Дарио со новата песна „Какви се ова времиња“ искрено го опиша времето во кое живееме (ВИДЕО)

По една година пауза, кантавторот Дарио ја промовираше новата песна, „Какви се ова времиња“, за која вели дека е негова инспирација од времето во кое живееме.

Дарио е автор на музиката на текстот, аранжманот на Кристијан Габроски, а видео продукцијата е на Александар -Ристoвски Принц. Во интерју за Женски магазин, Дарио објасни како настанала оваа песна.

- Ова е една моја уметничка експресија и мое видување на времето во кое денес живееме, ако може да се нарече живеење ова што ни се случува години наназад. Ни се случува една сурова глобална реалност со здравствени кризи и пандемии, големи воени конфликти, еколошки катастрофи, глобално затоплување, климатски промени, недостаток од храна и производи, инфлации и финансиски кризи, а овде локално ние имаме држава без закон, ред, национална свест, култура, правила и сигурност, со бескрупулозни политичари како главни ѕвезди во општеството. Имаме криминал на сите нивоа, корупција, убиства, поделби по сите можни основи, непланско градење, пренаселување и уништување на градовите и градскиот дух, масовна малодушност, сиромаштија, ѓубре насекаде, загаден воздух и токсична политичка атмосфера.

Но затоа овде веќе одамна нема морал, етика, чесност, срам, даден збор, елементарна култура, домашно воспитание, пристојност, хуманост, емпатија, еколошка и урбана свест, спокоен, пристоен и достоен живот.

Истовремено, тотално спротивно од оваа реалност, паралелно вирее една виртуелна „реалност“, еден лажен „живот“ на социјалните мрежи преполн со гламур, луксуз, богатство и 24 часовна „среќа“ и силиконска „убавина“  каде што водечки ликови се таканаречени инфлуенсерки, старлети, трендсетерки, модни блогери, јутјубери, модели, богати ментално извитоперени татини и мамини синови и ќерки“, рече Дарио.

Новата песна „Какви се ова  времиња“ можете да ја видите на следниот линк: