Не ме чачкај, не те чачкам
Нашиот народ изобилува со еден куп мудрости, кои
напати ги кажуваме само онака, без да помислиме на значењето. Па за да се
направиме мудри и интересни некаде, ќе треснеме некоја таква животна вистина,
со која најчесто и не сме во склад во нашата живеачка. Затоа се ежам кога оние
фамозни 10 Божји заповеди се тресат од ракав, а да земеме реално, ретко кој
живее така.
За жал, живеам и живеете во земја која е измачена од владеачки гарнитури кои ветуваат се’ и сешто дедека не си ги сместат задниците во меките фотељи. Живееме со луѓе кои ги идеализираме и за кои рака сечеме дека се поинакви од другите, додека не ја вкусат моќта. И не знам за вас, ама мене тоа ме остава со голема горчина, која само ми се таложи. Решив дека нема на ФБ да пишувам за политика. Дека нема повеќе со прст да мрднам за да сменам нешто, освен во себе и кај себе. Оти ми е мачно да ги вергламе цело време истите работи. Смачено ми е, а и тажно кога гледам дека политиката го вади најлошото од луѓето околу мене. Оние за кои знам дека на мравка не газат, сега блујат отрови. Од бес, од немоќ, од што им е преку глава редовно да плаќаат сметки, даноци, да се примерни граѓани, а за возврат да добиваат ластици по глава.
Се’ е наопаку. Мирните луѓе и оние кои се чесни стануваат предмет за потсмев, оти не успеале да украдат нешто. Оние кои украдоа се фраери и големи умови. Ко да треба ум за да украдеш! Не! Треба само да ги ѓубре од човек, толку. Не е до умот, туку до изборот, а на крај и до она што секој си го носи во гените и ДНК-то. Во животов мастика не сум украла и знам многу такви. Кои биле таргетирани за поткуп, но останале доследни во она што веруваат, она што го сакаат и она што се. И ден денес тврдам дека чесниот човек не се купува со кеш, станови, моќ. Чесниот човек се купува со љубов и чесност, која ќе ви ја возврати. Затоа многу внимавам кои луѓе се околу мене, кои се доволно доблесни за да стојат со главата горе и тогаш кога се плукани. Од сите фрустрации, народецов наш напатен почна секаде да гледа манипулации и непријатели. Дури и онаму каде што сите нешта се прават од и со љубов. Не’ изеде туѓата алчност. Небаре сите тие пари и моќ ќе си ги однесат во гроб. Таму, извинете вака што ќе ве разочарам, се оди исто како што сте се родиле, со таа разлика што ќе ве закопаат облечени.
Луѓето за кои рака сечам и во секое време на денот и ноќта сум спремна да станам од кревет и да им се најдам, се бројат на прсти. И секој од нив за мене има над главата аура која е светла. Тоа се луѓе по кои другите удираат оти имаат став, оти кичмите не ги виткаат и кои (да ми простите на францускиов) имаат мадиња да бидат свои и храбри. Тие не чачкаат никого и си го тераат патот кој го одбрале. Тука е една пишувачка (јас велам дека е остар ум, новинар кој гледа нанапред едно 10 години) и која е доволно храбра и своја да ги извади сите покакани пелени на сите кои сакаат да продаваат приказни кои не држат вода. Потоа, тука е една жена која за сметка на својот приватен живот секој ден е тука за оние жени кои боледуваат од канцер, која заедно со нив чекори и е морална и материјална поддршка. Тука е една докторка која мантилот си го носи како втора кожа и која ако (не дај Боже) ви притреба, не прашува кога и како, туку каде треба да се појави. И една друга докторка која под сите налети на животот, најде сила да застане на свои нозе и живее онака како што заслужува, во мир и спокој со себе. Да не ги заборавам и оние кои исклучиво со свој труд и ум најдоа место во овој суров бизнис, машки свет и кои беа шамарани заради својот изглед (извинете, ама и убавите имаат ум). Тука се жените уметници и оние кои кршат табуа зборувајќи отворено за сексот.
