Утринско кафе со Мартина Андонова: Денот ми почнува со Боуви, ми завршува со чоколадна торта

Утрото ми започнува со најновите вести, со Дејвид Боуви и со шолја зелен чај. Јас сум деклариран зависник од интернет, затоа ми е важно да „проверам” што има ново на социјалните медиуми. Првото утринско кафе го пијам со сестра ми Анета Андонова и полека се подготвувам за новите предизвици во работниот ден. Разменуваме идеи, совети, критики, а овие денови интензивно размислуваме и правиме план за летниот одмор.

Работните обврски како вработена во Македонската опера и балет, во секторот маркетинг ми започнуваат со преглед на меилови. Потоа денот се развива во согласност со работните задачи. Дел од работатата во кој најмногу уживам е поврзан со промоцијата на тековниот репертоар на Македонската опера и балет на социјалните медиуми. Затоа, работата ми претставува двојно уживање. Од десетгодишната работа во Маркетингот на МОБ, сфатив дека соработката со уметниците е истовремено и интересна и многу комплицирана, но никогаш досадна.

Секој ден ми е различен. Паузата на работа ја користам за доручек и ручек, 2 во 1, заедно со колегата од работа Горан Наумовски со кој што ја делам канцеларијата. Ме мотивираат убави, добри и искрени луѓе од кои секој ден можам да научам нешто ново. Затоа ги сакам во моето опкружување. Секогаш на ум ми е романот „Последните селани“. „Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи.. Само убавината прави пазар.“ (Петре М. Андреевски)

По исполнувањето на работните обврски, денот ми продолжува со шопинг. Освен што сум интернет-зависник, јас сум вљубеник и зависник од модата. Се инспирирам од шик стилот на Giovanna Battaglia, Mirela Forić Srna, Leila Yavari, Miroslava Duma.. Денот го завршувам со парче чоколадна торта и музика. Не ја пропуштам можноста да уживам во добра оперска или балетска претстава. Всушност, одењето на опера/балет е специјален третман кон себе, каде што за момент ќе „избегаш” од секојдневнот живот. Ќе слушнеш и видиш неверојатни уметници кој што вежбаат со години и години за да презентираат едно уметничко дело.

* Мартина Андонова, Маркетинг организатор-реализатор во Македонска опера и балет