Несуден криминалист со врвни резултати: Интервју со Александар Кираџиев, најдобриот македонски маратонец

Добивај вести на Viber

Оваа година ќе се фокусирам на постигнување на висок резултат на Скопски маратон, а тоа е резултат под 2:35. Сè околу тој резултат, би требало само по себе да ми ја донесе и петтата титула, Национален шампион во маратон. Има силна и лута конкуренција маратонци во нашата земја и очекувам силна и интересна трка

Александар Кираџиев од своите 32 години, веќе 21 активно му е посветен на трчањето. Во своето родно Скопје, домот го дели со сопругата Биљана и синчето Вања и иако дипломира на Полициска академија, денеска  работи како службеник за информациска сигурност. Покрај многубројните улоги на татко, сопруг, несуден криминалист и службеник за информациска сигурност, како една од омилените дефинитивно му е улогата „маратонец“. Имено Кираџиев е Национален првак во маратон во нашата земја, четири години по ред, а оваа година на 4-ти мај, повторно ќе ја брани својата титула на Виз Ер Скопскиот маратон. Најдобриот резултат во маратон го истрча пред 10-тина дена, на Хановер маратон и гласи 2:37:55, резултат кој повеќе од една декада не е истрчан во Македонија.

Во интервју за Женски Магазин, тој раскажа дел од своето брзо секојдневие посветено на љубовта кон трчањето и семејството.

* Кога атлетиката стана твоја пасија? Зошто баш „трчање маратон“?

- Тренирам активно од 1998-ма година. Со маратон, како и што е по книга, се занимавам после мојата 25-та година, односно последните 6-7 години. Маратонот според мене и според најголем дел од експертите, е најтешката атлетска, а можеби и Олимписка, која секако е огромен предизвик за напредок.

* Не испушташ ниту еден Скопски маратон, и веќе неколку години по ред си Национален првак во маратон, што е тајната на успехот?

- Има многу „тајни“ кои на крајот чинат резултат, но една од најголемите тајни е конзистентноста во тренажниот процес. Како поткатегории на таа „конзистентност“ може да се набројат упорноста, дисциплината, дедицираноста, истрајноста. Па понатаму како други поткатегории може да се набројат и часовите поминати во тренинг, километрите, здравиот сон, редовната исхрана. И низа на такви помали и поголеми категории. Но клучот за успех, под било какви услови е секако конзистентноста во тренажниот процес, односно да се има една здрава низа на долгогодишен процес на тренирање и во целата таа истрајност, безброј часови поминати во тренинг и резултатот несомнено ќе исплива на површина.

* Колку време имаш за маратони надвор од државава? 

- Време за маратони имам, но финансиите се секогаш ограничени. Како и што кажав претходно, многу малку фирми во нашата земја се општествено одговорни во делот на подршка на најдобрите маратонци. Оние кои ми помогнале до сега и оние кои ми помагаат, сум им крајно благодарен. Се надевам на подобри времиња, кога на фирмите гиганти, 300, 500, 1000 евра нема да им бидат трн во око, туку ќе бидат повеќе расположени да не искористат нас маратонците како еден вид подвижна реклама, но пред сè како носители на добри и здрави навики, луѓе кои сивилото во општеството го конвертираат во позитивна приказна и носат само коструктивни навики и појави кај луѓето.

* Како балансираш меѓу твојата секојдневна професија и семејство, и тренинзите за маратон?

- Се обидувам да балансирам и добро ми оди досега. Многу од луѓето не го гледаат тој аспект, туку гледаат еден човек кој само тренира и тоа е сè на светот што прави. Досега не се појавил човек во нашата земја, да се справува со сите тие обврски што ги имам јас, а сепак да работи атлетика на највисоко професионално ниво и да постигнува резултати како моите. Јас сум горд на тоа и сум мотивиран да постигнам уште повеќе, но и на тој начин се надевам да мотивирам и други да не се плашат од своите обврски и да не бегаат во сенката на алибито, туку да нагазат цврсто кон своите цели.

* Неодамна на Женската трка, твојата сопруга го понесе првото место. Дали се инспирираше од тебе или пак и таа одамна гаи љубов кон трчањето? 

- Мојата сопруга Биља(на) е рекреативно во трчањето долго време. Ние на тој начин и се запознавме (на Љубљански маратон 2014) и после извесно интензивно дружење, таа се пресели од Зрењанин во Скопје и продолживме заедно да живееме со малиот Вања. Биљана претходно работеше комплетно рекреативно, односно едноставно само трчаше. Оваа зима заедно решивме да тренира(ме) структурирано и со систематски пристап, ја следеше мојата програма беспрекорно, во голем дел и помагав во тренинзите и сето тоа доведе до еден квантен скок кај неа. Една недела по Женската трка, истрча 3:01 Маратон, второ најдобро време во Македонија, на сите времиња и многу блиску до актуелниот македонски рекорд. Таа има уште многу неотворени врати во атлетиката и тоа се надевам ќе го валоризираме заедно.

* Дали можеби и вашето синче има предиспозиции да тргне по вашите стапки?

- Искрено се надевам дека е спортски, но и генетски предиспониран за спортист. Рано е да се дефинира, има само 3 години, но покрај двајца спортисти родители, изгледа и не му преостанува ништо друго, освен да постане спортист со високи дострели. 

* Да се навратиме на овогодинешниот Скопски маратон, дали и годинава си подготвен да ја одбраниш титулата?

- Оваа година ќе се фокусирам на постигнување на висок резултат на Скопски маратон, а тоа е резултат под 2:35. Сè околу тој резултат, би требало само по себе да ми ја донесе и 5- тата титула, Национален шампион во маратон. Има силна и лута конкуренција маратонци во нашата земја и очекувам силна и интересна трка.

* Колку водата е дел од твојот успех на Скопски маратон?

- Вода пијам многу често, во текот на работното време, но и пред и по тренинзите. Не сум мерел, но најверојатно од 4-6 литри дневно, зависно од годишното време. Водата е составен дел на голем дел од организмот и клучен во виталните процеси на организмот. Минатата година имав супер соработка со нашиот најголем бренд за вода – „Пелистерка“ и се надевам во иднина на уште поголема соработка.

* Совети за оние кои ќе трчаат на Скопски маратон. Што е најважно?

- Останете позитивни, без разлика колку сте тренирале или не сте тренирале за овој наш најголем настан. Скопски маратон според мене е најпозитивната приказна во нашата држава и уживајте во тој наш најголем неофицијален празник.

* Мото кое те води низ животот?

- Упорноста, конзистентноста и вербата во себе, носи резултат без исклучок, без разлика за која сфера од животот и да зборуваме.

* По што според тебе, е најважно „да се трча по животот“?

- Трчајте по своите соништа. Колку и да се некогаш нереални, со бркање по нив, ќе стигнеме барем близу до она што го посакуваме.


Даница Караташова