Скоро 20 години живее во Шведска и го воодушевува светот со кросовер музиката што ја создава: Пијанистката Андријана Арлен за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Нејзината музика се слуша во целиот свет, поставена е и ја има буквално на сите дигитални платформи во зависност од кој дел во светот се наоѓате. Наша е, Македонка, иако во родната земја никогаш досега нема одржано концерт, потекнува од Велес, а живее и твори безмалку 20 години во Шведска.

Пијанистката Андријана Арлен е уметничка во светот на класичната кросовер музика, која ја воодушевува публиката со нејзиниот уникатен спој на класични и модерни звуци. Нејзината страст за класична музика ја открила на млада возраст, земајќи ја првата лекција по пијано на 12-годишна возраст. Се посветила на совладување на уметничката форма, потопувајќи се во делата на композиторите како Бах, Бетовен и Шопен.

Нејзините академски достигнувања вклучуваат магистерски студии на престижната Музичка академија во Шведска. Во текот на нејзината кариера, таа настапуваше како солист низ Европа, украсувајќи ги сцените во Бугарија, Србија, Италија, Шведска и Данска, каде што нејзините настапи ја оставија публиката маѓепсана. За животот и творењето на пијанистката Андријана Арлен читате во интервјуто подолу.


ЖМ: Андријана Арлен знаеме дека вие сте првата и единствена класик кросовер пијанистка во Шведска. Образованието го почнавте во Македонија, дипломиравте исто во Македонија, а по магистратурата завршена во Шведска останавте таму. Како ве однесе патот таму?

- Па сакам да верувам дека ме однесе случајно, меѓутоа не верувам во случајности. Велат животот го живееме гледајќи напред, ама го разбираме кога ќе го погледнеме одназад. Отидов како турист на месец дена во обид да упишам постдипломски студии и останав еве скоро 20 години.

ЖМ: Каква музика всушност создава Андријана?

- Обожавам кога ќе кажам-создавам моја музика. Кога цел живот ќе го посветиш на класичната музика како мене, со студии и магистратури на три различни јазици, најголемо задоволство ми претставува кога пишувам, компонирам своја музика. Пишувам клавирска модерна музика, која просто е обожувана од публиката со прилично лирски мелодии лесни за слушање и брзо се лепат за срцето. Публиката се препознава веднаш и ужива во нив. Исто така обожувам да пишувам и филмска музика.

ЖМ: Колку албуми имате издадено досега?

Досега имам издадено 4 албуми, а во подготовка е и петтиот албум кој ќе биде само авторски.


ЖМ: Во Малме работите и како професор по музичко образование и клавир. Колку има интерес од страна на учениците, што е поразлично таму во образовниот систем во однос на нашиот?

- Како професор овде работам долги низа години. Што се однесува на денешните генерации можам да кажам дека за жал сме сведоци на млади луѓе кои немаат претерано големи амбиции и желби за некое посебно надградување од било која област. Би сакала да е поинаку, меѓутоа да бидеме реални, не е. Како поранешен предавач и истражувач на музичката Академија во Малме на проекти од областа на педагогијата, како и со контакт со многу колеги кои работат и дејствуваат на сите страни на светот можам слободно да кажам дека ситуацијата не е баш сјајна во напредокот на нашиот поредок. Изгубена е смислата на естетика, квалитет, интегритет во сите области, па и во уметноста. Постојат земји можеби на истокот кои се уште може да се пофалат со зачувана уметничка култура, меѓутоа за Европа не можам да го кажам истото.

ЖМ: Што да очекуваме следно од вас?

- Па кај мене секогаш има нешто ново. Како што напоменав нов албум со мои лични, авторски композиции, концерт на отворено во Малме на 24 мај, и други поголеми проекти кои во мементов се во преговори.


ЖМ: Имате добивано и награди за ваши албуми. Кажете ни нешто за тоа

Точно е, драги ми се тие награди бидејки беа на ниво на Балканот- Најдобар класик кросовер албум за 2021 година и Најдобар кросовер артист за 2021 на Балкан Авардс во Белград. Тоа беше мојот прв самостоен албум ”Chasing dreams” кој заслужено зема две награди за една година и беше без конкуренција. Тука се наоѓаат моите први кросовер преработки на најпознати класични дела во пијанистичката литература обработени со фантастични аранжмани и продукција. Секоја од композициите има и свој видео запис.


ЖМ: Колку шведската публика сака да ја слуша Андријана? Каде најчесто настапувате и имате концерти?

- Овде концерти има многу и за секој вкус. За овие 18 години имам доста настапувано, меѓутоа претежно со класична музика. Последниве две години започнав со моите вистински спектакли како јас сакам да ги нарекувам каде можам да ја свирам музиката што ја создавам.

ЖМ: Каков е животот таму? Ви фали ли татковината?

- Па како да кажам да не бидам погрешно разбрана!? Јас или генерално уметниците мислам дека не припаѓаме само на една земја. Барем јас така сум се чувствувала отсекогаш. Македонија е земјата на моето потекло на кое сум горда и има многу предности. Меѓутоа јас се чувствувам како граѓанин на светот-космополитен. Јас сум таму и секогаш ќе одам таму каде што ме води животот и патот. Јас не сум човек кој може да биде прикован на едно место цел живот. Јас сакам и се стремам кон промени. Мене ми требаат луѓе, енергијата на другите народи, култури, нивните искуства и начин на живот ми дава инспирација, ме полни со живот. Во Шведска спознав еден живот на слободно размислување и делување каков што е и мојот дух. Нема норми, правила, има само индивидуален раст. Барем за мене е така. Јас многу учев, работев за да стекнам ист граѓански статус овде каков што имав во мојата држава, а посебно во родниот Велес. Моите социјални кругови се големи и јас сум секогаш дел од многу битни случувања, организации, концерти овде и сум во интеракција со многу верски, етнички и културолошки разни луѓе од многу бранши. Мене како уметник и како личност социјалниот живот ми зазема многу битно место во животот.


ЖМ: Колку често дружите со Македонци во Шведска? Знаете ли да се соберете на средбите со ислениците?

- Па, се разбира. Многу сум горда на нашите Македонци воопшто низ светот. Кој би знаел колку се вредни и успешни нашите луѓе, едноставно, воодушевена сум што ќе бидам дел од настаните што ги организираме и ќе се дружам со нив секогаш кога ќе имаме можност. Секогаш сум дел од организацијата на културно-музичкиот дел, така што секогаш сум пријатно примена од сите. Пред еден месец бев во тимот што ја организираше Гала вечерта под раководство на ОМД (Обединета македонска дијаспора) и морам да кажам дека сум горда на постигнатите резултати.

ЖМ: Во Македонија досега сте немале концерт. Не дошол вистинскиот момент или што е причината?

- За жал, немав. Можеби не дојдоа вистинските луѓе кои би го организирале онака како што јас сакам и замислувам. Но, тоа не значи дека тоа нема да се случи во иднина.


ЖМ: Каде се гледате за 20 години?

-Тешко прашање (се смее). Јас сум секаде и уште секаде најверојатно ќе бидам. А каде ќе се смирам тоа никој не знае. Само небото е граница.

ЖМ: Што правите во слободното време во Шведска. Кажете ни како изгледа еден ваш ден, со кого најчесто го пиете првото утринско кафе, дали тоа е „македонско“ или навиките таму се други.

- Па моите навики отсекогаш биле поинакви. Јас никогаш не сум пиела кафе (се смее) така да утрата почнуваат секогаш со рани тренинзи во теретана, работа, предавања, вежбање клавир, снимања во студио и разговори со децата. Викендите се исти само наместо на работа со другарките или ќеркичките често шетаме и уживаме на некое од нашите омилени места, ресторани, плажи на лето, забавни вечерни излегувања, многу танцување, дружење и се што го прави животот убав.


Ирена Ставрова


Го воодушевува светот со кросовер музиката што ја создава: Пијанистката Андријана Арлен за Женски магазин