Али Рахмет Фекели и Зулејха се во тајна врска, Фарук е на суд за семејно насилство, Бали Бег не се разведува: Турските актери и серии освоија повеќе земји од Сулејман Величенствениот

Додека чекаме да доживееме екранизација на некој од низата македонски бисер-романи или вистинска љубовна приказна, телевизските куќи ни сервираат серии од турско производство. Во нив доминираат луксузни куќи, скапи автомобили, уцени, сексуални афери, забранета љубов, убиства од љубомора, семејни драми, но и сиромаштија, традиција и трагедии во кои централна фигура е таткото.

Турците не само што ја извезоа својата култура и ги промовираа сопствените природни и културни добра, покрај рекламата за себе, со сериите добија и голем профит – неофицијалната бројка е над 500 милиони долари годишно. Освен на Балканот и во повеќе европски земји, сериите се емитуваат и во земјите од Блискиот исток.  

Дигиталната платформа ХБО објави неколку серии одеднаш. Тоа се „Ќерка“, „Повикајте го мојот агент“ „Црна љубов“ и „Тажна жена“. Неодамна ги откупи и правата за емитување на серијата „Тропни на мојата врата“. Турските серии освоија повеќе земји од Сулејман  Величенствениот.


Една серија од сто полчасовни епизоди, значи 3000 страници испишани сценарија

Турскиот ТВ канал ТРТ1  во просек троши околу 6 милиони долари за подготовка за создавање на високобуџетни серии. А за снимање на секоја епизода одвојува околу 300.000 долари. Ниеден комерцијален канал во земјата не може да се натпреварува со државното финансирање. Приватните  телевизии решението го наоѓаат во снимање на повеќе ниско буџетни серии и на два големи проекти.

Мајсторијата на Турците да заработат и со приказни со многу обични ликови,  беше мотив  повеќе балкански земји да го следат нивниот пример. Создаваа по неколку тв – новели годишно, кои станаа популарни и почнаа да ги извезуваат во други земји.

Со вечниот изговор дека немаат пари, македонските телевизиски куќи се правдаат што досега не им го овозможиле на гледачите задоволството да уживаат во македонска телевизиска стоепизодна серија. Имајќи в предвид дека со леснотија двојат илдадници евра за да ги откупат скапите турски сапуници, не е јасно зошто не се осмелуваат да влезат во слични домашни проекти.

Сашо Кокаланов, еден од сценаристите на сериите „Преспав“, „Инсајдер“, „На терапија“, „Зоки Поки“ и на повеќе тв-проекти, доцент по Филмско и ТВ-сценарио на Факултетот за драмски уметности во Скопје, посочува дека ние секогаш недостигот на капацитет го правдаме со недостиг на пари. Тука самите ги имаме малку изместено работите.


- Ваквите серии, освен историските драми како Сулејман Величенствениот, на пример. кои бараат поскапа продукција и во кои се мешаат и повисоки интереси, се во принцип нешто што ТВ-продукциите го прават за да добијат приходи и публика. Камерните, љубовни семејни драми, независно дали се студиски работени или се снимани на реални локации, или се микс од двете, како што е најчесто, не бараат големи финансии, но бараат многу работа. Тоа се маратони што треба да се истрчаат – вели Кокаланов.

Како сценарист тргнува секогаш од тоа што најмногу го интересира - сценаријата, и од тој аспект, посочува дека ваквите серии бараат сериозни сценаристички тимови, спремни за тимска работа и кондиција за многу страници драмски ситуации и драмски дијалог.

- Една серија од сто полчасовни епизоди, значи 3000 страници испишани сценарија, ако помножите со барем два драфта, тоа е многу работа. Притоа, тоа се серии, не серијали, епизодите се побавни, точно, но не смее да имаат празни одови, и секоја епизода треба да има добар „клифхангер“, нешто што ќе ве натера следниот ден во исто време пак да сте пред телевизорот. Тоа се сериозни барања на кои не секогаш можеме да одговориме, зашто човечките ресурси се релативно ограничени, но тоа не значи дека треба да кренеме раце, туку да се обидеме регионално да се поврземе. Веќе тече таков процес на земјите од поранешна Југославија и другите наши балкански соседи за регионализација на телевизиската продукција што ќе ги мултиприцира ресурсите од секој аспект и отвора големи, да не речам неограничени можности за сите – вели сценаристот.

Во изминативе години бевме сведоци на серии со „лимунади приказни“, со трагедии и плачки. Но, никако не смее да се оспори фактот дека дел од нив беа врвни од секој аспект како „Бурни времиња“, „Кога лисјата паѓаат“, „Сулејман Величенствениот“, „Тажна жена“ или „Далеку од дома“. Според Кокаланов, кај нас кога се зборува за латиноамерикански или за турски серии, постојано тоа се прави со еден пежоративен тон. Притоа, се алудира на едноставноста на приказната, мелодраматските заплети и фактот дека тие се наменети на широка публика, вклучително и на помалку образованиете слоеви во општеството.


- Овој вехeментен и арогантен став, притоа, игнорира неколку непобитни факти во врска со овие телевизиски продукти. Прво, популарната и ентертејмент културата на која припаѓаат, и особено телевизијата како медиум, не поставуваат како императив високоинтелектуално и „захтевно“ тв-четиво, туку бараат гледаност, односно гледливост, разбирливост, поливалентност, достапност и лесно препознавање.  Второто што се заборава е дека ваквите серии имаат голем потенцијал, како за реклама, маркетинг, заработка, така и за културно, па ако сакате и политичко влијание. И трето, а никако најмалку важно, не може никако да се пренебрегне фактот дека сите овие серии се занаетски совршено изведени. Поради сево споменато, ниедна сериозна ТВ-продукција не се откажува од мелодрамата и од нејзината публика, ниту пак му пристапува на жанрот потценувачки затоа што естетската вредност му ја компромитира површноста, еднослојноста на приказната – посочува тој.


Турските актери се звезди во европските земји

Бенефитот од турските серии го почувствуваа и актерите кои се дел од нив. Постојано се тема на денот во турските медиуми. Големи ѕвезди се и во земјите каде што се емитуваат сериите во кои се појавуваат како главни актери. Последниов период Еда (Ханде Ерчел) и Серкан (Керим Бурсин) главните ликови од серијата „ „Немирно лето“ која се емитува на „Сител“. Тие се лудо вљубени и во приватниот живот, а според пишувањата се очекува да застанат на „лудиот камен“. Асли Енвер истанбулската невеста, интригира со љубовниот живот откако ја раскина свршувачката. Нејзиниот партнер во серијата Оскан Дениз (Фарук) кој неодамна го гледавме во „Сродни души“ на Канал 5, е на суд поради семејно насилство. Обвинението го покрена неговата поранешна сопруга, 25 години помлада од него. На Бали Бег или Бурак Озџивит, му „сместија и неверство“. Главните ликови од „Горка земја“ Али Рахмет Фекели (Керем Алишик) и Зулејха ( Хилал Антибилек) се во тајна врска.


Со присуството во  медиумите на актерите им расте популарноста, а со тоа и хонорарот, кој неофицијално достигнува и до 25.000 долари по епизода.

Турците периодов најавуваат нови тв серии поврзани со својата историја. Веројатно дел од нив од Босфорот ќе стигнат и во Македонија. На нашите актери им преостанува задоволството да бидат дел од нив и да го покажат талентот со нахсинхронизација на ликовите во тв новелите.


Соња Алексоска Неделковска