Не е доволно само да жалиме за жртвите, да им оддадеме чест со тоа што нема да дозволиме нивните животи да бидат изгубени залудно: Д-р Елена Спасовска

Пожарот што го зафати ноќниот клуб Pulse во Кочани, Македонија, при што загинаа 59 лица а над 150 беа повредени – претежно тинејџери и млади луѓе – не беше само несфатлива и бесмислена трагедија. Тоа беше страшна пресуда од страна на државниот апарат, парализиран од корупција, системска институционална негрижа, хронично отсуство на одговорност и флагрантно непочитување на владеењето на правото.
Оваа катастрофа не се случи во изолација; таа е најновото олицетворение на длабоко вкоренетиоте проблеми во управувањето, каде што деловната и политичката алчност, институционалното пропаѓање и ендемската корупција продолжуваат да ја загрозуваат јавната безбедност.
Додека пламенот го голташе ноќниот клуб, истовремено ја разоткри суровата реалност на една држава заглавена во постојан циклус на неказнивост, каде што моќниците остануваат заштитени од последици, а владеењето се диктира не според принципите на правда и отчетност, туку преку клиентелизам и крони-капитализам.
Три децении Македонија е погодена од неуспеси во управувањето, системска корупција и неефикасност во судството – сето тоа придонесе за повторување на трагедии од национални размери. Доколку не се спроведат суштински промени, историјата ќе продолжи да се повторува, а повеќе невини животи ќе бидат изгубени. Исклучително е важно да се разбере дека ова не беше несреќен случај, туку предвидлив исход на држава која систематски ја напишти обрската да ги следи основните стандарди за безбедност и владеење на правото. Ова не е изолиран случај, туку резултат на регулаторен систем кој го става мито пред безбедноста.
Ноќниот клуб Pulse во Кочани беше официјално лиценциран за 250 посетители; сепак, ноќта на пожарот, клубот бил преполн со над 1.500 луѓе, далеку над дозволениот капацитет, според новинарски извештаи.
Објектот немал соодветни излези за евакуација, извештаите посочуваат дека клубот имал само еден излез, додека секундарниот излез бил заклучен однадвор и недостапен одвнатре.
Клубот работел во целосна спротивност со безбедносните прописи, вклучително и употребата на затворена пиротехника која запали запаливи материјали на таванот, што доведе до брзо ширење на пожарот. Овие тешки прекршувања биле познати и толерирани поради корупција и мито во институциите одговорни за надзор.
Исто така, извештаите сугерираат дека противпожарните екипи и медицинските лица доцнеле со пристигнувањето, што отвора сериозни прашања за подготвеноста за итни случаи и државната неефикасност.
Слична трагедија се случи во Романија во 2015 година, кога пожар во ноќниот клуб Colectiv во Букурешт уби 64 лица и повреди над 100. Инцидентот, предизвикан од незаконска пиротехника и лоши безбедносни стандарди, предизвика масовни национални протести против корупцијата и неказнивоста на владата. Јавниот гнев беше толку голем што доведе до оставка на премиерот Виктор Понта и принуди спроведување на значајни реформи во прописите за противпожарна заштита.
Дали Македонија ќе го следи примерот во Романија и конечно ќе бара вистинска одговорност, или и оваа трагедија ќе биде само уште една мрачна белешка во долгиот список на неказнети злосторства?
Кога институциите потфрлаат, луѓе гинат
Пожарот во ноќниот клуб Pulse не е исклучок; тој е една алка во синџирот на спречливи трагедии кои ја дефинираат модерната историја на Македонија. Тука спаѓа и пожарот во ковид-болницата во Тетово во 2021 година, во кој загинаа 14 луѓе, а причината беше неквалитетна изградба, недостиг на мерки за противпожарна заштита и неспроведување на градежните регулативи.
Исто така, експлозијата на бензинската пумпа во Гостивар во 2018 година, која резултираше со повеќе жртви, беше поврзана со прекршувања на безбедносните прописи кои биле игнорирани поради мито, како и поплавите во Струмица во 2015 година, каде што несоодветната инфраструктура и лошото управување доведоа до уништување на домови и човечки загуби.
Овие трагедии откриваат јасен и опасен тренд: занемарувањето, корупцијата и неказнивоста дозволуваат катастрофите да се повторуваат без вистинска одговорност.
Проблемот лежи во длабоко компромитираниот регулаторен систем, каде што механизмите за надзор се обезвреднети од институционализирана корупција. Во Македонија, дозволите, лиценците и сертификатите за усогласеност не се добиваат врз основа на заслуги или согласно законот, туку преку мито и политички врски.
Трагедијата во Кочани ја нагласува пошироката системска култура во која службениците, наместо да обезбедат јавна безбедност, се вклучуваат во нелегални зделки, профитирајќи од самите прекршувања кои треба да ги спречат.
Извештаите од организации како Transparency International и Freedom House ја нагласуваат упорната природа на корупцијата во Македонија. Индексот за организиран криминал за 2024 година исто така посочува дека високото ниво на владина корупција и замаглените граници меѓу јавните институции и приватниот сектор овозможиле илегални активности, како мито за дозволи и перење пари.
