“Ја сам Балкан бој”

Добивај вести на Viber

Во колумната “Сама си го бараше” уште на почетокот споделив што спаѓа под сексуално вознемирување, оти се’ почесто има релативизирање или пак наоѓање евтини оправдувања за очигледното сексуално вознемирување. И еве, уште еднаш ќе повториме за да имате предвид дека “не сте претерале” и ”не ви се причинило” ако ви се случило следново:

допирање или воспоставување друг физички контакт, без ваша согласност

коментари кои имаат сексуално значење

инсистирање на секс или барање други видови сексуални услуги

правење сексуални гестови или сугестивни движења на телото

сексуални шеги и коментари кон вас

прашања за вашиот сексуален живот

навреди кои имаат сексуална конотација

непристојно изложување на делови од телото

сексуален напад.

Никогаш не сум била обожувач на ликот и делото на Рамбо Амадеус, но според моето мислење (што не мора да го делите) отсекогаш бил поразличен од другите јавни личности. Ми се бендисувало што знаел да ги изренда политичарите без пардон, што немал влакна на јазикот за да ги претстави во вистинско светло сите случувања во општеството...и толку. Позитивно ме изненади што се појави и како амбасадор на добра волја на UNICEF и знам дека предизвика кај нас големо внимание со гостувањето кое беше во декември 2022 година. Нема да му ја коментирам музиката оти не сум компетентна да го направам тоа (ниту имам познавања од музика), но како жена која живее на Балканов се чувствувам и повеќе од компетентна да дадам мислење за настанот кој е актуелен деновиве.

“Товарот” кој со себе го носат јавните личности од аспект на тоа дека (сакале или не) стануваат репер кога се работи за формирање јавно мислење, е неспорен. Работата е дали ќе успеат да го износат и како, односно дали ќе се покажат достојни за улогата која ја имаат во општеството, а која им е дадена од публиката. Не знам колку пати до сега имам потенцирано дека со публика не се игра, оти токму тие кои ќе те стават на пиедестал, со истата страст и ќе ти го одземат “престолот”, ќе ти ја симнат “круната” и ќе те сместат на местото кое ќе си го заслужиш. Флертувањето со публиката има правила и граници кои ако се поминат или злоупотребат, никогаш нема да ви биде простено. Луѓето имаат долга и добра меморија, исто како што нивниот “камшик” има сила да ви го изрешета не само грбот, туку и егото. И да, грешките секогаш остануваат запишани на интернет без оглед колку и да сакате да се искупите отпосле.

И ако е недозволиво за било кој да загази во глупоштината “сексуално вознемирување”, за јавните личности тоа е еднакво на медиумско самоубиство. Во Македонија имаме еден невиден феномен на спинување кога е во прашање било кој вид прекршок, со што веднаш започнуваат препукувањата базирани на ВМРО и СДСМ, па “нашите и вашите”, па “ако не, да го вратиме режимот” (сеедно за кој режим станува збор) и така до бесконечност. Не паметам некој да сторил нешто (а да имал моќ и синдром на “знаеш ли кој сум јас”), да си добил казна која ја заслужил, па тивко и мирно да си наведне глава од срам и со тоа кај народов да се врати вербата во институциите и судството.

Значи, ако снимање на емисија за која сум се согласила (а никој не го прави тоа на слепо, туку со проучување за што емисија се работи, како се снима, кои се спонзори итн) излезе дека е спротивна на моите етички и морални убедувања, собирам парталите и си заминувам. На крајот, заминувањето е елегантен начин за да се заврти грб на сите медиокритетски збиднувања и со соодветно известување на јавноста за постапката да се поентира. И понатаму се’ одеше во правец на тоа дека жртвата е всушност нашиот Балкан бој кој немал никаква друга можност ниту начин да го искаже своето незадоволство, освен со “плескање, пипкање или штипнување”, со нагласување дека чинот е можеби сексистички, а не сексуален и дека траел една секунда со што го бранел својот сопствен интегритет!!!. Да, нагласувањето дека сето тоа траело една секунда е фантастичен податок кој би требало да не’ натера да размислиме дали вреди да се споменува плескањето/штипкањето или не! Впрочем, можеби и треба да се донесе некаква рамка која ќе одредува колкав треба да е временскиот интервал на допирање на интимен дел на жена за да биде во рангот на сексуално вознемирување (фуј!).

Да си јавна личност подразбира не само да се китиш со ловорики, туку и да застанеш кога ќе оплескаш, да наведнеш глава и да си ги признаеш грешките без да бараш оправдувања. Не за друго, туку за некои постапки нема оправдување, колку и да има тупкање по рамо дека “Рамбо друже, со тебе сме” или (демек) духовити коментари од мажите дека не би имале ништо против ако жените ги пипкале или плескале по задникот. Уморна сум од повторување дека сите вакви постапки попримаат сосем друга димензија ако се во прашање ваши сопруги, ќерки, мајки. Впрочем, јавната професија бара самоконтрола дури и кога човек е ставен во позиција да биде навреден или изманипулиран (како што тоа беше наведено).

За крај, се сложувам со една негова констатација која ќе ви ја оставам овде изворно, а која вели:

“Glavni zadatak roditelja je da djecu, prije svega, upoznaju sa kvalitetom – bilo kojim kvalitetom. Da pokažu djeci gdje se nalazi taj kvalitet, kako se prepoznaje, kako se koristi, jer dijete jednom upoznato sa kvalitetom, iz bilo koje oblasti, po automatizmu svoj kriterijum izoštrava”.

Истото важи и за тоа дека имаме задача да ги едуцираме децата за тоа што е дозволено, а што не. Имаме одговорност да ги едуцираме дека треба да реагираат штом препознаат било каква форма на сексуално вознемирување и да не дозволат да се релативизира чинот.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Немаш ден драга моја

Немаш ниту месец

Немаш точно одреден час

Во кој треба да те слават што постоиш

Вечност имаш драга моја

Вечност во која треба опеана да си

Во која себе ќе се најдеш

И рака на друга како тебе да пружиш

Немаш ти ден мила моја

Не давај ден да ти слават

Ниту на тој ден да ти се дозволи жена да бидеш

Оти тука си еден цел век

Од утро до вечер посветена

Од ден до ноќ на нозе за сите

Та трчај наваму

Трчај натаму

За сечии желби да задоволиш

За себе најмалку време имаш

И себе најмалку се љубиш

Не оти љубовта на грамови ја мериш

Туку оти од умор ко ќе папсаш

Сила повеќе немаш

Да си дадеш и себе малку нежност

Немаш ти ден душо моја

И не давај ден да ти натокмат

И само во тој ден свесна за себе да бидеш

Туку крени главата

И гласот крени го

Крени го и за оние кои не знаат како

Кои со крпче в уста пикнато живеат

И избори се за себе

А со тоа и за секоја жена која ја знаеш

Остави аманет и на женското дете дома

Да знае зад себе да стои

Да знае да застане зад секоја друга жена

Рамо до рамо

Рака в рака

Оти немаш ден во кој жена си

И немаш ден во кој мајка си

Немаш ден во кој вредиш повеќе

Од сите останати денови од твојот живот

Имаш век

Имаш вечност

Имаш љубов во себе

Оти си жена...оти си столб