„Некои се на еден оброк дневно за да бидат таму со своето дете“: Помошта на семејствата погодени во пожарот им треба СЕГА

Сограѓани на најблиските погодени од катастрофалниот пожар во Кочани апелираат до сите здруженија, хуманитарни организации, Црвен Крст и оние кои собираа средства, финансии да им бидат пуштени сега зошто, како што се наведува се во тешка состојба.
„Повици доаѓаат од сите страни за финансиска помош, луѓето чии деца се сместени во странство се финансиски исцрпени немаат леб да јадат. Исто така и на дел од починатите родителите се во тешка состојба. Пуштете им ги средствата СЕГА кога им се потребни да преживеат. Некои се на еден оброк дневно за да бидат таму со своето дете. Финансии има собрано за сите и човечки е СЕГА да им се помогне. Ѕвонете, побарајте сметка, нема еден таков на кого сега не му се потребни финансии. Од разговор со луѓе патуваат и по 30 км до болница, од храна е вклучен доручек а за потоа немаат, ВЕ МОЛАМ ИЗЛЕЗЕТЕ ВО ПРЕСРЕТ КОГА Е ПОТРЕБНО, ДРУГИ ЖРТВИ НЕ НИ ТРЕБААТ. Лечењето ќе биде долго и не чекајте. Ве молам споделете!!!“, се шири во апелите на социјалните мрежи.
Од друга страна пак МНР кажа дека дека трошоците за превоз и сместување за семејствата на македонските пациенти повредени во несреќата во Кочани, кои во моментов се лекуваат во странство, се целосно покриени од Владата на Република Северна Македонија, преку Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги повикаа семејствата на пациентите кои имаат потреба од превоз или сместување да се обратат на телефонскиот број 070-270-370.
„Дополнително, сите дипломатско-конзуларни претставништва се на располагање за обезбедување потребната логистичка поддршка во земјите каде што се лекуваат пациентите. Контакт-листата со телефонски броеви е објавена на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а на располагање се и дежурните телефонски броеви: 075/273-732 и 075/268-736“, се наведува во соопштението. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се вели во соопштението, преку Оперативниот штаб формиран за оваа намена, е во постојана комуникација со сите надлежни институции, вклучително и со дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство.