Утринско кафе со Лолита Спирова: Мојот партнер е мој најсилен извор на инспирација

Денот ми почнува со чаша вода и понекогаш некоја комбинација со лимон. Веднаш потоа излегувам на прва прошетка со моето куче. Кафе ретко можам сама да пијам, па најчесто го пијам на пладне со некој по дома или со некоја другарка.

Мојата најголема мотивација е мојот партнер. Тој е мојот најголем извор на инспирација и мојот најсилен поддржувач. Кога ја гледам неговата посветеност кон замислена цел, ме мотивира, а истовремено и ми дава сила никогаш да не се откажам. Тој е самомотивирана индивидуа. Личност од која научив да превизимам големи предизвици и ризици без страв од неуспех или повлекување. Извор ми е и на самодоверба, па точно научив кога да туркам силно и кога да успорам. 

Дневните планови зависат од тоа што планирам да направам за тој ден. Секогаш во тие планови се мојот тренинг, исхраната, работата со клиенти и нормално одморот.

Денот ми завршува со убава вкусна вечера и најчесто тоа време го поминувам сама. Во тој период размислувам, пишувам за нови проекти и реализирање на нови идеи.

Откако се запишав на магистерски студии често читам научни трудови, па ретко периодов наоѓам време за книга иако многу сакам да читам трилери. Исто така една полна полица со книги чека на ред да се прочита. Сакам и понекогаш гледам филмови, но кога морам да изберам сигурно ќе читам книга.


* Лолита Спирова - фитнес инструктор, прехранбен технолог *