„Фактот што сме помеѓу 10-те финалисти на НЛБ проектот „Рамка за помош“, става печат за тоа дека сме вистински општествено одговорна компанија“: Георги Михаилов основач на платформата Разговор.мк

Добивај вести на Viber

НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението.

Ова е проект за поздрав, посебно што веќе четврта година НЛБ успева да одржи континуитет во рамки на еден цел регион. Нивната порака е дека единствено заедно можеме да се справиме со клучните предизвици со кои се соочуваме во општеството, односно дека секој треба да соработува и активно да придонесе за решенија.

Затоа, со Рамката за помош, оваа година се даде одлична можност на оние кои работат за доброто на луѓето. Односно се избраа 10 финалисти од нашата земја, но и на секој поединечен пазар каде што работи НЛБ Групацијата, а секој од нив ќе биде награден со финансиска и комуникациска поддршка.

Потоа, регионалната комисија ќе избере 3 победници на проектот, од 60-те финалисти од Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Добитниците ќе бидат објавени на 9-ти мај 2024-та година во Љубљана, а ќе добијат значајна финансиска поддршка која ќе им овозможи полесно да ја реализираат својата визија и да почнат да ги менуваат општеството и светот на подобро.

Еден од финалистите е и Разговор.мк, платформа за грижа за менталното здравје, основана во 2020 година. Ова е мобилна апликација преку која луѓето можат анонимно да пребараат над 80 лиценицрани психолози и со истите да закажат и одржат сесија онлајн. Ова е прв и единствен ваков продукт во Македонија. Нивна мисија е да го направат себе-откривањето јасно, лесно и пристапно за сите. 65% од корисниците преку разговор.мк за прв пат разговарале со психолог во својот живот. Нивната визија е амбициозна – да го прошират досегот надвор од Македонија, нормализирајќи ја грижата за менталното здравје во регионите каде што е најпотребна.

Токму за деталите разговараме со основачот на оваа платформа, Георги Михаилов.


1. Колку време постоите на пазарот и од каде идејата за еден ваков уникатен проект?

- Разговор.мк е на пазарот скоро 4 години. Првите закажани сесии при крај на Јули месец во 2020 година. Идејата првично беше различна и имаше за цел да ги користи блиските врски што ги имаме со нашите пријатели за да не мотивира да си задаваме лични цели и истите да ги извршуваме. Секако, додека ова се развиваше, разговаравме со многу луѓе за идејата и добивме различен фидбек. Увидовме дека иако пријателите можеби имаат најдобри намери за нас, не значи дека секогаш ќе го знаат вистинскиот начин да ни помогнат. Веднаш ни стана очигледно дека ќе мораме да вметнеме професионалци во процесот и тука се роди првичната идеја за Разговор.мк. Ја искодиравме првата верзија, која патем овозможуваше само сесии со допишување, контактиравме неколку психолози и ги креиравме нивните профили. Напишавме една кратка статија и понудивме 70 бесплатни сесии. Овие сесии се искористија во 2 дена и тоа го сфативме како сериозен знак дека сме нашле проблем за кој имаме решение.

2. Ова е прва и единствена апликација во Македонија од ваков вид, каде корисниците можат да пребаруваат повеќе од 80 психолози. Колку сте задоволни од досегашното искуство?

- За сега сме задоволни од одзивот кој го имаме и кај психолозите и кај клиентите. На почетокот често се соочувавме со скептицизам, но денес може слободно да кажеме дека Разговор.мк е дел од секојдневието на повеќе од 1000 луѓе. Како тим, најмногу нè радува кога ќе прочитаме некоја рецензија оставена за психолог после сесија. Луѓето буквално знаат да напишат поезија за тоа какво влијание имал психологот во нивниот живот. Секако, најголемиот удел во тоа го има самиот психолог, но ние сме горди што овозможивме лесен пристап до грижата за менталното здравје и што онлајн советувањето и психотерапијата денес е реалност во Македонија.

3. На кој начин функционира апликацијата и како се наплаќаат услугите? Дали клиентите кои ќе одберат психолог преку вашата апликација покрај анонимноста можат да очекуваат и повластени цени?

