А ако имав рак!
-
Дојдете во понеделник!!
Како тоа мислите “дојдете во понеделник“!?
Па така. Во моментов нема доктор да ви ги прочита резултатите. (Иако не сум сигурна дека “на вие“, ми се обраќаше, ама тоа сега не е важно, друг пат за ова)
- Како мислите нема доктор!?
Во целава болница нема доктор!?
-Нема госпоѓо! Петок е 13 часот.
И тоа, со таков чуден-самоуверен став ми го кажа ова “петок е 13 часот“, како со мене нешто да не е во ред, што јас не знам дека во петок во 13 часот, ни на крај памет не би требало да ми падне, дека треба да очекувам во болницава да има доктор.
Нешто како - “Кој е главен град на Македонија“!?
Во вакви моменти, вообичаено луѓето се збунуваат и им станува непријатно.
Односно, во тие 5 секунди додека ти се преиспитуваш, како да ја водиш натаму оваа комуникација и додека се препрашуваш, јас ли сум кабаетот, што не дојдов во 9, туку во 13 часот, па се препотуваш и почнуваш да се извинуваш, објаснувајки нешта кои “неа“, зад шалтерот совршено не ја интересираат и додека домашното воспитување те сопира да направиш скандал, кој би требало да го направиш, бидејки сфаќаш во шестата секунда дека си магаре со ушите нагоре и опашот надоле, шалтерот ти е веќе затворен пред нос.
Велам луѓето! Не сите луѓе. Вака како мене, реагираат само луѓето кои се‘ уште одат по редовна процедура. Упат од матичен, два, или три месеца чекање термин, доаѓање за секој случај пола саат пред термин, за не дај Боже, ако закасниш, да мораш после да окапеш цел ден, па потоа чекање резултати уште едно три-четири дена, до недела дена, за после тоа, ако се погоди петок, како ден за одење по резултати, тогаш “курбан си“. Мораш до понеделник да чекаш.
Овие другиве - “богаташиве“, одат ко господа по приватни болници, плаќаат “ко луѓе“ и за пола саат завршуваат работа.
А тоа што цел живот ми се одбива од плата за здравство и што државата не ми дава опција да не плаќам, ако не сакам, туку морам, тоа исто така “ко те пита“.
Сега ја разбирам мајка ми која цел живот го “верглаше“ ова.
Чукнувам на шалтерот, за пак да ми го отвори.
Подотвара два прста и вели едно чудно “повелете“, кое е се‘, само не повелете.
А ако имам рак!? - и ја префрлам топката, за малку таа да се збуни. При тоа сметајки дека сега ќе ја скршам емотивно. Бидејки жена таа-жена јас.
Не е до мене! Што да правам! Си заминаа докторите.
Стрпете се до понеделник. Извинете! Крева рамења и затвара шалтер.
Ова “извинете“, си мислам, сигурно е поради тоа што бев дотерана, со фризура и убав ѓердан, па може затоа се упристои малку.
Тања мааа, си велам три секунди потоа. Не е ниту поради тоа, тоа порано имаше “проѓа“. Сега дотераните и воспитаните “по старски“, се категорија, која што, што побрзо треба да се истреби.
Уф, ништо си велам. Се вртам и си одам. Заедно со книшката и упатот на кој е прикачена сметката од минатиот пат и со кој требаше денеска да ги земам резултатите.
Здрава сум и сигурно немам рак. Си мислам.
Не си мислам, туку знам, бидејќи ваквите контроли, мамографија и пап тест ги правам секоја година ова време.
Значи не сум дојдена од мака, туку поради редот на нештата.
Но таа, не го знае тоа, си велам. Ниту пак докторот го знае тоа. Оној исти доктот, или доктори кои си заминуваат во петок порано од работа.
Се вртам за да заминам и гледам четири-пет жени, во средни и малку повозрасни години, седат на столчињата и чекаат.
Немоќта им се гледа на снагата. Тагата во очите исто така. Превиткани се некако, стуткани…
Ги прашувам, иако којзнае колку нељубезно звучам, ама веќе и онака сум доволно збунета и чудна.
А вие што чекате велам!?
Докторот!
Па сестрата рече дека нема да дојде. Мене така ми кажа, или вие некој друг доктор чекате!?
Не, не истиот!
Па не ви кажаа дека си заминал!?
Ни кажаа.
Па зошто чекате!?
Па можеби сепак ќе дојде.
Сите со резултатите во рака и со очи кој веќе не знаат каде да гледаат. Ниту растреперени, ниту вознемирени. Туку некако предадени веќе. Нешто како “што биде, нека биде. Тоа е“.
Аууу, си мислам. По кој пат се одеше сега накај дома?? По кој скали требаше да искочам одовде?? Дење ли е, ноќе ли е?? Која година сме??
Кај ли е сега докторот, дали во Грција на некоја плажа. Или не! Можеби сепак не!. Можеби и тој има некоја мака поради која излегол порано од работа.
Ништо не знам.
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин