Билјана Дебарлиева: По 11 години си заминувам од Канал 5, не ми беше лесно кога се разделив од колегите

Билјана Дебарлиева денес на социјалните мрежи објави дека по 11 години, веќе нема да биде дел од Канал 5 телевизија. На Фејсбук, таа се сликаше со своите колешки, Татјана Стојановска, Даниела Богоевска и Славица Дулјанова, кои ѝ посакаа среќа во новите предизвици. 

Билјана за Женски магазин вели дека не ѝ било воопшто лесно да се поздрави со колегите со кои се дружела секој ден, и додаде дека допрва ќе раскаже на која ТВ фреквенција ќе продолжи. 

-Почнав со вести, точно во септември во 2011 години, и ете, завршив со вести. Не ми беше воопшто лесно, емоциите ме надвладеаја, не се малку 11 години“, ни изјави презентерката и новинар. Билјана се потсети кои се’ емисии ги водела на Канал 5. -Читав вести, бев еден период во Утринската програма, речиси 8 години ја водев емисијата за здравство „Визита“, ни раскажа Билјана која и претходно водеше семеjни емисии и Утринска програма на А1 телевизија, а почна во Македонската радио телевизија. 

По речиси 30 години во медиумите, Билјана остана еден од омилените ТВ ликови, најмногу поради правилната дикција и негувањето на литературниот македонски јазик. Билјана е мајка на две возрасни деца, Ана и Мики, и долги години во брак со Јован, со кој се запознала во Охрид, нејзиниот роден град. 

Вели дека за оваа промена, добила целосна поддршка од домашните. 

 -Од дома добив целосна поддршка, ми значеше нивната поддршка, советите, ама сепак оставија на крај јас сама да ја донесам конечната одлука. Не ми беше сеедно кога си одев и се разделив од драгите колеги со кои секојдневно бевме заедно, ама секој си продолжува по својот пат за нешто подобро“, ни изјави Билјана. 

- Многу добро се сеќавам и нема да го заборавам 05.09.1993. Тогаш беше всушност и моето прво појавување на телевизискиот екран. Една до две недели, претходно, првпат влегов во Македонската телевизија, како едно изгубено девојченце кое не беше свесно каде влегува и што да очекува од таа прва аудиција. Веројатно такво ми беше чувството, затоа што до тој момент, никогаш не сум ни сакала, а ни помислувала дека јас еден ден ќе се појавам на ТВ. Но, по игра на случајност, никогаш не знаеш што ти носи животот и како ќе се одвива се понатаму, несвесна дека можеби го имам талентот, а уште помалку желбата која веројатно била скриена во мојата потсвест, јас едноставно почнав на тој 5ти септември. Од тогаш до ден денес останав во медиумскиот простор“, раскажа Дебарлиева во едно постаро интервју за Женски магазин. 

М.Џаровска