Митото во процесите за издавање лиценци за јавни објекти создава услови во кои прекршувањата на противпожарните прописи остануваат неказнети, бидејќи фирмите ги заобиколуваат безбедносните мерки преку политички врски наместо преку законска усогласеност.
Сето ова ја истакнува итната потреба од сеопфатни реформи за справување со системската корупција и зајакнување на управувањето во Северна Македонија.
Држава на крстопат: Време за акција, а не само зборови
По пожарот во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски изрази длабока тага за загубените животи и вети темелна истрага, истакнувајќи дека одговорните ќе се соочат со правдата.
Првично, беа уапсени околу 20 лица, вклучувајќи владини претставници и менаџментот на клубот, поради незаконското работење без валидна лиценца. Истражните органи открија дека дозволата била незаконски издадена од Министерството за економија, што доведе до апсења поврзани со високо ниво на мито и корупција. Владата нареди итни инспекции на слични објекти низ државата за да се обезбеди усогласеност со безбедносните прописи.
Иако ова се чекори во позитивна насока, вакви потези сме виделе и порано. Државните реакции на претходни катастрофи – како пожарот во болницата во Тетово во 2021 година, експлозијата на бензинската пумпа во Гостивар во 2018 година и поплавите во Струмица во 2015 година – следеа ист образец:
Јавен гнев и политички осуди, привремени апсења на неколку лица, создавање комисии со незначителна ефективност, медиски манипулации за пренасочување на вината без да се адресирираат вистинските причини, и пуштање на обвинетите на слобода по неколку месеци
Историските примери покажуваат дека откако ќе се стивне почетниот бес, одговорните се ослободуваат, а институциите продолжуваат да функционираат со истата коруптивна практика.
Претходните трагедија не вродија со никаква структурна промена, и сега ризикот е дека штом првичниот бес ќе помине, оние што се одговорни ќе останат на слобода а системските проблеми ќе продолжат.
Пожарот во клубот Пулс е потсетник дека Македонија стои на дефинирачки момент во својата историја. Изборот е недвосмислен: да се продожи на патеката на корпија, отсуство на закон и стагнација; или да се посвети на итни, системски реформи кои даваат приоритет на транспарентност, отчетност, и на добросостојбата на сите граѓани.
Време е за правда
Првиот и најнепосреден чекор и да се гарантира дека сите одговорни, на секое ниво, одговараат за трагедијата. Ова ги вклучува тие што свесно ги игнорирале безбедносните стандарди, службените лица и инспектори кои го овозможиле ова преку мито и небрежност, и политчки фигури кои што овозможиле оваа култура на неказнивост да продре до секој сегмент на општеството.
Ова мора да запре.
Потребна е независна истрага, ослободена од политичко влијание, за да се изнесат пред лицето на правдата тие што се одговорни за оваа трагедија.
Регулаторните тела мора да се реформираат од корен. Задолжителни, ненајавени инспекции се потребни за сите јавни локали. Мора да се воведе нулта толеранција за мито, со непосредни и сериозни последици за тие што бараат и нудат мито.
Државата има потреба од строги правила за давање лиценци кои се спроведуваат, а не се игнорирани поради политчки врски. Исто така, треба да се воспостави автономно тело за противпожарна безбедност кое е независно од политчко влијание.
За правдата да има смисла, судството мора да биде деполитизирано. Ова подразбира воведување на строги процеси за ветинг на судии и обвинители, за само личности со висок степен на интегритет можат да дојдат на овие функции со што би се спречила политичка манипулација на случаи со корупција. Механизми за заштита на whistleblowers кои што окртиваат корупција во судството се исто така потребни, како и строги казни за политичко мешање во судски процеси.
Граѓаните мора да кажат НЕ на корупцијата. Корупцијата цвета во Македонија бидејки е нормализирана во секој аспект од општеството. Освени правни и институционални реформи, потремно е општествено соочување со проблемот. Корупцијата не е само политички проблем, таа е културна криза. Цвета бидејки се толерира и се очекува.
Граѓаните мора да бараат подобро, да одбијат да учествуваат во корумпирани практики во секој сегмент од општеството. Мора да биде општествено и политички неприфатливо.
Ни треба нова ера – една во која животите нема да се жртвуваат поради алчноста и некомпетентноста на владејачките елити.
Не е доволно само да жалиме за жртвите од пожарот во Пулс. Мора да им оддадеме чест со тоа што нема да дозволиме нивните животи да бидат изгубени залудно. Оваа незамислива загуба мора да служи како каталист за вистинска, значајна и длабока промена.
Мора јасно да им кажеме на лидерите на Македонија дека деновите кога можат да функционираат без отчетност завршија.
Да бараме правда! Да бараме отчетност! Да бараме иднина каде трагедиите како оваа не ја дефинираат нашата нација.
Сега е моментот да кажеме – ДОСТА Е!
Превземено од Д-р Елена Спасовска
Др. Елена Спасовска е експерт по интернационални односи, со посебен фокус на мир и развој, родова еднаквост и добро владеење во Македонија. Таа е основачка и претседателка на Интернационалната Балканска Алијанса за Одржлив Мир и Развој.