Нема да го жалиме Маестро Џамбаз, туку ќе ја славиме неговата музика: Игор Џамбазов за татко му на убавиот концерт во негова чест

Добивај вести на Viber

Музиката на маестро Александар Џамбазов е богата, разновидна, мелодична, топла и весела- каков што беше тој. Сношти во Филхармонија се одржа концерт во негова чест, „Омаж на маестро Александар Џамбазов“, кој го организираше СОКОМ во рамките на Денови на македонска музика.

-Тој беше Џим Кери за тоа време. Овде не сме дојдени да го жалиме Џамбазов, туку да ја славиме неговата музика“, рече Игор Џамбазов за својот машки родител, како што го нарекуваше секогаш. Актерот нагласи дека ја одбил поканата да запее. „Неме да личеше да пеев јас со Филхармонија. Во некој друг живот“, рече Игор и раскажа приказна за својот Маестро.

- Тој многу сакаше да прави расолница. Ми се чини дека цело Козле мирисаше кога ја преточуваше. Еден ден, заѕвони телефонот, се јави Славе Димитров за да ги проверат песните од „Златно славејче“. Имаше 19 песнички на тој фестивал. Додека ги проверија сите, истече цела расолница од четврти спрат. Анче тогаш му рече дека тоа му е последно правење дома“, раскажа Игор Џамбазов.

- Дедо ми Петре, кога ќе се скараа со Џамбаз, знаеше да ми каже дека сум убав на него, а талентиран за музика на мајка ми“, рече тој  низ насмевка. Потоа, објасни зошто неговиот татко имал апсолутен слух и прочита приказна која му ја напишал и посветил. „Една вечер ми се јави во 11.30 навечер и ми се пожали дека нема Интернет, но има Фејсбук“, е една од приказните кои Игор со радост ги кажа за својот маестро. 

- Сакам младите да видат дека имало и ваква музика порано“, ни рече Игор пред концертот, а неговото мислење го поделиле и организаторите, СОКОМ. Џамбазов не пишувал само популарна и детска музика туку сериозни дела за симфониски и за ревиски оркестар, кои ги изведоа музичарите од Филхармонија, а диригираше Џијан Емин.

Седумте танцови варијации за пијано и симфониски оркестар кои Маестро Џамбаз ги создал во 1977 година, како солист на пијано заедно со оркестарот ги изведе Елена Атанасовска-Ивановска, како одличен старт на оваа убава вечер. Ги слушнавме и „Реминисценција за ревиски оркестар“, „Југосаунд“ за ревиски оркестар,  „Балада за Шпато“ за ревиски оркестар , „Марциале малигано“ за ревиски оркестар и секако „Рапсодија за Скопје“, која како солист на пијано маестрално ја изведе Иво Настевски. Ана Костадиновска и Сара Пројковска беа важен дел од концертот, како придружни вокали. 

Легендарната „Охрид и јас“ ја испеа Антониа Гиговска. Голема е одговорноста да ја пееш оваа песна по големата Тереза Кесовија, но Антониа се покажа одлично- на ниво на задачата. Вистински избор за „Љубов неверна“ беше Александар Тарабунов, песна која како да е напишана токму за неговиот вокал. Никола Перевски- Пере пишува и пее сосема друг вид на музика, но беше одличен во „Само ти“, и вокално и сценски- оваа песна сосема му легна. Наде Талевска како шлагот на крај, маестрална како и секогаш, ја испеа последната песна со симболичен наслов- „Довидување“. 

Да му се каже збогум на човек како големиот Џамбаз не оди, затоа довидување маестро, до некој нареден концерт кој ќе ни ги стопли срцата како овој.

Концертот беше со хуманитарен карактер. Парите од продажбата на билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс-Мк“.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски