Зоран Мирчевски: Среќата е единствено нешто што се множи кога се дели
Откако прочитал дека звукот на птиците позитивно влијае на менталното здравје решил да земе нимфа папагали, мажјак и женка.
-Но, испадна дека нивното присуство „позитивно“ влијае и на должината на моето спиење. Ако до пред една година проблем ми претставуваше станувањето пред 08.00 часот, со нив стекнав рутина да се будам како аларм, во 6.30 ч. Пердувестите „палавковци“ со нивните високотонски и „милозвучни“ звуци не пропуштаат дури ни за деновите од викендот да ми најават дека се гладни. Пред еден месец тие добија 4 пиленца, така да можете да претпоставите какво будење ме очекува во следниов период. Но, ако се навратам на причината поради која ги зедов нимфите, произлегува дека со поголем број птици можам да очекувам и подобро ментално здравје, нели?
На прашањето што го мотивира ја цитира мудроста на Јован Дучић. „Голема несреќа е кога човек не знае што сака, а вистинска катастрофа кога не знае што може да направи“
-Оваа симпатична мисла на српскиот поет може да се однесува на секој од нас, особено во оние години кога сопствениот живот треба да го земеме во сопствени раце. По завршување на средното училиште го поминав тој „несреќен“ дел од животот, кога не знаев што сакам. Се запишав на Правен факултет, однапред заглавен во мислата дека тоа ниту ме интересира ниту ќе сакам да го работам. За среќа „катастрофата“ не ја доживеав. Музиката, радиото, новинарството, отсекогаш ме привлекувале и циркулирале во мене како непресушна мотивација и животна приказна. Тие ми помогнаа да се пронајдам себеси, да го откријам она поле каде можам успешно и корисно да делувам и … најважно од се, да бидам среќен и исполнет. Во овие 38 години пред микрофонот имало и моменти на криза и послаб интензитет, но работната мотивација никогаш не избледела. Знаете, луѓето велат дека мотивацијата не трае долго. Ама и туширањето не трае долго. Затоа и мотивацијата и туширањето се препорачуваат секојдневно!
Среќата е чувство за кое вели дека не може ниту да го купи, ниту да го украде.
-Има една малечко, обично, на прв поглед незабележливо чувство кое, кога бев помлад, се обидував да го зграпчам и што подолго да го задржам во себе. Чувство кое не можев да го купам ниту да го украдам. СРЕЌА! Знаете како велат – „Патниците на бродот Титаник имале се! Пари, моќ, љубов, здравје … ама немале една важна работа – среќа!“. Ако порано се обидував да ја уловам среќата само за себе, денес си ја полнам душата со задоволство и топлина кога ова чувство ќе го забележам во говорот и насмевката кај луѓето што ме опкружуваат. Денот ми е сончев кога ќерка ми Магдалена ќе ми се јави или испрати порака после креативниот работен ден со нејзините ученици.
Уживам во миговите кога партнерката Тања ќе успеам да ја насмеам, онака од срце. Нејзината насмевка е потврда дека среќата е единствена работа што се множи кога се дели.
Се гордеам на мојот помлад брат Иван и искрено се радувам на секоја негова исправна одлука или успешен менаџерски потег. Ме исполнува позитивна енергија кога со колегите од Македонското радио – Радио 2 ќе споделиме убави и весели моменти. На скара и пивце со пријатели, возење со мотор како терапија, неделно излежување во кревет, запознавање со нови туристички дестинации … така што, мојата врата ја оставам отворена за Среќата. А ТАА е секогаш добредојдена!
Зоран Мирчевски, Одговорен уредник на втор програмски сервис на МРА – Радио
С.А.Н