Ракијата е за глупаци, пивото е за забава: Игор Џамбазов и ДНК го развеселија Скопје на „Пиволенд“

Игор Џамбазов им порача на сите да се живи и здрави, пеејќи ја својата песна „Да си жив и здрав“, на претпоследната вечер од „Пиволенд“ сношти.

Посака и да дишеме длабоко. 

„Преживеавме сè, ги преживевме Бугарите. Диши длабоко Македонијо“, рече Игор пеејќи ја „Диши длабоко“, една од песните која реално го отсликува нашето живеење.  


„Како си, што си, кај се изгуби? Како си, што си, ма гледам добар си. Како си, што си, си се изменил. Како си, што си, си се здебелил.“ 

-Деветти месеци ќе ми пукне водењакот“, се пошегува Џамбазов кога ги пееше овие стихови. Откри и дека со „Гуру Харе бенд“ настапува веќе 30 години, но и уште некои важни податоци. 


-Веќе четири години, шест месеци и два дена не пијам. Ракијата е за глупаци, пивото е за забава“, рече Игор и ја испеа „Шток ми бејбе“, песната за неговата поранешна омилена пејачка на буквата Ш. И го повтори она, за него најважното: Ние сме борци против кичот, шундот, турбофолкот и плејбекот.

А, пред него, одлична атмосфера направија ДНК. Стари и нови хитови, од времето кога дел од публиката биле деца, средношколци или студенти.


„Навлечен на тебе“ во која со нив настапи и водителот Димитар Атансовски, како и „Пази се од мене“ и денес звучат актуелно.

ДНК имаа многу хитови, но можеби како најголем, барем на настапите во живо се наметна „Што сака нека биде“. Сега, оваа песна има голема конкуренција, затоа што новата „Ако утре ме нема“ е вистински хит, кој Панчо, Андреј и нивниот бенд го избраа за на бис. 


На 3 декември е нивниот славенички концерт, 20 години ДНК во А1 Арената, и настапот се заврши со покана да дојде публика во што поголем број. 


Еден и од бендовите кои настапија на craft-сцената се „Децата од старото школо“ кои имаа впечатлив настап. 


„Пиволенд“ завршува вечерва, со настапи на „Тринити стингс“, Наум Петрески, Миле Кузмановски и „Архангел“. 

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски