Сузан Акбегле за ликот кој го толкува во „Балканска приказна“: Елена има многу заеднички особини со мајка ми

Добивај вести на Viber


Кога актерот комплетно ќе и се посвети на улогата, производот несомнено е осуден на квалитет. Токму тој ефект го постигна Сузан Акбегле, актерка од Турскиот театар со ликот на Елена, во серијата „Балканска приказна“ која се емитува на Сител телевизија. Вели дека во приватноста е сосема поинаква. Никогаш не сакала да биде доминантна личност во семејството. Честопати ни самата себеси не се трпела на снимање, кога постојано морала да им вика на ќерките и на сопругот.

ЖМ: Како луѓето реагираат кога ќе ве сретнат или ќе ве запознаат, добивте ли поголема армија на фанови периодов кога се емитува „Балканска приказна“?

-Со оглед на тоа што ликот кој го играм во серијата е многу различен од она што сум во секојдневието, на луѓето им е потребно малку време да ме препознаат дека тоа сум навистина „јас“. Секако дека бројноста на фановите се зголеми со самото емитување на серијата во Македонија.

ЖМ: Го толкувате ликот на Елена авторитена и строга жена, мајката на главниот лик Јованка. Колку таа има заеднички особини со вашата мајка? Каков беше вашиот однос?

-Една од главните и пресудни причини за да го прифатам ликот во серијата беше токму тоа што има многу заеднички особини со мојата мајка. Од една страна помислив дека ќе биде лесно да го изградам ликот со којшто растев. Од друга страна беше предизвик да бидам јас мојата мајка. Да, таа беше многу строга, но сè додека не израснав во личноста со којашто денес се гордеам. Не можев да разберам за каде ме спрема мојата мајка, за армија или за животот.

ЖМ: А, колку ликот е близок на вашиот карактер?

-Воопшто не е. Не сум, а и никогаш не сум сакала да бидам доминантна личност во семејството. Ликот мораше да биде интересен и впечатлив, па некогаш се одеше и во крајност. Честопати ни самата себеси не се трпев на снимање, кога постојано морав да им викам на ќерките и на сопругот.

ЖМ: Главното дејствие се случува во конакот. Каде тој се наоѓа, беше ли приспособен за потребите на снимањето?

-Конакот се наоѓа во населбата Гази Баба, напуштен од своите сопственици, кој одговараше на барањата на продукцијата, поради стариот и автентичен изглед. Не претрпе многу промени поради автентичноста.

ЖМ: Додека ги гледате епизодите, кои спомени ви се навраќаат, каква беше атмосферата зад камерите? Со кого посебно се спријателивте и сè уште сте во контакт?

-Често ми се навраќаат шегите и убавите спомени поминати со тимот зад камерите со кои бевме како семејство. Со колегите коишто беа од Република Турција поминував повеќе време, низ скопските кафулиња и места кои сакаа да ги посетат. Секако дека тука беа и моите колеги од Турскиот театар со кои се познаваме веќе подолго време и сè уште се дружиме и работиме. Најблиска бев со Јованка, Марија, Даниел, Ајшен и Нериман со кои сè уште контактираме.

ЖМ:.Секое снимање е и нова шанса за докажување на актерот. Но и можност за нови ангажмани. Ви се отворија ли портите кон актерскиот пазар во Турција?

-Портите кон турскиот пазар ни се отворија пред 17 години кога ја снимавме серијата „Збогум Румелија“.Серијата три години се снимаше во Македонија и се емитуваше паралелно на АТВ телевизија. Од тогаш започнаа понудите за серии и филмови во република Турција.

ЖМ: Нахсинхронизацијата е актерство, поинакво од она на кое актерите се навикнати. Тука не помага гестикулацијата, телото и играта со него. Туку само умешноста да се користи говорниот апарат. Вие го нахсинхронизирате на македонски ликот кој го играте. Дали тежината на работата е еднаква, поточно каде е разликата?

-Одговорноста е подеднакво иста, со онаа која ја имаме кога работиме кој било лик. Имаме обврска приближно да го доловиме ликот кој го надсинхронизираме, не само гласовно туку и со емоција соодветна на дадената сцена која е одиграна од ликот.

ЖМ: Театарот е најголема уметничка форма, неговата непосредност, со можноста да не насмее, расплаче, да не растажи и шокира е рецепт за неговото вековно постоење. Кои се новините поврзани со вашиот ангажман во Турскиот театар?

-Во периодов ја работиме претставата „Лавина“ од Тунџер Џуџеноѓлу во режија на Наташа Поплавска. Премиерата е на 30 април во Турскиот театар.

ЖМ: Која е Сузан приватно? Што ја радува, а што ја прави тажна, имате ли некое хоби?

-Неколку работи ме прават среќна. Времето кое го поминувам со моето семејство и поддршката која ја добивам од нив. Ме радува креативниот процес во кој секој од нас несебично се вложува во работата. Тажна сум која луѓето многу ветуваат а ништо од тоа не исполнуваат. Уште како мала сите мои хобиња беа поврзани со креативност. Сакав да плетам, да везам на платно, да сликам на стакло. Сеуште го правам тоа во слободното време. Освен тоа сакам да читам, да се занимавам со градинарство, да пешачам, да возам велосипед, да вежбам јога и фитнес.


Соња Алексоска Неделковска