек, било да станува збор за жена или за маж. Но умереноста секогаш треба да е доминантна.

 ЖМ: Доколку ѕирнеме во вашата чанта, што може да најдеме. Без кои работи не излегувате од дома?

-Не мрдам од дома без пудра и моливче за очи, се разбира и телефон...ииии еден паричник со „питон“ дезен.

ЖМ: Омилени парчиња облека од вашиот гардеробер?

-Црни фустани и едно здолниште од тантела...

ЖМ: Сакате да носите високи потпетици, колку ги имате на број?

-Јас без високи потпетици не излегувам од дома. Не одам ни ѓубре да фрлам без штикли. Причината се гледа од авион, или воопште не се гледа (се смее)... Една работа е мојата „низина“, а другата е дека секој фустан или панталони, не е важно за кој дел од облеката станува збор, изгледаат многу подобро кога се носат на високи потпетици. Купувам нон - стоп, и цело време се „правдам“ пред себе со едно класично женско клише „е ама вакви баш немам“.

ЖМ:Колку тоа што сте јавна личност ви  помогнало или одмогнало во животот?

-Никогаш до сега не ми одмогнало тоа што сум јавна личност. Јас уживам во препознавањето на улица, се чуствувам пријатно и поласкано кога ќе дојде некој да се слика или со насмевка ќе ме поздрави на улица. Имам сестра близначка која многу е слична на мене. Луѓето многу често не мешаат со неа, така што и таа и јас си го делиме тоа задоволство.

ЖМ: Дали возите автомобил, каков возач сте и што најмногу ве нервира во сообраќајот?

-Возам 33 години, и да се пофалам дека не сум имала некој голем „прекршок“ до сега, но како поминуваат годините се помалку станувам фан на возење.

Ферплејот треба да биде дел од нашата култура и на целото наше живеење не само на возењето, каде што најмалку го има. Сум била сведок на немили настани, токму поради ова. Возат млади луѓе, особено девојки, кои според тоа како се однесуваат, добивам  впечаток како да се сами на коловозот. Мора повеќе контрола и воспитување од дома. И секако она што најмногу ме нервира последните години, е паркирањето „кој каде ќе стигне“ со посебен осврт на „Партизанска“, лента број 3. Нешто мора да се превземе инаку како сме тргнале ќе ја направиме со една лента....

ЖМ: Знаете ли да смените гума или повикувате пријател?

-Повикувањето на пријател ми е омилена „дисциплина“ во вакви ситуации и до сега не сум имала промашување со изборот на пријатели. А и сметам дека на една дама не и е место покрај дупната гума. Јас сум  од тие шофери, пали - вози.

ЖМ: Како според вас треба да изгледа современата жена?

-Современа жена изгледа така како што самата го дефинира својот изглед и стил. Секој нејзин избор е индивидуален, она во кој се чувствува среќна и задоволна со себеси. Од современата жена се очекува да биде не само дама, туки и мајка, партнерка или раководител во своето опкружувања. Нејзиниот  изглед не е само физички, туку вклучува и интелигенција и способност да балансира со различните улоги кои ги наметнува општеството и средината.

Современата жена не се препознава само по аутфитот, современта жена мисли современо, се одесува современо, и што е најважно делува на работното место, дома и во оклината соодветно и умерено. 

Габриела Додевска Глигоровска