„Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата е проект создаден за организации како нас, многу деца, училишта ќе ја добијат нашата поддршка и опрема која ќе придонесе за подобро утре: Борче Стаменов за „Донирај компјутер“

Добивај вести на Viber

НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението.

„Еден човек е доволен за да започне низа на позитивни промени“, ова го вели Борче Стаменов од Кавадарци кој со неговата организација „Донирај компјутер“ докажа и покажа како се прават „тектонски поместувања“ кога станува збор за хуманоста.

Иницијативата на Борче и пријателите во јавноста беше препознаена во периодот на пандемијата кога учениците имаа онлајн настава, па потребата од бесплатен компјутер повеќе беше добредојдена. Досега „Донирај компјутер“ има направени нешто помалку од 3000 донации, а опремени се 52 училишта во нашата држава, а компјутери добиле околу 2000 семејства.

Хуманата мисија на „Донирај компјутер“ ја препозна и НЛБ Групацијата, па оваа година им дадоа можност на оние кои работат за доброто на луѓето да бидат и наградени како дел од проектот „Рамка за помош“.

Во проектот одбрани се 10 финалисти од нашата земја кои ќе бидат наградени со финансиска и комуникациска поддршка. Во проектот „Рамка за помош“ одбрани се 10 финалисти од нашата земја. Во овој проект ќе има 3 победници кои ќе ги одбере регионалната комисија, од вкупно 60-те финалисти од регионот, како Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија.

Добитниците ќе бидат објавени на 9-ти мај 2024-та година во Љубљана, а ќе добијат значајна финансиска поддршка која ќе им овозможи полесно да ја реализираат својата визија и да почнат да ги менуваат општеството и светот на подобро.

1. „Донирај компјутер“ стана меѓународно позната и признаена иницијатива, како започна целата приказна за основање на организацијата?

- Иницијативата започна сосема случајно. Во компанијата каде сум вработен скоро 22 години, на врата се појави една женичка која бараше половен компјутер за нејзините 3 деца. Ние како компанија имаме доста клиенти кои својата дотраена опрема ја оставаат кога набавуваат нова. Средив една од тие машини, ја ставив во кола и им ја однесов до дома. Радоста на тие дечиња во тој момент ја зачнаа идејата за ова што денес е „Донирај компјутер“. Тоа се случи декември 2016-та година.

2. За време на пандемијата итната потреба за компјутери за следење на настава стана неопходна. Но не секое дете има компјутер или пак семејство кое може да купи компјутер. Преку вашата иницијатива „Донирај компјутер“ невозможното го направивте возможно, раскажете ни како се одвиваа тогаш работите и во која насока понатаму се развиваше вашата приказна?

- Пандемијата ја истакна техничката неспремност на многу држави да се справат со немањето ИТ опрема и можноста да се изведува онлајн настава. Овде мислам и на училиштата и на домаќинствата. „Донирај компјутер“ во тоа време беше не толку позната иницијатива. Но, тоа се смени многу брзо. До почеток на пандемијата имавме донирано 300 компјутери за 3 години. Луѓето очајно бараа компјутер плус. И им беше лесно на оние кои имаа да купат барем еден, но тука беа и оние другите граѓани. Оние кои не можеа да купат ниту на рати. Брзо се рашири веста дека во Кавадарци има таква иницијатива која донира половни компјутери на социјално загрозени семејства. За една година успеавме со многу труд и работа, да собереме над 1300 компјутери и од нив да средиме околу 1100, да ги поправиме, инсталираме, спакуваме и испратиме бесплатно на семејства низ цела држава.

3. Колку компјутери досега се донирани на поединци (семејства) и во колку училишта?

- Моментално сме на нашата 2932-ра донација. Преку нас се опремени 52 училишта со по минимум 20 компјутери за нивни кабинети и околу 2000 семејства низ цела Македонија.

4. Колку хуманитарци сте вклучени во приказната „Донирај компјутер“ и има ли самоиницијативни волонтери кои сакаат да се приклучат кон оваа иницијатива?

- Во „Донирај компјутер“ скоро цело време волонтираат по околу 30 лица. Во кавадаречката работилница сме јас, Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов. Покрај нас, во согласност со договорот кој го потпишавме со локалното техничко училиште „Киро Спанџов Брко“, секојдневно имаме нивни ученици кои кај нас доаѓаат на практична настава. Веќе ни е спремна и скопската работилница каде одговорни ќе бидат Живко Коцев и Драган Ризов. Инаку, секој кој сака да научи нешто или има претходно знаење е секогаш добредојден да се приклучи и да помогне.

