Ангела Доневска: 3D е она што му овозможува на дизајнерот неограничени можности за развој на продуктот

Уметноста секогаш наоѓа различни начини за да биде прикажана. Таа е сила која го движи светот и дизајнерките креации најчето се визионерски. А, новите технологии кои ни се достапни, можат да создадат навистина уникатни нешта, потпомогнати со замислата на творецот.

Ангела Доневска е дипломиран Инженер - технолог од областа Дизајн и инженеринг на облека, при ТМФ на УКИМ- Скопје. Предводник е на 3Д демпартментот за дизајн на облека во рамки на приватна компанија, а во рамки на индустријата има искуство од околу 5 години. Покрај креациите, таа создава уникатни 3Д решенија во кои ја сублимира својата креативна имагинација. На тој начин, облеката е видлива од сите агли...

* Напредната технологија им овозможува на оние кои се занимаваат со текстил и креирање да создадат автентичен дизајн користејќи најсовремени алатки. Во вашиов случај, што е потребно за да се формира еден ваков дизајн што го продуцирате?

- Подемот на технологијата во изминативе години, создаде можности за имплементација на современи концепти за поедноставување и унапредување на процесите, како во модната, така и во текстилната индустрија, особено во околностите на пандемија. Предноста на софтверите наменети за оваа индустрија, како Clo 3D е она што му овозможува на дизајнерот неограничени можности за развој на продуктот, од идеја, до манипулација со шаблони, селекција на материјалии, подесување на физички својства, до комплетно создавање на фото-реалистичен прототип, без непотребно трошење на ресурси, тотално еколошки и етички. Единственото што е неопходно за создавање на 3Д облека е комбинација на знаењето од текстилната индустрија со вештините за формирање 3Д објекти.

* Кон каква облека сте насочени? Дали се работи за современ пристап и интерпретација на дизајнот или сепак поврзувате повеќе тематики во едно?

- За мене секој сегмент и гранка од индустријата претставуваат достоен предизвик и секогаш се стремам максимално да одговорам на истите. Во изминативе години најчесто развивав машки корпоративни колекции, но побарувачката за женски и детски линии исто така не отсуствуваше.  Најчесто користам современ пристап во интерпретација на дизајните но, се случува по барање на клиентите да се осврнам и кон експериментален пристап за посакуваните резултати. Инспирацијата варира и може да датира од минатото, или пак да е комплетен контраст кој асоцира на футуризам. Не е ретко и барањата од клиентите да се многу концизни, што го намалува просторот за креативност, а ги зголемува очекувањата за професионален пристап и ефикасна реализација на идејата.

* Како оди процесот најпрвин, па се‘ до финалниот продукт?

- Најпрво, се прави анализа на брифингот за посакуваното парче облека или целосната колекција. Најчесто како појдовна точка се користат CAD илустрации кои се технички приказ за функционалностите и деталниот изглед на облеката. Потоа се цртаат шаблоните за шиење, се задаваат материјали, текстури и помошни материјали доколку се содржани патенти, копчиња итн., навидум како во текстилната индустрија. По виртуелното шиење врз аватар кој се користи како човекова база, облеката добива 3Д облик кој е реалистичен приказ на шаблоните кои сме ги примениле. 

* Колку е тешко или лесно на ваков начин да се изведува облеката и што потоа откако ќе биде претставена во 3Д?

- Секоја професија доаѓа со своја тежина но, би рекла дека дигиталниот процес е подеднакво макотрпен како и еден технолошки процес во реалноста, доколку се цели кон прецизност со сите детали и доработки. Процесот во софтвер се базира на реалните процеси во една производна линија па од таму, 3Д објектот е пред `се виртуелен приказ за облека. Сепак неговата примена од ден на ден е поширока, најпрво низ сите дигитални канали и виртуелни платформи во модната и гејминг индустријата, а потоа и како реален продукт со употребна вредност доколку биде произведен и пласиран во продажба.

* Каков дизајн ви го привлекува најмогу вниманието и зошто?

- Најмногу внимание ми привлекува дизајнот на облека која нема реална употребна вредност и служи за креативна размена на информации помеѓу дизајнерите и конзументите, во таканаречен виртуелен универзум. Зборувам за изведбата на виртуелната облека, чија примена има јасна граница со реалноста и е наменета да остане во пиксели. Таа облека има моќ да ве натера да експериментирате со стилот, да ја ослободите вашата имагинација, но никогаш нема да виси во вашиот гардеробер. Постои можност дизајнот на ваква облека да игра значаен удел во подемот на одржливата мода и глобалната идеја за борба со алокација на ограничени ресурси, како и  промената на неетичкиот третман на луѓето кои ја создаваат нашата облека. 

* Како клиентот го одбира дизајнот- дали му го воочувате најпрвин 3д приказот и дали облеката може идентично да се изведе како и на приказот?

- Клиентот добива јасен приказ за финалниот изглед на дизајнот, најчесто со детална карта на применети материјали и колор варијанти (се темелат на глобално користени, унифицирани шифри за бои) преку кои што е релативно лесно да се дојде до финален избор, соодветен на барањата. Усовршувањето на ваквите софтвери и рендерите, овозможува фото-реалистичен резултат кој е идентичен на производот, до степен што понекогаш фотографијата/видеото се користи за маркетинг цели и стратегии  од страна на клиентите и е клучна алатка за бројни современи модни кампањи зад кои стојат светски брендови.

* Освен дизајн на облека во 3Д, дали работите и на други нешта во 3Д?

- Моментално ги надградувам вештините за изведба на обувки во 3Д, што беше логичен чекор по совладаните техники за дизајн на облека, чанти, очила и шапки. Секако можностите дозволуваат да создадете `се она што може да постигне вашата имагинација. 

* Колку овој начин има перспектива кај нас, а какви се вашите искуства во странство?

- Овој начин ќе има перспектива кај нас доколку на новите генерации им се даде шанса да го изучуваат како современ метод на работа, што е случај во најпрестижните високообразовни институции во најголемите модни центри низ светот. Потребно е малите и големите претпријатија да ги спознаат бенефитите од неговата примена и да направат чекор кон модернизација на процесите. Со ширење на побарувачката за ваков кадар и  преку негова имплементација во индустријата, соодветно би се создала и  конкуретност на глобалниот пазар. Од моето искуство со странскиот пазар, започнувајќи ширум Европа, се до САД и Австралија, неспорно е дека квалитетот, сразмерно со ефикасноста и професионалноста, се примарно највреднуваните одлики кои би ве издигнале кон интернационална кариера.


Небојша Толески

Фото: Приватна архива