- Еден од најчестите коментари што ги добиваме од коментарите е колку е едноставен целиот процес. Клиентите ја симнуваат нашата мобилна апликација и креираат анонимен профил (или се најавуваат со е-пошта). По ова, можат да ја разгледаат нашата листа од над 80 лиценцирани психолози и за секој од нив да видат информации од типот на лична биографија, пристап во работата, работно искуство, со какви предизвици најчесто работат, а исто така можат да разгледаат и прегледи направени од претходни клиенти за психологот. Откако ќе одлучат со кого сакаат да разговараат, си бираат датум и време и начин на комуникација (може да биде допишување, аудио или видеоповик), за на крај  да платат со нивната картичка и да го резервираат одбраниот термин. Кога ќе дојде време да се одржи сесијата, се пуштаат на апликацијата и истата ја одржуваат. Алатките кои ние ги изградивме не само што овозможија полесен начин за закажување и на одржување на сесии, туку ја направија грижата за менталното мздравје и попристапна за сите. Така, денес просечната цена на сесија на Разговор.мк е нешто под 900 денари. Ако споредиме со цените на сесиите на живо пред Разговор.мк, ова е намалување од некаде околу 40%. Секако, цената може да биде уште пониска доколку се работи за сесија со допишување или доколку психологот понуди попуст.

4. Кои се предностите а кои недостатоците на ваквиот начин на воспоставување релација и соработка на линија психолог-пациент?

- Секако, постојат предности и недостатоци кога ќе се споредат двата начини на соработка. Она што го слушаме од клиентите е дека се пресреќни што не мора да патуваат и да губат 1 час во патување до канцеларијата на психологот и назад, што можат да разговараат со психолог од друг град и што со помош на апликацијата можат да го водат целиот процес. Дополнително, ваквиот начин на работа им заштедува на психолозите значајни трошоци поврзани со заем за простор и сите трошоци поврзани со истиот, а ова се рефлектира на самата цена на сесија. Исто така, кога соработката е онлајн, се отвораат можности за прецизно мерење на резултатите и прогресот од советувањето. Овие податоци се значајни од повеќе аспекти.

5. Која е вашата следна цел? Дали планирате надоградување на апликацијата и

збогатување на менито и содржините?

- Веќе некое време работиме на новата верзија на нашите апликации. Врз база на коментарите од клиентите и психолозите, создаваме уникатно решение кое нескромно ќе кажеме дека е со светски квалитет. Секако, нашата цел е да се пробаме на глобалниот пазар и да создадеме македонски продукт кој ќе го користат милиони луѓе. Околку новите содржини, ние веќе организираме онлајн работилници и предавање и скоро секојдневно објавуваме статии и артикли на теми поврзани со менталното здравје. Нашата цел со овие содржини е да ја одржуваме темата за менталното здравје во јавниот дискурс и да едуцираме што е можно повеќе луѓе. Еден од проектите на кои почнавме да работиме од почетокот на 2024 година се токму онлајн предавањата. Ова се 90-минутни предавања на различни теми поврзани со ментално здравје и се продаваат по исклучително ниски цени (200-300 денари). До сега организиравме најмалку 10 и истите ги посетија повеќе од 250 луѓе. За крај овде би ги спомнал и бесплатните прашалници, тестови и вежби кои се достапни за сите преку нашата веб страна. До сега нашите тестови и прашалници се пополнети над 35,000 пати.

6. Што велат статистиките, дали Македонците се ослободија од предрасудите да побараат помош од стручно лице, токму поради оваа апликација?

- На ова сме особено горди, според нашите аналитики и одговори од клиентите над 65% од луѓето кои закажале сесија преку Разговор.мк, тоа го направиле за прв пат во животот. Значи, над 65% од клиентите зборуваат со психолог за прв пат во животот и тоа токму преку нашата мобилна апликација.

7. Вие сте едни од 10-те финалисти на проектот „Рамка за помош“ на НЛБ Банка. Кои се вашите очекувања?

- Најпрвин, би сакале и јавно да се заблагодариме на НЛБ Банка за нивната поддршка. Фактот што сме помеѓу 10-те финалисти на некој начин става печат за тоа дека сме вистински општествено одговорна компанија. Инаку, нашите очекување секако се големи и се надеваме на едно првите 3 места на регионално ниво.


Линк за веб:

 https://razgovor.mk

Линк за андроид:

 https://play.google.com/store/apps/details?id=com.culturetech.razgovormk.consumers

Линк за иос: 

 https://apps.apple.com/us/app/%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%B3%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D1%80-%D0%BC%D0%BA/id1548149967


* Е. А.