Ми недостигаат зелените трафики со млечна кифла за 10 денари, ми недостига Скопје од 90-те: Колку што мислев дека доаѓа подобро време, толку би дала сѐ да се вратам во моето време


Колку што мислев дека доаѓа подобро време, толку би дала сѐ да се вратам во моето време. И горда и благодарна сум што го живеев тоа време - пишува Миа Костова. 

Некако како сите повремено да ја чувствуваме таа носталгија за едни подобри времиња, носталгија за едни поедноставни и поскромни времиња кога навистина среќата ја гледавме во малите нешта, како новогодишните тезги и кифла од 10 денари.
Брзиот начин на живот, технологијата, Интернетот - сето ова доведе до нови нужности и преференци, а кога само за миг ќе застанеме се сеќаваме дека и без нив бевме среќни, наоѓајќи радост во едноставното секојдневие.

„Скопје. А ми недостига некое Скопје од деведесеттите… Ми недостига некој друг мирис кога движиш по улица Македонија. Ми недостигаат коцките на плоштад. Ми недостига зеленилото и тезгите за Нова Година. Мене ми беше празник кога шетав по тезги со мајка ми и ќе ми купеше милион шноли и ластичиња за коса. Ми недостига една чешмичка за вода накај оној што фарбаше кожа од камени мост - десно. А тоа ми беше и патот до школо. До музичко. Ако се решевме по камени мост, касневме од тезги и ситни продавачи на мостот. Ако се решевме да одиме по Гоце Делчев, тогаш знаевме дека ни недостига време, таму немаше ништо и брзо се стигнуваше. Ми недостигаат зелените трафики со млечна кифла за 10 денари. Ми недостига елката на плоштад, толку голема а никаква. Ми недостига времето кога сите носевме монтки во разни бои, ама исти. Ми недостига Ивана да може да ме најде само на домашен или на домофон.
Колку што мислев дека доаѓа подобро време, толку би дала сѐ да се вратам во моето време. И горда и благодарна сум што го живеев тоа време.
Колку ве имам што го памтат Скопје во 90тите?“ - пишува Миа Костова сеќавајќи се на „старите добри денови“.