Утринско кафе со Влатко Груевски: Кафето и музиката често знаат да ме разиграат, па не штедам на позитивна енергија

Нема да сокријам дека не станувам нешто многу рано, вообичаено околу 9 - 10 часот и прво откако ќе отворам очи, се фаќам за телефон, знам дека многумина ќе ме “сатанизираат“ во случајов, но пуштам тивка музика и проверувам распоред за дневните обврски, профили на социјални медиуми и после тоа почнува утринската рутина во купатило, брз доручек (кифлица, џус и сл.), облека и излегување од дома кон секојдневни обврски, а сето претходно наведено е проследено до самото излегување со музика од телефон, музиката ме расположува, ми дава енергија и сл. Сигурно ве интересира што музика слушам во тој момент, да ќе ви откријам, како оперски пејач, во многу гостувања и интервјуа сум посочил дека дома т.е во приватен живот скоро и да не слушам од музиката која ја работам, така да се релаксирам најчесто со турбо-фолк музика, поп-музика и сл.

Утринското кафе го пијам надвор од дома и најчесто сам, може да се случи да е во друштво, но тоа е исклучително ретко.


Искрено сум љубител на кафе, но во последниов период од 2 години поради незначителни проблеми со дигестивниот систем се трудам да го редуцирам, па така консумирам само едно, утринско, доколку се случи работно да бидам на состанок и консумирам кафе, тогаш знајте дека тоа е безкофеинско, го обожавам и тоа, инаку сум страстен љубител на турското, но и огромен љубител на капучиното. Во однос на бенефитите секако дека се присутни, после консумирање на кафе имам чувство дека конечно сум разбуден и спремен за денот, без кафето малку потешко го добивам тоа чувство, подолго ми трае заспаноста (се смее).

Воопшто не сум специфичен во однос на “кафето по мој вкус“, турското кафе го пијам горко без грам засладувач и го обожавам така, а капучиното го сакам минимално засладено, со малку цимет, ме освојува дури и со помислата, тек може да замислите со вкусот (се смее), ќе Ви откријам дека имам навика некогаш да нарачам дупло кога капучиното е во прашање. (се смее)

Освен кафето, како што споменав и погоре музиката е таа што знае често да ме разигра дома во тек на утринското спремање, да се распеам, да ми се покачи расположението до максимум, а после такво утро не штедам на позитивна енергија, која не само што ја чувствувам јас туку и ја споделувам со моите колеги, соработници и сл., не штедам на комплименти, шеги, насмевки...


Како најголема мотивација се моите веќе постигнати успеси и врвови, за дел од нив ќе споменам дека не се и надминати, во однос на тоа желбата да повторно се надминам себе си, ми ја ствара мотивацијата и желбата за работа и успех.

Комотно можам да кажам дека 12 часа сум надвор од дома, а неретко и повеќе од тоа. На прво место ми се работните обврски т.е обврските во оперската куќа, потоа следуваат приватните состаноци, работните ручеци и вечери, фотосесии, настани на кои најчесто настапувам, но и на кои сум поканет како гостин, тука се и пробите за настапите, а веќе овој период полека почнуваат припремите за новата концертна сезона, а тогаш е хаос (се смее). Знам да си дадам и време за краток шопинг, но тоа е од дома директно припремено што и како, а се почесто преферирам онлајн шопинг и ми одговара, заштедувам време. Исто така обожавам да посетам балетска претстава и ги обожавам претставите на театар “Комедија“, што значи можете неретко и таму да ме сретнете. Во блиска иднина планирам повторно да се вратам на теретаната и фитнесот па во целата гужва планирам да го уклучам и тоа.


Кога ќе си дојдам дома најчесто знам да фрлам се од себе, да облечам пижами и се одлежам на софата некои 30-тина минути во тишина и темнина, и се одморам од целиот ден, а после тоа полека се припремам за утрешниот ден, тоа е дали имам домашна обврска за учење, средам документи, одговорам на мејлови и сл., а после тоа следи кревет.

Книги вообичаено пред спиење знам да прочитам по некоја страница, ме релаксира, а ми влијае на тоа полесно да заспијам, а што се однесува до филм, ги сакам, но многу ретко гледам, мислам дека е до тоа што не наоѓам баш време за тоа нешто.


Па искрено немам некоја мисла со која го почнувам или завршувам денот, но често знам, моментот пред да станам наутро од кревет на глас да си кажам себе си “Ајде Влатко станувај!“ (се смее)



*Влатко Груевски - оперски пејач