Сите тие, а ги има и повеќе се луѓе кои немаат позиции и меки фотељи. Тие гризат низ животот за да се она што се, за да помогнат, за да го разубават овој сив свет во кој живееме. Тие никого не чачкаат и не дозволуваат да се плука по нив. А ни јас, богами.
Стана тешко да се живее чесно. Стана тешко да се биде во мир и спокој со себе. И тоа не заради условите во кои живееме, туку заради сопките кои се ставаат.
НЕ ТЕ ЧАЧКАМ, НЕ МЕ ЧАЧКАЈ!
Не ми зборувајте за чесност која ја немате. Не ми зборувајте за високи идеали кога единствен ви е како да грабнете повеќе. Не ми кажувајте дека гребете за позиции за да направите да е подобро. Не! Кажете си искрено, позициите ви требаат заради вас. Оти оние кои прават добро околу, не се на позиции. Тие се no name луѓе, кои на секој чекор прават по нешто добро.
Заради таквите уште имам надеж и верба дека детето можеби и нема да ми се отсели, иако уште од сега ми се вртат низ глава факултети кои за жал не се во државава. Заради таквите кои не сакаат моќ за да дадат нешто за возврат, имам надеж дека нема до бесвест да се броиме уште колку пари ни останале до крајот на месецот за да се преживее.
Не ја потценувајте моќта на мирните луѓе. Тие не се мирни затоа што не им сече како набрзина да смуваат нешто и да украдат, туку оти такви се по природа. Не ги потценувајте луѓето кои молчат, оти не молчат од што немаат што да кажат, туку оти се воспитани. Стана смешно да си културен и добар. Стана cool да е човек бескрупулозен и да му е јазикот подолг од умот. Не ги потценувајте тивките, оти нивните умови се најгласни. Оти кога ним ќе им дојде преку глава, гласот им е помоќен од вашите ветувања, позиции, пари и останати глупоштини.
Не ги чачкајте мирните луѓе кои само сакаат да живеат достоинствено. Не ги сметајте за будали, затоа што не се. Гледаат, слушаат и кога ќе дојде време, ќе го кренат својот глас. И тогаш нема назад.
Луѓето кои јас ги знам и познавам се големи луѓе. Поголеми од сите ваши сметки во банките кои ги криете. И се луѓе кои први подаваат рака кога има проблем. Не ги чачкајте, оти без нив и ова малку достоинство што останало во земјава, ќе го снема. Како што и вас ќе ве снема, голи и боси кога ќе ви дојде редот за на оној свет. А таму, таму велат дека сите сме исти. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
како риба на јадица уловена
со мачно прпелкање и надеж за слобода
а колку повеќе преташ јадицата во месо ти се зарива
кожата ти ја раскинува небаре хартија
та решаваш мудар да си
телото да го смириш
со ум до слобода да дојдеш
и запираш, речиси и да не дишеш
запираш, погледот го замрзнуваш
запираш, крвта не струи
запираш или замираш
веќе ништо не чувствуваш
дури ниту јадицата
без болка
не крвавиш повеќе оти запрело сѐ
дури и големото тик-так повеќе не си го слушаш
и некако сеедно ти е
како да е некој друг во кожата твоја вгнезден
и мислите твои не се
како заглавени меѓу запчаниците во главата
и тивко ти е како во ковчег
удобно легнат и чекаш
нешто
било што
ете само така чекаш
можеби ново утро, револуција
или некој да дојде и јадицата од устата да ти ја тргне
за да ја отвориш, ширум да зинеш
и да почнеш да врескаш
да ги оглувиш сите со вресок
а чекаш, од ковчегот не стануваш
како да не ти текнува дека раце имаш
за да се ослободиш сам
ама чекаш, спокоен во ковчегот
од сите стравови искован
и чекаш дур’ не умреш
чекаш
чекаш