Утринско кафе со Натали Китаноска: Ништо не е толку добро како долгогодишните пријателства

Кога станува збор за утринско кафе во работен ден тоа секогаш е со моите колешки на работа. Турско кафе пропратено со разговори за тоа каков ќе биде текот на денот и новите работи кои ни се случиле. Можеби повеќе од една година ова е начинот на кој што го започнувам денот. Тоа за мене, а верувам и за моите колешки е момент на зближување. Кафето ни ги означува моментите на споделување. Иако се работи за колешки со голема разлика во години утринското кафе не познава граници!

Не можам да тврдам дека кафето навистина ме расонува или ми дава повеќе енергија за денот, меѓутоа дефинитивно ми го означува почетокот на денот. Иако уживам во ритуалот на пиење на кафе прекумерното внесување на кофеин во моето тело има спротивно дејство од она на расонување, ми ја намалува енергијата и прави да се чувствувам помалку расположена од нормално.

Кафето по мој вкус е чиста класика... Една лажичка турско кафе и шеќер во зависност од тоа како се чувствувам во текот на денот. И се разбира секогаш да биде испиено додека е врело.

Дополнителна енергија добивам од насмевки со моите блиски, сестри и другарките и верувале или не добар разговор со шефицата на работа. Дефинитивно би ги издвоила и добрата музика и прошетката во природа. Кога сум со во природа се чувствувам пријатно, смирено и стабилно. На некој начин во баланс со моите мисли и чувства.

Ме мотивира времето поминато со мајка ми, затоа што ме потсетува на тоа колку треба да бидам упорна за да бидам успешна. Ме потсетува на тоа каква бев во секој период од мојот живот и каква сум сега. Тоа ме мотивира дека можам уште повеќе понатаму.

Дневните планови често пати ми се базирани на работните обврски, секогаш сакам да ми биде работата завршена на време, ја следам мојата агенда во однос на тоа какви обврски имам со обуки и слободни активности од актвистичкиот дел од мојот живот, а потоа секогаш наоѓам време да поминам со моите блиски.

Вечерта најчесто ја поминувам со моите другарки со кои се познавам повеќе од 15 години. Со нив се чувствувам исто како кога сум со моето семејство. Заедно готвиме вечера и разговараме со чаша вино или пиво... во зависност од сезоната. Секогаш наоѓаме време да раскажеме за предизвиците со кои се соочуваме. Ништо не е толку добро како долгогодишните пријателства.

Повеќе уживам во книга. На таков начин имам дозвола за развивање на мојата креативност, сама ги креирам ликовите и сама ја креирам приказната која ја читам. Тоа е можност некој да го води наративот, но сепак светот во кој се случува приказната да биде по моја мерка.

„Јас сум храбра, јас сум силна и затоа ова ќе биде најдобриот ден во мојот живот.“ Не секогаш можам да потврдам дека на крајот од денот можам да ја потврдам тезата која на почетокот на денот сум ја поставила, но секогаш вреди да се проба.


* Натали Китаноска - ПР на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, младински и активист и член на европска демократска мрежа на млади