5. „Донирај компјутер“ е еден од 10-те финалисти од проектот „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата, кој ќе поддржи проекти кои го подобруваат и збогатуваат општество и решаваат предизвици. Што значи ова за вас како организација?

- Секоја помош ни е добредојдена. Ние како иницијатива немаме редовни приливи на средства. Повикот на НЛБ ни дојде во вистинско време. Со средствата кои ги добивме како полуфиналисти планираме да набавиме резервни делови кои ќе ни бидат потребни за досредување на компјутерите на кои им недостига некој дел или да ја опремиме скопската работилница со алат кој ќе ни биде потребен за поправки.

6. Кажете ни нешто повеќе за проектот со кој се пријавивте на „Рамка за помош“?

- Овој проект е како создаден за организации како нас. Ние зависиме од донации. На нашиот сајт имаме оставено наши сметки на кои граѓани и компании можат да не поддржат финансиски. Тоа се обично мали донации. Тие средства ги користиме да набавиме резервни делови, да набавиме компјутери, алат, поправка на автомобилот кој исто така го добивме со донации од граѓани преку проект кој го имавме со ecrowd.mk. Ние како цел си имаме зацртано дека ниту едно дете во нашата земја не треба да остане без техничка опрема. Немањето услови и алат за работа и учење се едни од главните причини за иселувањето, пред сè, а после тоа и неквалитетно образование.

Недостатокот на кои било од двете работи кои ги спомнав погоре водат до лица кои ќе останат необразовани, лица кои нема да можат да најдат подобро платена работа, лица кои веројатно ќе завршат како социјални случаи и ќе бидат на товар на државата. Нашиот проект се бори да не дојде до тоа. Ако освоиме кое било од трите места во проектот „Рамка за помош“ на НЛБ групацијата тој пат кој го одиме ќе ни биде многу полесен. Многу деца, многу училишта ќе ја добијат нашата поддршка и опрема која ќе придонесе за подобро утре на сите граѓани.

7. Благодарение на НЛБ „Рамка за помош“ вие како финалисти ќе добиете и финансиска поддршка. Каква цел ќе реализирате со финансиите?

- Нашата цел е едноставна и иста од самиот почеток на иницијативата. Опремување на семејствата со ИТ опрема за да секое дете добие еднаква можност за подобро и поквалитетно образование. Исто е и со училиштата. Секое училиште да ја има потребната опрема за да може да изведува настава со квалитет еднаков на оној кој го имаат насекаде по Европа па и светот.

8. Секој поединец е одговорен и треба да има идеја како сите заедно да изградиме подобро општество, вашата идеја веќе се реализира. Среќни и насмеани лица и едно „благодарам“ е она што го добивате за возврат. Дали вреди целиот труд кој го вложувате сите заедно да изградите подобра иднина?

- Покрај многуте награди, благодарници и признанија кои ги добивме во изминатите години, за најголема награда е искреното „благодарам“ кое го добиваме од дечињата кои од нас добиваат компјутер или алатка. Ние покрај се веруваме дека децата во Македонија го заслужуваат тоа. Со нашите активности се бориме и веруваме дека ќе го запреме и трендот на иселување кој мислам дека се јавува и поради неквалитетното образование. Да, секоја потрошена секунда во работење за да тоа стане реалност, вреди.

9. Станавте големо народно движење и луѓето ја препознаа вашата искреност и желбата да помогнете на државата и на лицата во социјален ризик. Какви се реакциите кога ќе ве препознаат улица?

- Супер е тоа да те препознаваат и да ти честитаат за работата која ја работиш. Тоа воедно ми е и најубава награда. Мене искрено најмногу ме радува кога ќе видам човек што носи „Донирај компјутер“ маичка, се препознаваме меѓусебно насекаде и разменуваме по неколку реченици за влијанието кој го имаме во општеството.

10. Понекогаш и еден човек е доволен да направи позитивна промена во општеството доколку има желба и поддршка. Кој е вашиот мотив?

- Тоа всушност е и нашиот мотив. Мојата идеја започна со мене и се прошири низ цела држава. Сега имаме соработници од речиси секој град. Компании, здруженија, невладини организации и луѓе кои заедно со нас, нашата искреност и нашата борба за подобро утре ја претвораат во реалност. Да, еден човек е доволен за да започне низа на позитивни промени.

Г.Д.Г