Сè додека еден маж не присуствува на чинот на пораѓање на сопругата, не може да биде целосно свесен за тежината низ која поминува една жена – мајка: Јордан Митев за татковството

Добивај вести на Viber

Енергичен и секогаш весел додека ги изведува неговите песни. Јордан Митев откако стана татко има и причина плус да биде среќен. Со неговата сопруга Славица ја добија ќерката Кристина, додека тој имаше музичка турнеја во  Австралија.

Пејачот Јордан Митев, за Женски Магазин раскажа за улогата како родител, но и како е кога сопругот присуствува на чинот на пораѓање.

„Позитивно влијае врз мажот кога ќе биде присутен на моментот кога ќе види како доаѓа на свет нов живот“, вели Митев.

Не секогаш во неговиот живот било така розово. Пред една година на пејачот му беше дијагностициран карцином, па итно беше хоспитализиран. Откако се изборил со најголемиот животен предизвик, Јордан вели „болниот има една желба, здравиот илјада“.

ЖМ: Неодамна ја добивте најголемата радост во вашиот живот, станавте татко за прв пат. Вашата сопруга Славица на свет ја донесе ќеркичката Кристина. Како се снаоѓате во улогата на татко?

-Фала му на Бога станав татко и имаме прекрасна ќерка. Мислам дека одлично се снаоѓам, бидејќи јас уживам во мојата нова животна улога. Кристина го комплетира и дооформи мојот свет, и не само мојот туку и светот на целото мое семејство. Секој ден нè радува со насмевката што ни ја подарува. Една љубов која ќе се обидам да ја опишам во мојата нова песна која ќе биде посветена на мојата ќерка.

ЖМ: Кристина се роди додека бевте на турнеја во Австралија. Но вие бевте присутен и на самото породување, какво е чувството да присуствувате на еден ваков чин?

-Мислам дека сè додека еден маж не присуствува на еден таков чин, не може да биде целосно свесен за тежината на тој процес кој го поминува една жена-мајка. Затоа мислам дека позитивно влијае врз мажот кога ќе биде присутен на моментот кога ќе види како доаѓа на свет нов живот. Обично нели мажот е некаде во ходниците во болницата, дома или во кафеана, добива повик и „ајде честито“, без вистински да биде свесен за реалниот процес во кој поминала жената.

ЖМ: Дали научивте да менувате пелени, и дали тато знае да и запее на малата Кристина?

-Апсолутно, татко знае се да направи без проблем. За песна пак најмал проблем, веќе пееме и веќе е напишана новата песна. За неколку дена ќе влезам во студио да ја снимам за истата да остане како еден траен запис. Инаку Кристина веќе покажува на музикалност, штом слушне музика веднаш крева раце за веселба.

ЖМ: Со сопругата Славица во брак сте скоро 7 години. Како се запознавте, која е вашата љубовта приказна?

-Сопругата ја запознав на едно од моите гостувања во Австралија. Кога Господ сака и треба да биде нешто работите се местат без да бидете свесни. А нашата љубовта приказна, па со еден два збора би ја опишал како турска серија. Но, ете не каде што сме, по 6 години брак добивме прекрасна ќерка.

ЖМ: Колку таа ви е поддршка во работата и колку ви значат нејзините критики (позитивни и негативни)?

-Апсолутно таа ме поддржува во тоа што го работам, бидејќи таа добро знае како јас сето тоа го имам создадено и како. Во брак ако немате поддршка во тоа што го работите, може да биде голем проблем. За среќа, јас ја имам поддршката и тоа максимална.

ЖМ: Колку ви се променија животните навики и начинот на функционирање откако Кристина ја имате во вашиот живот?

- Па се променија доста работи, една од работите е што не може да спиеш ако ти се спие, туку ќе спиеш кога детето спие. Но тоа е период низ кој секој родител поминува. Тоа се на некој начин убави слатки маки, бидејќи кога детето ќе ви се насмее забораваш и на уморот. Сепак не доживеав некоја драстична промена бидејќи и јас и сопругата веќе бевме комплетно зрели, свесни и спремни за улогата родител.

ЖМ: Со музиката не запирате, напротив работите и на нови песни и вложувате во себе. Што подготвува Јордан Митев ново?

-Веќе најавив дека наскоро ќе снимам нова песна посветена на нашата ќерка. Па морам да работам, не можам да ја оставам годината празна и да живеам на некоја стара слава. Времето е динамично и турбулентно, затоа човек мора да плива константно за да остане на површината од водата.

ЖМ: „Наздрави за љубов, наздрави за среќа“ е песната која ја знае и младо и старо. Неодамна бевте гостин во регионалното шоу „Никогаш не е доцна“ каде ја отпеавте и никого не оставивте рамнодушен. Какви се вашите импресии?

-Драго ми е што песната полека почнува да се пее и надвор од нашите македонски граници. Таа композиција е со неограничен рок на траење, така да и кога ќе биде заборавена, повторно некаде ќе никне. А за моето гостување во шоуто „Никогаш не е доцна“, па уште едно позитивно искуство во секоја смисла на зборот. Моето појавување таму остави силен впечаток и кај голем број публика и почнува да отвора некои нови врати и светови за мојата музичка кариера. Луѓето кои го водат тоа шоу се големи професионалци кои добро ја познаваат оваа работа и самата дружба со нив претставува чекор напред.

ЖМ: Препознатлив сте по енергичните настапи, знаете како преку песната да ја пренесете емоцијата, па често знаете и да засвирите на инструмент па дополнително со тоа да ја направите публиката уште посреќна. Но што вас ве прави среќен?

-Кога е во прашање мојата работа ме прави среќен кога ќе видам како мојата енергија и сè што давам во песната и музиката ја прави среќна публиката. Тоа е една енергија која јас ја давам, а во исто време ми се враќа и повторно ме полни. Не е лесно да се работи кај нас, бидејќи ние ги немам условите на големите артисти, тргнувајќи од техника до комплетна реализација и живот на еден професионалец, има многу падови, но некако јас го одржувам балансот да останат во лет. А кога е во прашање приватноста, ме прави среќен семејството, ме прават среќен искрените луѓе кој ги имам околу мене.

ЖМ: Имавте тежок период кој го надминавте. Ви беше дијагностициран канцер односно ретко автоимуно заболување. После едно вакво тешко животно искушение колку ви се промени начинот на живеење, навиките, исхраната но и вниманието кое му го посветувате на вашето здравје? Што извлековте како поука?

-Да, имав период кога завесата беше комплетно спуштена и настана еден тотален мрак во мојот свет кога ми дијагностицираа инвазивен планоцелуларен карцином кој мораше брзо да се отстрани. Два месеца од првичната дијагноза до конечната беше можеби најтежок период во мојот живот. Процесот на анализи, испитувања, чекање резултати, кога човек е во таква ситуација имате чувство дека еден ден трае 1 година. Но, со Божја помош некако на крај завршив со дијагноза на ретка автоимуна болест која се вика пенфигус вулгарис. Проблем со кој може да се живее доколку се стави под контрола, за разлика од првиот кој ставањето под контрола беше под знак прашање. Поука, здравјето нема цена. Во тој период бев спреман да оставам сè, да живеам во колиба, само да сум добар. Бидејќи кога ќе дојдете на работ тогаш сфаќате дека сè што правите во животот нема апсолутно никаква врска, ниту вредност. Не за џабе рекле, „болниот има една желба, здравиот илјада“. Ако човек е здрав има шанси за сè да се направи доколку се потруди. Без здравје, ништо.

Габриела Додевска Глигоровска

Фото: Приватна архива Јордан Митев