Искрено со Владо Јаневски: 90% од времето сум сам со себе и така ми е убаво

Го опеа Скопје во многу свои песни, од култните скопски места во „Евергрин“, преку „Чаирска романтика“ до „Ова е само наше Скопје“. И, по шест децении реши да го смени за како што вели многу полабаво место, Гевгелија. Владо Јаневски отсекогаш го живеел животот за да ужива во него, па така прави и во овој период, кога денот во Гевгелија му поминува помирно отколку во Скопје. Новата балада „Ненормален“ е уште еден негов потенцијален хит, и повод за муабет, кој од насловот на песната, ни тргна во уште неколку други интересни правци од неговиот живот.  

*„Ненормален“, уште една балада со оригинален наслов што веднаш се лепи за уво. Во овој период на пандемија и неизвеснот, што според тебе остана нормално во нас, во целата ненормалност?

- Секое лошо - за добро е. Ако е тоа точно, тогаш и ова навидум лошо време - невреме е шанса за промена на подобро. Ама тоа е во случај да секој за себе закочи и размисли за сите нешта во сопствениот живот за кои „се немало време“ порано. А ако наместо тоа, ова „екстра време“ создадено од овој присилен застој во нашите животи го пополниме со анализи за светските теории на заговор, вмешаноста на супер силите и новите мултимилијардери во креирање на некој нов светски поредок и слично - тогаш никакво добро поединецот нема да види од „новото нормално“.

* Какви коментари добиваш засега за песната, од луѓе кои не се во музичкиот бизнис?

 - Овде во Гевгелија сум надвор од круговите во кои циркулирав кога бев во Скопје и немам многу приватни контакти, едноставно затоа што овде познавам многу малку луѓе. Така и дотокот на информации ми е прекинат, не ги следам социјалните мрежи и не ми е воопшто лошо. Па јас токму ради тоа и се доселив овде, да немам контакт со дневните вести и актуелности. Оној момент кога песната ќе се објави, мојата работа е завршена и не следам што натаму се случува со неа. Затоа што знам дека, штом стане дел од мојот нормален репертоар и почнам да ја пеам на концерти, од реакцијата на присутните ќе дознаам дали им се допаднала. 

* Неодамна изјави дека по заминувањето во Русија, во деведесетите години, си се сменил како личност, кои клучни моменти таму те направија поинаков и на кој начин?

-Тие 2-3 години во Москва пеев скоро секоја вечер, но имав многу слободно време преку ден. Тоа слободно време, во недостаток на блиски луѓе и пријатели, го користев за читање книги (што ми е страст уште од детството и од студентските денови). Имав 35 години, чувствував дека сум на некаква пресвртница во мојот духовен развој и се посветив на читање книги за кои сметав дека ги кријат одговорите за моите горливи прашања: „ Кој сум бил порано, кој сум сега и каков сакам да бидам во втората половина на животот?“ Оттаму се разви мојата вештина на интроспекција која ми помогна да се пронајдам себеси и да ја развивам вештината на бивање комотен во сопствената кожа. Со еден збор, научив да си бидам свое најдобро друштво и соговорник.

* Промена по која си актуелен е и твојата преселба во Гевгелија за која изјави дека ти годи. Како таму ти изгледа еден сосема обичден ден, кога немаш обврски?

- Со скопски сленг речено: многу лабаво. Ниту некој ме бара за друштво, ниту јас ѕвонам некому за кафе или дружба. Не сум мерел, ама сигурно 90% од времето сум сам со себе и така ми е убаво. Можеби е тоа така затоа што работните денови ми се интензивни и полни со луѓе, забава, дружење со познати и непознати. Во еден мој обичен неработен ден секогаш има време за прошетка, теретана, добар филм, интересна книга…

* Во времето кога Македонија избра свој нов претставник за Евровизија, како од оваа дистанца гледаш на твојот евровизиски настап во Бирмингем во 1999 година, на сите добри и лоши коментари кои се вртеа тогаш?

- Често забораваме дека Евросонг е натпревар на песни,  а не на пејачи! Судбината на песната и на пејачот не се неопходно врзани, и затоа мудар пејач ќе ја искористи песната како свој „Тројански коњ“ да влезе во најдобриот и најбрз курс по шоу-бизнис во Европа! Тој настап и месеците пред и потоа се неопходно и вредно искуство за секој кој сака сериозно да се бави со оваа работа. Исходот на гласањето и пласманот не играат улога во тоа дали пејачот ги согледал основните постулати на шоу-бизнисот кои се толку очигледно нагласени во организацијата на таа манифестација. Исто како и во животот, двајца другари ќе одат во исто основно училиште, ќе седат во иста клупа во гимназија, ќе учат од исти професори и книги... а како резултат едниот ќе стане криминалец додека другиот угледен судија. Таа година кога пејачот го носи епитетот на претставник на својата земја на Евросонг е многу често пресудна дали тој ќе има долга кариера или бргу ќе го снема. Учеството на  Евросонг на еден изведувач му сервира бесценети лекции, но не секој е подготвен да ги научи.  

* Се чини дека полека, но на долги стази работиш на хрватскиот музички пазар. Зошто во Хрватска постои дискографија и развиена домашна музичка индустрија, а кај нас сѐ послабо, кој нивен модел би требало да го примениме?

-  Точно е дека во Хрватска постои добро организирана (и профитабилна) музичка индустрија, иако и кај нив дискографскиот сектор е на стаклени нозе. Но многу бргу, во духот на интернетизацијата, дискографите се преструктуираа и акцентот на заработувачка од механички носачи на звук го префрлија на пласирање нова музика преку новите дигитални платформи. Маржата е помала, но и трошоците на печатење и пакување се далеку намалени. Ако на тоа се додаде фактот дека  веќе 30 години хрватските автори добиваат убави  тантиеми заради прецизната дигиталната евиденција на секое емитување на секоја песна секаде, јасно е дека во нивната музичка индустрија има убав колач за сите инволвирани. Од друга страна, кај многу од нас е сѐ уште популарен пиратскиот концепт на добивање музика бесплатно и барање „гратис“ влезници за концерт, како да е тоа нормално.

* Албумот за хрватскиот пазар неодамна го заврши, кои се следните планови за неговата промоција?

- Не знам, тоа зависи од издавачот. „Кроациа Рекордс“ ќе ми достави план по кој треба да бидам достапен за промотивни активности, меѓу другите и за една промоција во Скопје иако албумот е на хрватски.

* Ќе се повтори ли тоа и во Македонија, барем дел од оние златни музички времиња- нов албум, па по некое време концерт- турнеја?

- Новото време носи нови правила, и сѐ зависи кој како ги толкува. Музичарите нови песни ќе снимаме и натаму затоа што тоа е нашата примарна работна обврска, а кој ќе издава синглови  а кој албуми, дали некој ќе закажува поединечни концерт или турнеји како некогаш - тоа е индивидуална стратегија.

Милица Џаровска