Се живее лажен „живот“ преполн со гламур, луксуз, 24 часовна „среќа“ и силиконска „убавина“: Искрено со Дарио
Во пресрет на славење на 40 годишнината од својата
кариера, за Дарио Панковски може да се каже дека е среќен човек. Кариера која
трае толку долго, стабилен брак и семејство. Иако вели дека не го сака лажниот
сјај на социјалните мрежи, активен е повремено, само кога има нешто да каже. А,
има голема порака во новата песна „Какви се ова времиња“, која се промовира во
вистинско време и на искрен начин го опишува времето во кое живееме. Кај
соговорник како Дарио нема маска ниту приказни од околу, тој е отворен и
директен и во ова интревју.
*За новата песна која симболично се вика „Какви се ова времиња“, велиш дека има длабока приказна и важна порака. Ако песната би била филм, како би ја раскажал?
- Новата песна има наслов „Какви се ова времиња“ и со самото тоа кажува многу.
Ова е една моја уметничка експресија и мое видување на времето во кое денес живееме, ако може да се нарече живеење ова што ни се случува години наназад. Ни се случува една сурова глобална реалност со здравствени кризи и пандемии, големи воени конфликти, еколошки катастрофи, глобално затоплување, климатски промени, недостаток од храна и производи, инфлации и финансиски кризи, а овде локално ние имаме држава без закон, ред, национална свест, култура, правила и сигурност, со бескрупулозни политичари како главни ѕвезди во општеството. Имаме криминал на сите нивоа, корупција, убиства, поделби по сите можни основи, непланско градење, пренаселување и уништување на градовите и градскиот дух, масовна малодушност, сиромаштија, ѓубре насекаде, загаден воздух и токсична политичка атмосфера.
Но затоа овде веќе одамна нема морал, етика, чесност, срам, даден збор, елементарна култура, домашно воспитание, пристојност, хуманост, емпатија, еколошка и урбана свест, спокоен, пристоен и достоен живот.
Истовремено, тотално спротивно од оваа реалност, паралелно вирее една виртуелна „реалност“, еден лажен „живот“ на социјалните мрежи преполн со гламур, луксуз, богатство и 24 часовна „среќа“ и силиконска „убавина“ каде што водечки ликови се таканаречени инфлуенсерки, старлети, трендсетерки, модни блогери, јутјубери, модели, богати ментално извитоперени татини и мамини синови и ќерки. Овој тренд кај „обичните“, односно нормални млади и здрави луѓе создава исфрустрираност, искомплексираност, завист, разочарувања и депресии, кои понекогаш завршуваат дури и со фатален исход.
Каква идиотска хипокризија во овој толку со надеж очекуван „напреден“ 21-ви век!
Е па, постоеше едно не премногу далечно време кога се' беше многу поедноставно, но многу, многу поразлично, поубаво, почисто и вистински среќно, но ова го знаат само оние кои тоа го почувствувале, го вкусиле, го помирисале и го живееле со полни гради, а ваквите спомени се ексклузивна, моќна и неуништлива привилегија само за нив.
Верувале или не, но ако внимателно се слуша, сето ова се препознава во само три строфи и рефрен од новата песна, која е всушност химна на неколку генерации.
Што се однесува до личната карта на песната, музиката и текстот се мои, аранжманот на Кристијан Габроски, а видео продукцијата е на Александар -Ристoвски Принц.
*Долго време беше активен во угостителскиот бизниз и посветен на твојот кафе бар „Миг 21“. Што правиш сега откако веќе го немаш објектот?
- Откако се ослободив од угостителскиот „бизнис“ и сфатив дека дефинитивно не сум создаден за тоа, комплетно сум посветен и го работам она што најмногу го сакам, музиката. Доказ за ова се моите песни од овој понов период, „Еј животе“ и „Кој чека ќе дочека“, еве ја и новата „Какви се ова времиња“, а уште една готова и спремна чека на студиска реализација. Ако е од мене, доста е...за сега.
*Владее општо мислење, особено по пандемијата, дека музичарите сега кај нас не се на нивото кое го заслужуваат? Од каде наоѓаш сила и ентузијазам и понатаму да се занимаваш со музика?
- Не се сложувам со оваа констатација. Музичарите и вистинските уметници и професионалци се секогаш на високо ниво и тежнеат кон уште повисоко и подобро. Општеството, државата, културната политика и институциите се на тоа никакво ниво, а тука за жал сесрдно помагаат медиумите и бизнис секторот во земјава за да се дојде до таква констатација.
А музиката не бара сила, туку безусловна љубов, огромен ентузијазам, непресушна инспирација и нескршлива верба во себе.
*Кои ти се најдрагите спомени од твоите почетоци, која случка никогаш нема да ја заборавиш?
-Најдраги се спомените на тој мегаломански елан, ентузијазам, желба и вооодушевеност дека создаваш нешто свое и оригинално, нешто што луѓето ќе го слушаат, ќе го сакаат и што можеби ќе остане многу долго. Сакавме да правиме некои нови револуционерни работи во музиката, да го смениме светот...и добро ни одеше. За моја среќа, имам премногу незаборавни случки во кариерата, но немеме доволно простор ни за дел од нив.
*Кога би можел да смениш нешто во твојот животен пат и кариера, што би било тоа?
- Што би рекол мојот идол Здравко Чолиќ: „Ништа ја ту не бих мењао!“.
*Што мислиш, зошто Дарио трае толку долги години, што мислиш што би можеле младиве пејачи да научат од вас, ветераните?
- Дарио трае цели 40 (и со букви) четириесет години...не е лошо, а?
Инаку, младиве би можеле премногу работи за кариерата да учат и да научат од нас неколкумина, само искрено мислам дека не го сакаат тоа, мислејќи дека светот и музиката започнуваат токму од нив, само сега и само овде, иако се се уште тинејџери.
А што се однесува до „ветераните“ генерално, само во оваа чудесна земја пејачите се музички ветерани со четириесетина-педесетина години. Насекаде во светот, па и во соседството, тие се докажан квалитет, конкурентни, актуелни и интересни за публиката и медиумите дури и со дваесетина години повеќе, ама треба некој да излезе и да прошета надвор од жицата.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива